• петок, 22 ноември 2024

Над 400 натпреварувачи на традиционалните Тодорови трки во Виница

Над 400 натпреварувачи на традиционалните Тодорови трки во Виница

Виница, 23 март 2024 (МИА) - Повеќе од 400 натпреварувачи, од предучилишна возраст до пензионери, учествуваа на традиционалните Тодорови трки што денеска се одржаа на градскиот стадион во Виница.

Манифестацијата бележи скоро едновековна традиција и е поврзана со верското празнување на Тодорова сабота, а организатор е Локалната самоуправа на Виница со поддршка од локалниот бизнис сектор.

-Горди сме што и годинава ја продолжуваме традицијата на еден од најмасовните културно-спортски настани во нашата општина. Масовно сме собрани овде што го покажува интересот на граѓаните за одржување на спортскиот дух и заедничкото дружење. Со одржување на оваа манифестација придонесуваме за негување, афирмирање и популаризирање на културното наследство, а на младата популација ги пренесуваме духовните и спортски традиции што се карактеристични за нашиот крај и за одбележувањето на верскиот празник посветен на Свети Тодор, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Учесниците на трките се натпреваруваа во десет дисциплини, а најмасовни беа детските и младинските категории кои ги одмерија силите во трчање и возење велосипед. Меѓу поатрактивните дисциплини во сениорска конкуренција беа трчањето во вреќа, пренесувањето јајце во лажица, трчање со патерици и влечење јаже.

За победниците во секоја категорија беа обезбедени вредни награди како донација од приватни компании во Виница и Кочани. Во рамки на манифестацијата имаше и музичко-забавна програма со настап на локален дувачки бенд. та/сст/

фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан