• понеделник, 13 мај 2024

Многу земји отстрануваат советски споменици, Германија „има обврски“

Многу земји отстрануваат советски споменици, Германија „има обврски“
2 септември 2002 Дојче Веле По влезот на руската војска во Украина, многу земји започнаа со отстранување на советските споменици. Во Германија тоа не оди така лесно, споменици не може да се отстрануваат согласно дневната политика. Тенкови, статуи, релјефи: во многу поранешни советски земји, сеќавањата на комунистичката ера сè уште се присутни. Влезот на руската војска во Украина повторно ги разгоре дискусиите за споменици што потсетуваат на паднатите руски војници во Втората светска војна. Балтичките земји користат шанса и ќе се обидат во наредните недели и месеци да отстранат работи од стари времиња, иако тоа многумина не го одобруваат. Естонија: Убиствено оружје, а не историски споменик Моментално редот му е на еден музеј. Во вторникот властите отстранија спорен споменик во вид на советски тенк што се наоѓаше близу естонско - руската граница кај градот Нарва. Градот главно е населен со Руси, а споменикот важи за спорен - градските татковци своевремено се спротивставуваа на иницијативата да биде преместен. Тогаш е кажано оти тенкот е дел од идентитетот на градот. Сега споменикот е префрлен во естонскиот воен музеј близу главниот град Талин. Отстранети се и шест други споменици. Владата во Талин „даде зелено светло“ за отстранување советски споменици од јавни места. - Тенкот е убиствено оружје, а не предмет на сеќавање. Со исти тенкови низ улиците на Украина сега се убиваат луѓе, изјави премиерката Каја Калас. Во план е демонтирање на околу 400 споменици. Летонија: Поделени мислења За многумина Летонци, споменик во чест на советската победа во Рига веќе не треба да стои на своето место. За жителите кои зборуваат руски, споменикот има големо значење. Уште во јули летонската Влада одобри отстранување на 69 споменици и спомен плочи со што се величи советскиот режим. Отстранувањето на споменикот на победата би требало да заврши до 15 ноември. Поставен е 1985 година на 40-годишнината од советската победа над Хитлеровата Германија во Втората светска војна како „сеќавање на ослободителите на Советска Летонија и Рига од германско - фашистичките освојувачи“. Литванија: Имињата остануваат Во Литванија има слични дискусии. Уште во јули почна демонтирањето на споменикот на победата „што служи за величење на советската армија“ во Клајпеда. Останаа изгравираните имиња на паднатите советски војници и уште нешто, а ќе бидат отстранети само делови како мечот или црвената петокрака ѕвезда. Финска: Споменик во катран и пердуви Во Хелсинки во полн ек е дискусијата за подароците од Москва. На почетокот од август отстранет е „Споменикот на светскиот мир“ што градот во 1990 година го доби на подарок од Советскиот Сојуз. Скулптурата е една од многуте реплики на оригиналот, а Хелсинки е единствено место надвор од поранешниот Советски Сојуз каде стоеше таква реплика. Веќе во 1991 година, студенти го премачкаа споменикот со катран и го посипаа со пердуви. Девет години подоцна, некој се обиде и да го крене во воздух, но, безуспешно. Во Германија работите стојат малку поинаку И во Германија споменици се бојадисуваат или се завиткуваат со знамиња, се водат и слични дискусии. Во март 2022 година, берлинската пратеничка од ЦДУ, Стефани Бунг, побара топови и тенкови да се отстранат од еден споменик. Берлинскиот Сенат го отфрли барањето. И политичарот од Дрезден од Партијата на слободни демократи, Стефан Шарф, во март годинава на Твитер напиша: „Не, советски споменик не може да остане во Дрезден. Не поради 1945, туку поради 1953, 1968 и 2022“. Првата оклопна единица на Советскиот Сојуз, што до 1993 година беше стационирана во Дрезден, во 1953 учествуваше во задушување на народното востание во ГДР, а во 1968 во задушување на Прашката пролет. Но, ништо од тоа. Германија има обврска да ги штити и негува советските споменици - така се наведува во државниот договор што во 1990 година го склучија СРГ, ГДР и четирите победнички сили од Втората светска војна. На пример во Штралзунд, бронзениот релјеф на советски споменик е прекрасно саниран. Надлежните соопштија дека рускиот напад на Украина не се одразува на санацијата. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан