• вторник, 09 јули 2024

Мирен протест на полицајците во Атина, бараат да останат вон спортските натпревари

Мирен протест на полицајците во Атина, бараат да останат вон спортските натпревари

Атина, 11 декември 2023 (МИА) – Грчките полицајци бараат да останат надвор од  стадионите и спортските натпревари откако нивен колега, во четвртокот, беше тешко повреден за време на одбојкарски натпревар, а поради што денеска одржаа мирен протест пред надлежното Министерство за заштита на граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Со централниот слоган: „Животот на полицаецот не чини 30 евра“, полицајците порачаа дека нивната работа е да се справуваат со криминал, со крадци, убијци, да помогнат во безбедното секојдневие на граѓаните, а не да бидат на спортските терени.

Паралелно, на собирот што беше особено масовен, изразија поддршка за 31-годишниот тешко повреден полицаец, кој од четвртокот е хоспитализиран, откако беше погоден во ногата со пиритехничко средство.

Полицајците, кои беа организирани од нивните синдикати и здруженија порачаа дека нема да де откажат од нивните барања и, доколку е потребно, ќе продолжат со протестите.

Министерот за заштита на граѓаните Јанис Иконому, кој е надлежен за полицијата, откако демонстрантите пристигнаа пред зградата на Министерството, излезе и поразговара со полицајците, рече дека е оправдана нивната реакција по нападот врз полицаецот, истакнувајќи дека треба да се изолираат и да се казнат сите оние кои се однесуваат на криминален начин.

-Овде сме, за да најдеме решенија во две насоки. Решенија што ќе го ослободат грчкото општество од криминалните однесувања на хулиганите, решенија кои ќе ја исфрлат токсичноста од фудбалот, но во исто време и решенија кои нема да му дозволат на било кој со голема леснотија да се насочува кон грчката полиција, рече Иконому.

По разговорот со министерот, со неговиот заменик и со началникот на полицијата, претставниците на полицајците истакнаа дека не се согласуваат со она што го најави Владата и веројатно ќе продолжат со протестите. ср/сд/

Фото: МИА

Остани поврзан