• петок, 17 мај 2024

Мицкоски до Османи: Слоганот не е шовинистички туку означува дека ќе ја вратиме Македонија на народот кој вие од власта го крадете

Мицкоски до Османи: Слоганот не е шовинистички туку означува дека ќе ја вратиме Македонија на народот кој вие од власта го крадете

Радовиш, 30 април 2024 (МИА) - Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од митингот во Радовиш упати порака до Бујар Османи дека нивниот изборен слоган не е шовинистички, туку тој означувал дека Македонија ќе ја вратат на народот, кој власта безмислосно го крадела.

-Бујар Османи ќе обвини дека слоганот „Македонија повторно твоја“ бил шовинистички слоган. Тоа може само да го каже неук човек кој е вистинси шовинист и кој Македонија не ја чуствува за своја татковина, затоа што јас кога ќе кажам Македонија мислам на сите граѓани кои живеат во нејзе. На Македонците, но и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњацитеи сите останати. Кога Бујар Османи ќе каже Македонија тој не ја чуствува за своја татковина, иако бил министер во сите можни влади на Македонија. Иако црпи пари и плати од државата која не ја признава за своја татковина. Е тоа е шовинизам на дело. Да ги признаваш парите што ги земаш, но и државата која те плаќа. И лицемиерието е поголемо што токму Бујар е министер за надворешни работи и од него се очекува да ги брани интересите на Македонија пред светот. Македонија е и твоја држава, сакал или несакал да признаеш. Мојата борба е Македонија да ја вратиме на народот, истиот тој кој безимислосно го крадете и осиромашувате, нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека времето на Артан и Бујар помина, а доаѓа ново време кога Македонија се враќа во рацете на народот.

-Времето на Артан и Бујар престанува. Доаѓа ново време кога Македонија се враќа на народот. Ковачевски треба да престане да ја бара вината во сите други само не во себе. Доцна се сети дека ДУИ ќе биде јамката околу него која ќе му ја заврши и неговата кариера. Но, си ја продаде душата за грст привилегии и тендери. Е сега го плаќа цехот. Ако нешто не му е јасно нека ја види разликата од над 180 илјади гласови. Тоа е кога народот на Македонија некому му вели доста е, рече Мицкоски.

Носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски обвини дека Филипче е човекот кој го уништи здравството и ќе биде запишан на најцрните страници, а ВМРО-ДПМНЕ со вистински професионалци ќе го поправа здравството

-На 8 мај треба да имаме масовна референдумска излезност, сите да излезат за убедливо да победиме во изборна единица четири, да не се доведеме во ситуација основни здравствени услуги да не може да добиеме ни во Радовиш, ни во Струмица. Да не се доведеме во ситуација да барате пријатели, врски за она што следува, за основна здравствена заштита, треба да се стави точка на таа работа, системот мора да функционира, а имаме луѓе кои може да го средат системот, професионалците да добијат шанса, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во изборна единица четири, Александар Николоски на митингот во Радовиш.

На митингот говореа и кандидатите за пратеници Гоце Дединец и Моника Трајанова, а пртетходно ВМРО ДПМНЕ и коалицијата одржаа митинг во Конче. рт/дма/

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Остани поврзан