Над 720 матуранти во Прилеп полагаат изборен предмет од државната матура
- Во Прилеп денеска 723 матуранти од петте средни училишта го полагаат изборниот предмет од државната матура. Најголемиот дел од нив избраа да полагаат англиски јазик.
Прилеп, 8 јуни 2024 (МИА) - Во Прилеп денеска 723 матуранти од петте средни училишта го полагаат изборниот предмет од државната матура. Најголемиот дел од нив избраа да полагаат англиски јазик.
Полагањето се одвива без проблеми, велат од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ каде има најмногу, односно 220 матуранти кои полагаат.
-Од 220 ученици кои од гиммназијата полагаат државна матура 205 се од гимназиските паралелки, а 15 од спортската академија. Најголемиот број од учениците го избраа англискиот јазик, 47 ученици избраа да полагаат математика, а само 6 полагаат германски јазик. Имаме 15 тестатори и уште 4 резервни и еден набљудувач од Бирото за развој на образованието. Очекуваме успешен ден, учениците да си напишат она што го научиле и го знаат. Не очекуваме некаков проблем, зашто и минатиот пат сѐ протекна во најдобар ред, рече Весна Михаиловска, директорка на гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Матурантите нагласија дека не очекуваат да биде тешко тестирањето, порелаксирани се од првото полагање на 1 јуни. Потенцираа дека најбитно е сите да го покажат тоа што го научиле.ем/фф/
Фото: МИА