Напредокот во Заедничкиот акционен план со проекти во низа области во фокусот на средбата на замениците на МНР на Грција и Турција
- Со цел дополнително да се зајакне значајниот напредок постигнат во овој динамичен и континуиран процес, двете страни се согласија да ја продлабочат соработката во постоечките области и да ја разгледаат можноста за вклучување нови теми во агендата, во рамките на Позитивната агенда, пишува во заедничката изјава на заменик-министрите за надворешни работи на Грција и на Турција Харис Теохарис и амбасадорот Мехмет Кемал Бозај, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 21 јануари 2026 (МИА) – Со цел дополнително да се зајакне значајниот напредок постигнат во овој динамичен и континуиран процес, двете страни се согласија да ја продлабочат соработката во постоечките области и да ја разгледаат можноста за вклучување нови теми во агендата, во рамките на Позитивната агенда, пишува во заедничката изјава на заменик-министрите за надворешни работи на Грција и на Турција Харис Теохарис и амбасадорот Мехмет Кемал Бозај, јави дописничката на МИА од Атина.
Замениците МНР одржаа средба во рамките на деветтиот круг разговори за Заедничкиот акционен план во рамките на Позитивната агенда меѓу двете земји.
Двете страни го поздравиле постигнатиот напредок во Заедничкиот акционен план, кој опфаќа проекти од заеднички интерес во трговијата, економијата, царините, туризмот, транспортот, иновациите, науката и технологијата, земјоделството, заштитата на животната средина, социјалното осигурување и здравство, младинските прашања, образованието и спортот и бизнис-соработката.
- Беше истакнато дека, покрај темите што веќе се успешно реализирани, има задоволителен напредок и во други прашања од агендата. Состаноците во рамките на Заедничкиот акционен план ја поставуваат и рамката за завршување на соодветните договори, кои можат да бидат потпишани на следната седница на Високиот совет за соработка, пишува во заедничката изјава, како што соопштија од грчкото МНР.
Вчера, заменик-министрите за надворешни работи на Грција и Турција Александра Пападопулу и Мехмет Кемал Бозај се сретнаа во рамките на политичкиот дијалог меѓу двете земји, а во фокусот беа билатералните односи, случувањата по последната средба на политичкиот дијалог, регионалните и меѓународните прашања, како и подготовките за следниот Совет за соработка на високо ниво. ср/ми/
Фото: Министерство за надворешни работи на Грција