• петок, 22 ноември 2024

Мишел: Преговарачка кутија со приоритети како Украина и Западен Балкан е основа за договор

Мишел: Преговарачка кутија со приоритети како Украина и Западен Балкан е основа за договор

Брисел, 31 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска укажа на важноста на договорот за буџетот на ЕУ и посочи дека во преговарачката кутија, која беше поддржана од 26 лидери на претходниот самит и на која поддршката за Украина и Западен Балкан е наведена меѓу приоритетите, е поставена основа за постигнување на конечниот договор на 27 земји-членки на ЕУ.

Во писмото со покана до земјите-членки на ЕУ, по повод утрешниот специјален состанок на Европскиот совет, Мишел наведува дека целта е да се продолжат дискусиите за некои од најитните прашања кои се однесуваат на ЕУ, а пред се и најважно, за договорот за среднорочен преглед на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, кој вклучува пакет помош за Украина од 50 милијарди евра.

-На нашиот последен состанок во декември, 26-те лидери силно го поддржаа балансираното преговарачко поле кое зеде предвид јасен збир на врвни приоритети: поддршка за Украина, управување со миграцијата и нејзината надворешна димензија, поддршка за Западен Балкан и нашиот одговор на природни катастрофи. Оваа преговарачка кутија ги поставува темелите за финализирање на договорот 27 (земји членки), изјави Мишел и нагласи дека обезбедувањето на договорот е од витално значење за кредибилитетот на ЕУ.

Тој додаде дека лидерите на ЕУ на самитот ќе ја искористат можноста итно да ги разгледаат сите аспекти на воената помош за Украина, вклучително и испораката на муниција, во согласност со заклучоците на Европскиот совет од март 2023 година и прилагодувањето на релевантните инструменти на ЕУ, со цел побрзо да се достави помошта до Киев.

-За да го постигнеме ова, мора да продолжиме со нашите донации, да ги приспособиме нарачките и да даваме нови, што исто така ќе ја зајакне нашата европска одбранбена индустрија, рече Мишел.

Тој оцени дека „драматичните настани на Блискиот Исток бараат максимален фокус на ЕУ“ и повика на ослободување на сите заложници што ги држи Хамас без никакви предуслови, објави Европскиот совет.

-Со оглед на загрижувачките случувања во регионот, ние мора да ги решиме безбедносните прашања, да продолжиме да поттикнуваме воздржаност и да разговараме за мерките за спречување на понатамошна регионална ескалација, особено во Црвеното Море, нагласи тој.

Покрај тоа, додаде тој, ЕУ мора итно да придонесе за подобрување на „уништувачката хуманитарна ситуација“ во Појасот Газа. Мишел оцени дека лидерите на ЕУ треба да разговараат и за тоа како да се заживее политичкиот процес за решение со две држави, што тој го нарече единствена остварлива опција која може да донесе одржлив мир за Израелците и Палестинците и да ја подобри регионалната безбедност.

-Генерално, нашите напори треба да имаат за цел да обезбедат сите да го почитуваат меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, рече Мишел.

На самитот на Европскиот совет во средината на декември, унгарскиот премиер Виктор Орбан стави вето на пакетот помош од ЕУ за Украина во вредност од 50 милијарди евра. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан