Во Скопје дијалог за политики на високо ниво за јавната администрација во Западен Балкан
- „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“ е темата на Годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), што ќе се одржи денеска во Скопје.
Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“ е тема на Годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), што ќе се одржи денеска во Скопје.
Министерството за јавна администрација од синоќа е домаќин на дводневната конференција на министерско ниво на земјите членки на Западен Балкан, под покровителство на ReSPA.
На конференцијата за дијалогот за политики на високо ниво (HLPD) за јавната администрација во Западен Балкан денеска ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Од овој настан се очекува да произлезат заклучоци и стратешки документи со кои, како што изјави синоќа министерот за јавна администрација Горан Минчев, јасно ќе го наведеме нашиот пат кон идните реформи во јавната администрација.
Со синоќешниот 16. Министерски состанок на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA) претседаваше Минчев, а присуствувале министри и високи претставници од земјите-членки на ReSPA, вклучувајќи ја министерката за јавна администрација на Албанија, Адеа Пирдени, министерот за јавна администрација на Босна и Херцеговина, Давор Буноза, министерот за јавна администрација на Србија, Јелена Жарич Ковачевиќ, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, како и претставници од Европската комисија и други клучни меѓународни партнери.
Како што соопштија од Министерството за јавна администрација, седницата ја потврдила значајната улога на ReSPA во развојот на јавната администрација во Западен Балкан. Членовите на Управниот одбор, ја поздравиле успешно реализираната програма за 2023-2024 година, која вклучува голем број активности за зголемување на капацитетите на над 1.200 јавни службеници, развој на регионални политики, како и имплементација на иновации во дигиталната администрација. ReSPA продолжува да биде важен двигател на реформите и иновациите во јавната служба, со големи достигнувања во програмите за мобилност на јавни службеници и зајакнување на административните капацитети.
- Оваа Министерска седница на Управниот одбор на ReSPA е уште еден чекор напред во нашата заедничка заложба за модерни, професионални и транспарентни јавни администрации, кои ќе бидат во служба на граѓаните и ќе придонесат кон интеграцијата на регионот во европското семејство. Верувам дека овие два дена ќе резултираат со конкретни препораки и заеднички иницијативи кои ќе придонесат за подобро управување, зголемена транспарентност и поголема доверба на граѓаните во јавните институции. Владата на Република Македонија останува посветена на регионалната соработка и реформските процеси како основа за подобра иднина за сите нас, истакнал министерот Минчев.
На седницата бил усвоен Годишниот извештај на ReSPA, буџетот за 2025-2026 година и донесени насоки за идните активности. Дополнително бил донесен и стратешкиот план на ReSPA за периодот 2025-2030, кој ќе ја насочи организацијата кон понатамошно зајакнување на јавната администрација во регионот.
Директорката на ReSPA, Ханџиска-Трендафилова посочила дека постигнатите резултати ја одразуваат непоколебливата посветеност на целиот тим на ReSPA во напредувањето на извонредноста во управувањето со посветеност и визија.
- Се уште сме определени да ја постигнеме оваа цел преку регионален политички дијалог, учење, зголемување на капацитетите и мрежно поврзување, додека им обезбедуваме на јавните службеници суштински можности за раст и обликување на нова ера на размена на јавни службеници. Нашите значајни постигнувања беа овозможени од силната поддршка на нашите членки на ReSPA и од зајакнувањето на нашите партнерства со клучни институции на Европската комисија, јавни институции во земјите-членки на ЕУ, познати институти, академија и граѓанско општество. За нас во ReSPA, особено охрабрувачки знак е признанието за нашиот придонес во зголемувањето на административните капацитети и поттикнување на реформите во управувањето од страна на лидерите на ЕУ и Западен Балкан на Самитот на лидери на ЕУ-Западен Балкан, посочила таа.
Министерот Минчев го предал претседателството на ReSPA на Црна Гора, со што министерот Дукај ја презел улогата на претседател на Управниот одбор, продолжувајќи ја успешната соработка на ReSPA за иновации во јавната администрација. цр/лв/
Фото: Министерство за јавна администрација