• петок, 22 ноември 2024

Народната банка продолжува со збогатување на статистиката ‒ нов показател за должничките хартии од вредност

Народната банка продолжува со збогатување на статистиката ‒ нов  показател за должничките хартии од вредност
Скопје, 5 ноември 2022 Имајќи ја предвид потребата од обезбедување детални и сеопфатни податоци за финансиските инструменти, Народната банка на Република Северна Македонија започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност. Овој показател ги прикажува финансиските врски помеѓу секторите во националната економија, како и помеѓу секторите на националната економија и секторот странство, врз основа на должничките хартии од вредност. Со изработката и објавувањето на овие податоци се збогати сетот расположливи статистички податоци усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди, коишто на редовна основа ќе се објавуваат на интернет-страницата на  Народната банка. Со тоа, на носителите на економските политики, но и општо на пошироката јавност им се става на располагање детален стандардизиран преглед, изработен по принципот „од кого на кого“, за состојбата на должничките хартии од вредност по институционални сектори иматели и издавачи на хартиите од вредност. Податоците се изработуваат со квартална динамика и се однесуваат на состојбата на крајот на секој квартал, на неконсолидирана основа, искажани во домашна валута (во милиони денари). На интернет-страницата на Народната банка е објавена временска серија податоци за периодот од првиот квартал на 2016 до вториот квартал на 2022 година, како и кратки методолошки објаснувања коишто содржат подетални информации за дефиницијата, опфатот, меѓународните стандарди, секторизацијата, изворите на податоци и вреднувањето на должничките хартии од вредност. Изработката на показателот за должничките хартии од вредност е уште еден исчекор на Народната банка кон обезбедување на потребните дополнителни показатели во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоци СДДС плус на Меѓународниот монетарен фонд. Народната банка го исполни овој стандард во 2019 година, придружувајќи ѝ се на групата 18 земји во светот коишто го исполнуваат. Народна банка на Република Северна Македонија __________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан