• сабота, 23 ноември 2024

Митрески-Филипиду: Унапредување на севкупната билатерална соработка

Митрески-Филипиду: Унапредување на севкупната билатерална соработка

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска оствари средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија Софија Филипиду.

На средбата, како што информира собраниската прес-служба, присуствуваше и Димитрис Псјахас, секретар во Амбасадата.

- Поздравувајќи го одржувањето на средбата, претседателот Митрески апелираше за унапредување на севкупната билатерална соработка, особено по решавањето на повеќедеценискиот проблем меѓу двете држави. Средбите на политичарите секогаш праќаат позитивна порака за граѓаните и помагаат за збогатување на економската, културната и други видови на соработка од двете страни на границата, се вели во соопштението.

Во доменот на парламентарната соработка, како што се наведува, беше истакнато дека континуираното формирање пратенички групи за соработка во Собранието од нашето осамостојување до денес и во последните мандати, во грчкиот Парламент треба соодветно да се ефектуира во периодот што следи на теми од заемен интерес.

Амбасадорката Филипиду ја потврди важноста од развивање на меѓусебната соработка на пратениците од двата парламента и информираше за новоформираната Група за пријателство во грчкиот парламент.

- Двајцата соговорници се осврнаа и на процесот на имплементација на меѓусебните обврски од Договорот од Преспа, кој е правно обврзувачи за Република Северна Македонија и за Република Грција, како и за надминување на актуелните отворени прашања од спроведувањето на Договорот, информира собарниската прес-служба. мд/аа/

Фото: Собрание на Северна Македонија 

Остани поврзан