• вторник, 02 јули 2024

Мулино: Панама веќе нема да биде транзитна земја за мигрантите

Мулино: Панама веќе нема да биде транзитна земја за мигрантите

Панама, 2 јули 2024 (МИА) - Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино во својот говор на инаугурацијата вети дека повеќе нема да дозволи неговата земја да служи како „транзитна“ држава за мигрантите низ џунглата Дарин.

„Не можеме да продолжиме да ги финансираме економските трошоци за илегалната миграција. Панама повеќе нема да биде транзитна земја за илегални имигранти“, рече тој, мислејќи на преминот на мигрантите од Јужна Америка во САД преку опасната џунгла Дарин, рута која поминува низ Централна Америка и Мексико. Во 2023 година низ него поминале половина милион луѓе.

Мулино (65) рече дека оваа бројка ја смета за „шокантна“ и дека има намера да бара решенија со „инволвираните земји, особено со САД, кои се крајната дестинација на мигрантите“.

Десничарскиот претседател завчера се сретна со американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, со кого потоа потпиша договор вчера за враќање на мигрантите кои патувале преку Дарин до колумбиската граница. Со овој договор „САД ќе ги поддржат напорите на Панама да започне брза, безбедна и хумана репатријација на мигрантите кои немаат правна основа да останат во Панама“, изјави по потпишувањето Адриен Вотсон, портпаролка на Советот за национална безбедност на САД. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан