• петок, 11 октомври 2024

Началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на состанок на Иницијативата за соработка во одбраната во Виена

Началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на состанок на Иницијативата за соработка во одбраната во Виена

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во Виена, Република Австрија, учествувал на состанокот на началници на Генералштабови на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната – DECI (Dеfence Cooperation Initiative), на која формално се приклучивме минатата година.

На состанокот, како што соопштија од ГШ на Армијата, учествувале и заменик командантот на здружената команда на НАТО во Неапол, заменик командантот на КФОР и командантот на ЕУФОР-АЛТЕА.

- Преку нивните согледувања и стручни дискусии, се разгледаа повеќе актуелни теми кои влијаат на безбедноста во регионот, како и улогата на операциите на НАТО и ЕУ врз зајакнување на регионалната стабилност, во кои Армијата на Република Северна Македонија дава значаен придонес, стои во соопштението.

На отворањето на 12-иот состанок на Иницијативата за соработка во одбраната, генералот Лафчиски ја истакнал важноста на нашето членство во оваа иницијатива, нагласувајќи дека во денешното сложено безбедносно опкружување не само што ги зајакнуваме нашите национални одбранбени капацитети, туку придонесуваме и за колективната безбедност на целиот регион.

Република Северна Македонија, како нов член на оваа иницијатива, нагласил, е длабоко посветена на исполнување на својата улога во ова партнерство, овозможувајќи колективната безбедност да биде отпорна, приспособена и подготвена за предизвиците што претстојат.

Началникот на Генералштабот со свои излагања учествувал на панел-дискусиите посветени на: регионалната стабилност и безбедност, можностите за градење на капацитети, обука и соработка, како и вклученоста на Иницијативата за соработка во одбраната во меѓународните организации.

Генералот Лафчиски посочил дека нашето учество во овие организации е повеќе од одбрана и нашата земја останува сигурен партнер на меѓународната сцена, посветена на колективниот мир и напредок на нашиот регион и светот.

На крајот од состанокот се утврдила понатамошната динамика на активностите и состаноците, по што од страна на началниците на Генералштабовите беше потпишана заедничка изјава.

Иницијативата DECI е формирана под покровителство на Италија во 2012 година како иницијатива од регионален карактер, фокусирана на безбедносната соработка меѓу земјите од Јадранското и Балканското подрачје со членство на Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Унгарија, а подоцна се приклучуваат Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.

Началниците на Генералштабовите на земјите учеснички се состануваат еднаш годишно за согледување на меѓусебната одбранбена соработка и усогласување на понатамошниот развој на заедничките проекти, како и да разговараат за безбедносната ситуација во поширокиот Балкански регион. цр/са/

Фото: Генералштаб на Армијата

Остани поврзан