• понеделник, 18 ноември 2024

Мицкоски: Замрзнувањето на цените не е популарна мерка, но Владата мора да реагира, трговците да бидат одговорни

Мицкоски: Замрзнувањето на цените не е популарна мерка, но Владата мора да реагира, трговците да бидат одговорни

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Не е популарна мерка да замрзнувате цени и да ограничувате маржа. Тоа нема врска со пазарна економија. Но, кога гледате дека одговорноста е се помала и дека имате дуопол, триопол, а некогаш и монопол на пазарот, тогаш како Влада мора да реагирате со ваков тип мерки со кои ќе работите во интерес на граѓаните, оние кои ве гласале, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со најавата дека се подготвува план за лимитирање на цените на производите што се неопходни за успешен и порелаксиран почеток на учебната година.

Според Мицкоски, сите граѓани треба да се однесуваат одговорно, вклучувајќи ги и трговците.

-Сите треба да сме одговорни, да споделуваме одговорност и со таа одговорност да одговориме на потребите на граѓаните. Како Влада цениме дека на овој начин, а подоцна во денот откако оваа одлука ќе биде усвоена ќе имаме прес-конференција и во Владата ќе објасниме и ќе направиме симулација што значи оваа одлука и колку ќе заработат трговците, колкава ќе биде заштедата на домаќинствата и очекуваме дека сите ние заедно во овој тежок период треба да понесеме дел од својата одговорност и да одиме напред, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден. 

Тој укажа дека трговците зависат од потрошувачката моќ на граѓаните.

-Колку е таа потрошувачка моќ поголема, толку и трговците ќе бидат позадоволни. Тоа е причински-последично поврзан процес. Очекувам да се постапи, доколку не се постапи се разбира има закони во оваа држава и законите ќе бидат аплицирани, истакна премиерот.

За маржите кои трговците треба да ги прилагодат до крајот на септември, премиерот е уверен дека се ќе биде завршено во најдобар ред.

-Денеска е третиот ден од септември. До крајот на септември имаме уште 27 дена. Јас сум убеден дека се ќе биде завршено во најдобар ред, нагласи премиерот.

На прашањето како го коментира ставот на дел од економистите кои тврдат дека доколку дојде до намалување на даноците за оние од 10 на 5 проценти може државата да се соочи со санкции и да биде ставена на црната листа, Мицкоски одговори дека „поради дел од тие економисти се наоѓаме во оваа ситуација“. Владата, потенцира, ќе направи реформа во даночниот систем и санкции  нема да има.

-Да, ги слушнав тие економисти и поради дел од тие економисти ние се наоѓаме во оваа ситуација во која се наоѓаме. Ние ќе направиме реформа во даночниот систем и нема да има санкции да бидете убедени во тоа и Македонија ќе остане земја со најниска даночна политика во Европа. Зошто е тоа важно, зашто ни се потребни инвестиции, зашто инвестициите носат нова технологија, знаење, отвораат нови работни места. Нашиот следен чекор е да креираме добро платени работни места и тоа е целта на оваа Влада уште откога бевме во опозиција па до денеска. Затоа не гласаа граѓаните, излеговме со програма на изборите, добивме 450 000 гласа. Можеби тие економисти кои заговараат повисоки даноци не не гласале нас, имале други политички опции, но тие се сега поразени. ВМРО-ДПМНЕ и политичката коалиција Вреди и ЗНАМ се Влада, имаме повеќе од 600 000 граѓани кои ни дадоа легитимитет и ние мора да се држиме до тоа што сме го ветиле на граѓаните, а не тоа што го кажуваат оние поразени економисти коишто претпоставувам поддржувале други политички опции, рече Мицкоски. мч/

Фото: МИА архива / Влада 

Остани поврзан