• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Нема ефект од државната помош за стопанството во Битола, фирмите се борат за егзистенција

Мицкоски: Нема ефект од државната помош за стопанството во Битола, фирмите се борат за егзистенција
Скопје, 14 мај 2021 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска е во посета на општина Битола, по средбата со стопанствениците изјави дека нема ефект од државната помош за стопанството во овој град, дека фирмите се борат за егзистенција. Големи разочарувања, рече тој, има и од  локалната власт, која, како што нагласи, на граѓаните им сервира лажна реалност.
 
-Луѓето го кажаа своето мислење, дека тешко се работи, дека од ветената помош буквално нема ништо, никаков ефект, мака мачат од први до први да обезбедат плата за вработените и да ги задржат вработените, да го задржат својот бизнис. Тоа се луѓе коишто го граделе својот бизнис неколку децении, разочарани се од неефикасноста на администрацијата од локалната самоуправа. Генерално ги презентираа своите гледишта околу тоа како треба да се развива Битола, и дадоа свои коментари и совети за централната власт, односно Владата со какво внимание и со кое внимание треба да се посвети на Битола и околината на Битола. И генерално за Пелагонискиот регион проблем останува високото ниво на криминал и корупција она коешто го нотираат и меѓународните институции како што е Транспаренси интернешнл, рече Мицкоски по денешната средба со стопснствениците во Битола. Тој информира дека на средбата била отворена и дискусија околу инфраструктурните проекти кои би требало да најдат место во програмата за локалните избори со која, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе во Битола. Пред се, нагласи тој, тука се мисли на патиштата, поврзувањето помеѓу определени делови на градот,  достоинствено поврзување со водовод и канализација, помагање на локалната економија... -Генерално ова беше плоден состанок, учиме од бизнис заедницата, учиме од граѓаните, сакаме навистина како и секогаш да излеземе со квалитетна програма пред граѓаните, како и програма којашто ќе ја реализираме. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, таква била изминативе 30-тина години, така ќе продолжи и да се однесува и во иднина, очекуваме победа овде во Битола и продолжуваме денеска на состаноци со битолчани, рече Мицкоски по состанокот во Стопанската комора во Битола. Во врска со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, тој одговарајќи на новинарско прашање истакна дека не се согласува оти СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го донеле законот за легализација на дивоградби сложно. -Па не би рекол дека опозицијата и власта сложно го донесоа, тоа беше закон за кој што разговаравме со Зоран Заев уште на онаа тет-а-тет средба нели тоа беше еден од оние за закони кои што опозицијата беше обвинета од страна на власта дека го кочи, така што не би се согласил со ова ваше би рекол провокативно тврдење дека сложно го донесовме. Во Парламентот има неколку естрадни политичари кои што потоа кренаа голема галама еве во овој стил дека опозицијата и власта тоа го донесоа и се чудам зошто тие естрадни политичари не поднесоа неколку илјадници амандмани да го блокираат овој закон ако не се согласуваат. Пратеникот има и таква можност во Парламентот преку филибастеринг да блокира определени законски решенија ако види дека неговото право да го аргументира со амандмани и да интервенира му е ускратено.  Така што јас навистина ги одбивам би рекол тие квалификации, потенцираше Мицкоски. Во врска со информацијата дека претседателот Пендаровски не го потпишал законот Мицкоски истакна дека право на претседателот е тоа да не го стори тоа, но, оти во минатото ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата така за граѓаните и за националните интереси. -Право на претседателот е да не потпише закон тој го искористил своето право јас немам што тука да коментирам. Можеби треба него да го прашате зошто се одлучил за тој чекор да не го потпише овој закон кој што дошол кај него, а потпиша во минатото многу, многу поштетни закони и за економијата и за граѓаните, но и за националните интереси, така што ве упатувам еве да го прашате претседателот Пендаровски што го мотивирало да се одлучи на овој чекор, рече Мицкоски. Тој додаде дека ова законско решение, според правните процедури, ќе дојде назад во Парламентот, поради што, како што рече, ги повикува сите естрадни политичари од Собранието да го искористат своето право за блокирање за законот и да не се кријат позади дневно политиканство. Мицкоски додаде дека една од многуте штетни политики на Владата е законот со кој таа сака да продава илјадници хектари земјоделско земјиште и објасни дека ВМРО-ДПМНЕ е против тој закон. Најави дека токму поради тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го бликираат во Собаранието. -Една од тие политики е овој закон со кој што планираат да продаваат илјадници, илјадници хектари земјоделско земјиште. Ние сме против и тој закон кога ќе дојде во парламентот еве уште од сега ви најавувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе интервенира амандмански доколку тие амандмани кои што се разумни и во заштита на интересите на граѓаните не бидат би рекол прифатени од страна на власта ќе биде истиот блокиран, ќе биде блокиран еве ние така функционираме. Ние не излегуваме јавно не излегуваме по социјални медиуми и да обвинуваме и да ги напаѓаме останатите туку еве во рамките на парламентот јавно ви кажувам дека тој закон ќе го блокираме, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со стопанствениците во Битола. сст/ац/  

Остани поврзан