• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
11 јуни 2022 (МИА)   1509.- Англискиот крал Хенри Осми се оженил со првата од шесте жени, Катарина Арагонски. 1727.- Умрел британскиот владател од германско потекло Џорџ Први, првиот монарх на Велика Британија од хановерската династија. На престолот го наследил неговиот син Џорџ Втори. Во текот на неговото владеење од 1714 година па се до смртта функцијата на премиерот се искристализира како клучна во извршната власт. 1859.- Умрел австрискиот кнез Клеменс Метерних, кој како министер за надворешни работи и канцелар четири децении ја кроел надворешната и внатрешната политика на Австрија, а во многу што и судбината на Европа. Шеф на дипломатијата бил од 1809 до 1821, а од 1821 до 1848 канцелар, кога бил тргнат во мартовската Виенска револуција и бил принуден да емигрира во Англија. 1864.- Роден е германскиот композитор и диригент Рихард Штраус, долгогодишен директор на Виенската опера. Компонирал опери, балети, соло-песни, камерна музика. Дела: синфониските поеми „Дон Жуан“, „Тил Ојленсшпигел“, „Симфонија Алпа“, „Животот на јунакот“, оперите „Салома“, „Електра“, „Каваљер со ружа“, „Египетска Хелена“, „Арабела“, „Данајнина љубов“. 1869.- Македонската црковноучилишна општина во Неврокоп упатила писмо до великиот везир во Цариград, во кое барала решавање на црковното прашање преку поставување владика од словенско потекло. Чувствувајќи опасност, Цариградската патријаршија го заострувала курсот на својата панелинска политика и ги активирала своите органи на теренот против воведувањето црковнословенски во црквите и во училиштата. Започнало гонењето на се што е словенско од страна на грчките владици. Тогаш биле уништени голем број словенски ракописи и богослужбени книги. 1880.- Родена е американската пацифистка Џенет Ренкин, првата жена која станала член на Американскиот конгрес. 1891.- Велика Британија и Португалија потпишале конвенција за поделба на интересните сфери северно и јужно од реката Замбези во Африка, со која Њаса (сегашен Малави) станала британски протекторат. 1902.- Во селото Ракитница, Крушевско, во борба против турската војска загинал Веле Марков, македонски револуционер, социјалист, член на ТМОРО и војвода. Во борбата загинале и неколкумина негови соборци. Веле Марков бил роден во селото Селце, Крушевско, во 1870 година. 1910.- Во Сент Андре Кибзак, во близина на Бордо, Франција, е роден Жак Кусто, француски истражувач на морските длабочини и режисер на документарни филмови за животот во морето. Познати се филмовите „10.000 метри под морето“ и „Светот на тишината“, а има снимено и повеќе телевизиски документарни серии. Умрел на 25 јуни 1997 година. 1955.- Во автомобилската трка „24 часа Ле Ман“ загинале 80, а биле повредени повеќе од 100 гледачи по судирот на три автомобили кои влетале во гледалиштето. 1970.- Умрел рускиот државник Александар Фјодорович Керенски, член, а потоа и претседател на привремената влада по Февруарската револуција во 1917 година во Русија. По симнувањето од власт, во 1918 година емигрирал и од 1940 година до смртта живеел во САД. 1979.- Во Лос Анџелес умрел Џон Вејн (вистинското име му било Морион Мајкл Морисон), американски филмски актер, режисер и продуцент. Играл главно во вестерн-филмови, толкувајќи ликови на правични и осамени луѓе. Филмови: „Поштенска кочија“, „Рио Гранде“, „Црвената река“, „Вистинска храброст“ (Оскар), „Рио Браво“ и други. Роден бил во Винтерсет, на 25 мај 1907 година. 2005.- Министрите за финансии на седумте најразвиени земји во светот и Русија, таканаречената група Г-8, во Лондон постигнале историски договор за отпис на 40 милијарди долари долг на најсиромашните земји во светот. 2005.- Умрел поранешниот португалски претседател на владата, генералот Васко Гонсалвес, еден од водачите на португалската „Револуција на каранфилите“ во 1974 година, кога бил трнгат од власт режимот што своевремено го воспоставил Антонио Салазар. 2008.- Сменетиот крал на Непал - Ѓанендра ја напуштил својата палата во Катманду и започнал живот како обичен граѓанин. Династијата која со Непал владеела 240 години била тргната откако со хималајската монархија завладеале маоистите. 2013.- На 79-годишна возраст починал полошко-кумановскиот владика Кирил. Средно богословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година се замонашил во манастирот Свети Причеста во Кичево. Студирал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск каде завршил прв степен на студиите. Со недовршен факултет две години потоа бил повикан во Македонија. Во 1967 година во соборниот храм "Свети Димитриј" во Скопје, бил хиротонисан во епископски чин. Раководел извесен период со Австралиската и со Американско-канадската епархија. Во 1987 година бил назначен за Полошко-кумановски митрополит. Коавтор е на монографијата "Почит кон Свети Кирил Солунски-Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим", Скопје, 1979 година. По упокојувањето на Архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар Архиепископот Ангелариј времено ја извршувал должноста на архиепископскиот трон. Прогласен бил за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник бил на повеќе признанија и на Орден заслуги за народ. Владиката Кирил бил роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, Преспанско. 2015.- На 69-годишна возраст починал познатиот театарски и филмски актер Благоја Спиркоски - Џумерко. Одиграл повеќе улоги, а најпознат ќе остане по улогата на Итар Пејо во „Солунски патрдии“. Бил член на Народниот театар во Прилеп од 1966 година се до неговото пензионирање. Џумерко имал огромен придонес во македонската култура со бројните остварени улоги во македонските играни филмови: „Тетовирање“, „Викенд на мртовци“, „Како убив светец“, ТВ-сериите: „Бумбари“, „Погрешно време“ и „Наше маало“. Носител бил на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ од 2011-година. Роден бил во Прилеп, во 1946 година. ###

Остани поврзан