• среда, 20 ноември 2024

Министерот Муртезани се сретна со претставничката на УСАИД Дајбл

Министерот Муртезани се сретна со претставничката на УСАИД Дајбл

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба со претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија Џери Дајбл, на која беше реафирмирана американската поддршка во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието во земјата.

Како што информира Министерството за европски прашања, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната помош која Северна Македонија ја добива од САД преку програмите на УСАИД кои се фокусираат на промовирање на судските реформи и транспарентно владеење, унапредување на децентрализацијата, зајакнување на економската конкурентност, промовирање на енергетската ефикасност, креирање политики за усогласување со регулативите на ЕУ и други значајни реформски области.

- Присуството на УСАИД во нашата земја е од витално значење во остварувањето на нашите стратешки приоритети - членството во ЕУ, посочи Муртезани на средбата.

Tековната Стратегија за развојна соработка на земјата 2020-2025, како што се наведува, е фокусирана да обезбеди поддршка за промовирање на просперитетна, демократска и безбедна држава, посветена на евроатлантските интеграции, што во голема мера оди во чекор со нашите заложби за градење на модерна европска демократија.

Соговорниците се согласиле дека двете земји ќе продолжат да работат во партнерство со цел реализација на приоритетите на Северна Македонија, поттикнување на реформите кои и помагаат на земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, промовирање на одговорно лидерство, односно дека УСАИД и Владата на Северна Македонија ќе продолжат посветено да работат на унапредување на заедничката визија низ партнерството кое трае повеќе од три децении. мд/дма/

Фото: Министерство за европски прашања

 

Остани поврзан