• петок, 27 декември 2024

Во Намибија, пет дена по изборите, започна објавување на првичните резултати: СВАПО води, но опозицијата на суд ќе го оспори резултатот

Во Намибија, пет дена по изборите, започна објавување на првичните резултати: СВАПО води, но опозицијата на суд ќе го оспори резултатот

Виндхук, 2 декември 2024 (МИА) - Во Намибија дури денеска почна објавувањето на резултатите од изборите што се одржаа во средата, а кои укажуваат на победа на кандидатот на владејачката партија.

Опозицијата го оспорува резултатот, повикувајќи се на фактот дека поради технички проблеми гласањето незаконски е продолжено за три дена, до саботата.

Оваа јужноафриканска земја има историја на главно непречени избори и е пофалена како една од постабилните демократии во регионот.

Конечните резултати се очекуваат неделава, а опозициските партии велат дека валидноста на изборите ќе ја оспорат на суд.

Изборната комисија на Намибија веќе објави дека нема да има повторени избори и покрај барањата на опозицијата.

Според првичните резултати, води потпретседателката на земјата Нетумбо Нанди-Ндаитва (72) од владејачката партија СВАПО, поранешен член на нелегалното движење за независност на Намибија. Таа доби 56 отсто од вкупниот број гласови, но преброени се само 220.000 од околу 1,4 милиони гласови.

Пандулени Итула од опозициската партија Независни патриоти за промени се најде на второто место со 27 отсто од гласовите.

Намибијците во средата гласаа за претседател и пратеници.

Намибија е управувана од СВАПО од независноста од апартхејдот Јужна Африка во 1990 година.

Додека Нанди-Ндваитва се повикува на славна историја на нејзината партија, СВАПО се бори со фрустрацијата на Намибија поради високата стапка на невработеност и другите економски тешкотии, особено кај младите. Корупциските скандали ја нарушија нејзината репутација како ослободител на земјата.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан