• понеделник, 23 декември 2024

МНТ со претставата „Лагата“ ја воодушеви дебарската публика

МНТ со претставата „Лагата“ ја воодушеви дебарската публика

Дебар, 29 септември 2024 (МИА) - Македонскиот народен театар со претставата „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи, синоќа настапи пред дебарската публика во рамки на фестивалот „Албански театар во Македонија“. Прекрасната изведба на актерите Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска, ја воодушевија публиката, која често ги наградуваше со бурен аплауз.

Ова е прва претстава на македонски јазик, која учествува на фестивалот, по еден подолг период, што со посебно внимание ја проследија дебрани од сите националности.

- Презадоволен сум од она што го покажаа актерите, во што бев убеден, но, искрен да бидат, посебно од реакцијата на публиката, која, вие многу подобро знаете, е надалеку позната по тоа дека е одличен познавач на театарската уметност. Воодушевен сум од пречекот. Ова е второ фестивалско учество на претставата, по она на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, каде што актерот Јордан Симонов, за улогата на Павле го доби највисокото актерско остварување, лауреат. Да не бидам нескромен зошто да не го повториме успехот и тука, рече за МИА, режисерот Бесфорт Идризи.

Инаку, ова е 23. издание на оваа значајна културна манифестација, која традиционално се одржува во Дебар, со најголема финансиска поддршка од македонското Министертво за култура, потоа општина Дебар, како и други донатори.

Отворена беше на 25 месецов, со претставата „Отворен пар“, во заедничка изведба на актери од гостиварскиот и театарот „Александар Моисиу“ од Драч, втората фестивалска вечер се претставија актерите на тетовскиот театар со претставата  „Измамите на Патук“ а третата вечер од Албанскиот театар од Скопје со претставата „Задоволства на брачната двојка“.

Дебарската публика ќе има можност да ги види и претставите „Црна комедија“ во изведба на театарот „Авдуш Асани“ од Подуево и „Графити“ на театарот од Прешево, која ќе биде последна претстава на 30 септември, по што ќе бидат доделени и наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка. вт/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан