• понеделник, 23 декември 2024

Мицотакис: Од 1 април минималната плата се зголемува на 830 евра

Мицотакис: Од 1 април минималната плата се зголемува на 830 евра

Атина, 29 март 2024 (МИА) – Зголемување на минималната плата во Грција за 50 евра соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната владина седница истакнувајќи дека од 1 април ќе изнесува 830 евра, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот премиер посочи дека ова е четврто зголемување во изминатите пет години откако Нова демократија дојде на власт, потсети дека во 2019 година, изнесуваше 650 евра и сега „во суштина има пораст од 27 отсто“. 

-По покачувањата во државниот сектор, по покачувањето на пензиите, се спроведува во пракса уште еден чекор во реализацијата на нашите заложби. Воведуваме трајни мерки, го нагласувам ова, трајни мерки, кои се однесуваат на милиони домаќинства и кои очигледно ќе важат и откако ќе поминат меѓународните зголемувања на цените, за да можеме да ја постигнеме поставената цел: во 2027 година просечната плата во нашата земја да биде1.500 евра, а минималната плата 950 евра, рече Мицотакис.

Објасни дека зголемувањето на минималната плата ќе значи и зголемување на уште 18 додатоци и бонуси. ср/рп/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан