• четврток, 04 јули 2024

Народната банка го усвои Стратегискиот план за периодот 2025 – 2027

Народната банка го усвои Стратегискиот план за периодот 2025 – 2027

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Народната банка го усвои Стратегискиот план за периодот 2025 – 2027 година.

Како што информираат од Народната банка, Стратегискиот план е поставен под мотото „Централна банка којашто придонесува за градење стабилна, одржлива и зелена економија“, со што воедно се утврдиле главните области на коишто посветено ќе работи во следните три години.

При изработката на Стратегискиот план биле земени предвид динамичното окружување, новите предизвици и можностите од трендовите на глобалната сцена.

- Покрај традиционалните надлежности во областите на спроведувањето на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, управувањето со девизните резерви, економските истражувања и статистиката, ефикасноста на платниот систем и управувањето со готовината, особен акцент е ставен на справувањето со трендовите коишто се развиваат и коишто ќе ги обликуваат овие законски функции во наредните години. Затоа, проактивно се утврдени пет стратегиски области. Сето ова е со цел да се овозможи поголем придонес за одржлив и инклузивен раст на македонската економија, поддржувајќи ја нејзината зелена и дигитална транзиција, велат од централната банка.

Првата стратегиска област е посветена на унапредувањето на централнобанкарските функции заради одржување на стабилноста и градење модерна централна банка.

-Во овие рамки, акцентот е ставен на унапредувањето на рамката за водење на монетарната политика, истражувачките капацитети, управувањето со девизните резерви и зајакнувањето на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, супервизијата, решавање банки и заштитата на потрошувачите, велат од Народна банка.

Во рамки на втората стратегиска област, особено внимание се обрнува на развивањето нови вештини заради поддршка на дигиталната трансформација, рационализирање на работните процеси, зголемување на ефикасноста во работењето и унапредувањето на знаењето за управување со податоците и аналитичките способности, преку искористување на моќта на најсовремените технологии. Во центарот на вниманието, како што посочуваат, се иновациите преку коишто централната банка и натаму ќе се трансформира во модерна и агилна институција.

-Во третата стратегиска област е нагласена постојаната посветеност кон унапредување на транспарентноста и соработката, како и редовните активности за хармонизација на домашната регулатива со најдобрите европски и други меѓународни практики. Централно место во оваа област зазема посветеноста на финансиската едукација, насочена кон зголемување на финансиската писменост и вклученоста на населението. Следејќи го мотото за следните три години, Народната банка во четвртата стратегиска област ќе преземе активности за градење одржлива и зелена економија, зголемување на свесноста за климатските промени и јакнење на сопствените капацитети за справување со предизвиците коишто произлегуваат од овие промени. Во петтата стратегиска област се вградени аспектите на унапредувањето на внатрешните процеси и отпорноста на глобалните предизвици и закани, како и соодветното управување со финансиските и со нефинансиските ризици, во време на значајни глобални предизвици и променливо окружување, велат од Народната банка.

Како што посочуваат, сите стратегиски области заедно ќе бидат основа за успешно остварување на визијата на Народната банка, препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција, којашто со својот интегритет и кредибилитет ја поттикнува и ја гради довербата кај јавноста.

Стратегискиот план на Народната банка на Република Северна Македонија претставува среднорочна рамка за следните три години, во согласност со која се остваруваат мисијата, визијата и вредностите на централната банка, а со тоа и успешно се исполнуваат нашиот мандат и надлежностите.

-Како и досега, ќе бидеме цврсто посветени на квалитетот, интегритетот, лојалноста, транспарентноста, лидерството, иновативноста, флексибилноста, професионализмот и негувањето силно чувство за тимски дух, велат од Народната банка.фф/лв/

Фото: Народна банка

Остани поврзан