• сабота, 16 ноември 2024

Концерт на камерниот состав Трио АУРА, добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година

Концерт на камерниот состав Трио АУРА, добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Во Музеј на македонската борба во Скопје вечер концерт ќе одржи камерниот состав Трио АУРА, добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година.

Камерниот состав Трио АУРА го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски, кои истовремено се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Триото АУРА има долга и богата концертна кариера, како во Македонија, така и на меѓународната сцена. Нивниот репертоар вклучува бројни солистички и камерни настапи во САД, Франција, Германија, Швајцарија, Белорусија, Австрија, Англија, Бугарија, како и во Азија, Африка, Србија и Словенија, на кои добиваат исклучително позитивни критики.

- Музичките рецензенти ги нарекуваат „мајстори на својот инструмент“, а нивните импресивни настапи на значајни фестивали како Охридско лето, Скопско лето, Златна лира, БУНТ Белград, Софија, Нишки фестивал, Фестивал Барски љетопис, Еспресиво – Цетиње, Нимус, Ледамус, Врање, Ваљево и многу други, ги позиционираат меѓу најдобрите и најактивни музички изведувачи во Македонија. На концертните сцени, како дома така и во странство, Трио АУРА изведува дела од различни музички епохи и стилови. Впечатлива е нивната посветеност на промоцијата на нови дела од македонски композитори, специјално компонирани за нивниот состав, се вели во соопштението од организаторите на концертот.

Се додава дека нивното високо естетско камерно музицирање се карактеризира со „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“. цр/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан