• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Вработувањата во државните институции не се атрактивни за младите

Мицкоски: Вработувањата во државните институции не се атрактивни за младите

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски вели дека треба да се почитуваат законите, вклучително и Законот за јазиците, а за непочитувањето на овој закон во делот на веб страниците и соопштенијата од министерствата, смета дека треба да се зголемат капацитетите затоа што во минатото продукцијата на вести била 10 пати помала од сега. 

- Мислам дека треба да се зголемат капацитетите затоа што во минатото продукцијата на вести и активности било 10 пати помала од денеска и можеби било полесно да се работи и да се испорачува нешто кое што е во согласност со Законот за употреба на јазиците. Законот мора да се почитува, но треба да се зголемат капацитетите и во фаза сме на вработување на луѓе кои 10 пати поголемата активност на министерствата апсолутно ќе ја испорачуваат до медиумите, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешното потпишување на два договори за државна помош со компанијата „Бреинчајлд“.

Вели дека нема интерес за вработување во државните институции поради висината на платата и дека тоа е сериозен проблем. 

- За жал, нема интерес за таа плата што е во моментот и овде во Владата и во институциите. Тоа претставува сериозен проблем и не е атрактивно за младите, но ќе продолжиме да бараме се додека не го испорачаме тоа што им е потребно на граѓаните без разлика на етничката припадност, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци... Се надеваме дека наскоро ќе се доекипираме и дека се ќе биде како што треба да биде, рече Мицкоски. згм/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан