Модни ревии на македонски дизајнери, документарец, диџеј-сетови и дегустација на македонски производи на „Expo 30“
- По повод одбележувањето 30 години независност на државата, денеска и утре во Музејот на современа уметност ќе се одржи „EXPO.30“, во организација на Боттега евенти и поддржан од Владата на Ре
Скопје, 16 септември 2021 (МИА) - По повод одбележувањето 30 години независност на државата, денеска и утре во Музејот на современа уметност ќе се одржи „EXPO.30“, во организација на Боттега евенти и поддржан од Владата на Република Северна Македонија.
Според организаторот Боттега евенти, во фокусот на „EXPO.30“ е македонската мода претставена преку премиерна проекција на документарен филм кој нуди ретроспектива на македонската мода во првите 30 години независност и преку модни ревии на 10 македонски модни дизајнери, одбрани претставници од трите декади и групна модна ревија на три факултети за моден дизајн.
- Македонската мода на овој настан ќе ја претстават домашните модни креатори, на 16 септември ќе се одржат модните ревии на Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и Нела Тодоровска – „Маригуча“, а на 17 септември се ревиите на Лидија Георгиева, Силвија Михајловска – „Алшар“, Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев. На заедничка ревија ќе се претстават и студентите по моден дизајн од три факултети, од Институт за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет и Факултет за текстил, дизајн и моделирање при Универзитет Мајка Тереза, информира организаторот.
На „ЕXPO 30“ ќе настапат и 11 македонски диџеи, прво како музичка подлога на модните ревии, а потоа и со сопствени диџеј-сетови ќе перформираат Зоки Бејбе, Бранчез, Флудер, Дела, диџеј Маци, Чваре, Соул Кејс, Узун Баба, Џон Антонио, Чедо и Соња Исмаил. Во EXPO зоната ќе изложуваат 10 македонски компании кои на посетителите ќе им ја пренесат својата приказна за своето делување во 30 години независност и ќе понудат дегустации на пијалаци и деликатесни производи. фф/дма/