• петок, 22 ноември 2024

Мицотакис: Ако новата власт во Скопје го оспорува Договорот околу името и ја нарекува земјата така како што сака, европскиот пат ќе остане затворен

Мицотакис: Ако новата власт во Скопје го оспорува Договорот околу името и ја нарекува земјата така како што сака, европскиот пат ќе остане затворен

Атина, 21 мај 2024 (МИА) – Сакам и овде, на неколку километри од нашата граница, да испратам порака до Скопје и до новата власт: во случај да настојуваат да го оспоруваат јадрото на договорот во врска со името на државата и да ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот денешен говор во Лерин, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека „ова не го кажува со радост“, бидејќи, како што рече, соседи сме и Грција сака да имаме добри односи.

- Граѓаните на Северна Македонија не сакаат ниту тензии, ниту национализам. И посакувам и се надевам дека ќе се вразумат и ќе се вратат на правилниот пат, рече Мицотакис.

Грција е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни, а Мицотакис попладнево одржа предизборен митинг во Лерин во рамките на денешната посета на северозападниот дел на земјата.

И овој пат, меѓу другото, во обраќањето до граѓаните се осврна и на односите со нашата земја и на Договорот од Преспа.

-Денеска сум овде во Лерин, на границата на нашата земја и треба да ви кажам дека сум прилично незадоволен поради фактот што нашите северни соседи одбраа во овие околности да го вратат времето назад и да го оспорат името на нивната земја, кое е договорено преку меѓудржавен меѓународен договор, рече Мицотакис.

Потсети дека Нова демократија беше против Договорот од Преспа, но како што посочи, тогаш со апсолутна искреност рекол дека не може да се промени, да се искине или да се смени со еден закон и член, бидејќи е меѓународен договор. ср/аа/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан