Министерот Лимани во Тирана се сретна со министрите Кочиу и Гутиќ
- Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, на маргините на регионалната конференција на тема „Унапредување на реформите за грижа на децата – можности врз основа на рамката за детска гаранција на ЕУ“ во Тирана остварил средба со министрите на Албанија и на Црна Гора.

Дебар, 10 април 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, на маргините на регионалната конференција на тема „Унапредување на реформите за грижа на децата – можности врз основа на рамката за детска гаранција на ЕУ“ во Тирана остварил средба со министрите на Албанија и на Црна Гора.
-Целта на заедничката средба со министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Албана Кочиу и министерот за социјална заштита, грижа за семејството и демографија на Црна Гора, Дамир Гутиќ, беше продлабочување на соработката и зајакнување на односите меѓу овие земји во областа на социјалната заштита, заштитата на децата и имплементацијата на политики кои обезбедуваат благосостојба на ранливите групи, објави министерот Лимани.
Оценува дека средбата била искористена за споделување на позитивни практики и успешни иницијативи кои земјите учеснички ги примениле во областа на социјалната заштита и заштитата на децата.
-Овие практики беа дискутирани како можности за поттикнување на унапредување и зголемување на ефикасноста во обезбедувањето на услуги, како и за зајакнување на меѓународната соработка со цел надминување на заедничките предизвици, додава Лимани.
Исто така, станало збор и за потпишувањето на Меморандуми за соработка како начин за продлабочување на соработката меѓу земјите од регионот.
- Овие меморандуми ќе вклучуваат заложби за размена на информации и практики, развој на заеднички проекти и создавање нови можности за заемна поддршка во областа на социјалните политики и заштитата на децата. Ова ќе овозможи подобра координација и поголема посветеност за реализација на заедничките цели, наведува Лимани.
Во своето обраќање на конференцијата, меѓу другото нагласил дека „заштитата на правата на децата и обезбедувањето на посветла иднина за секое дете е еден од врвните приоритети на Северна Македонија“. вт/
Фото: Лимани Фејсбук