• сабота, 21 декември 2024

Министерката Божиновска се сретна со заменик - помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан

Министерката Божиновска се сретна со заменик - помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Mинистерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во рамките на работната посета на Вашингтон, остварила средба со Александар Касанов, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

На средбата во Стејт Департмент на која присуствувал и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити биле разменети мислења за актуелните состојби во Македонија, со акцент на состојбите во доментот на енергетиката и заложбите на Владата на Македонија за зголемување на обемот на инвестиции кои се очекува значително да ја забрзаат енергетската транзиција на земјата.

Една од клучните теми на состанокот во Вашингтон беше и борбата против корупцијата, соопшти Министерството за енергетика, а, како што се потенцира, Божиновска нагласила дека се затекнати состојби од новата Влада кои допрва треба да бидат предмет на истрага на домашните институции.

- Потребна е целосна поддршка, воспоставување на ефикасна соработка и помош на САД како наш стратешки партнер во борбата со корупцијата, особено во делот на енергетиката. Само со конкретни и решителни чекори како предуслов за целосно анулирање на криминалот, Македонија ќе се избори за енергетска безбедност и стабилен електроенергетскиот систем, рече Божиновска, на средбата со Касанов.

Божиновска и Меџити ја нагласиле посветеноста на Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и решителноста за драстично зголемување на инвестициите во инфаструктурата и образованието.

Касанов изразил силна американска поддршка за Западен Балкан и ја повторил нивната посветеност да помогнат на патот кон членството во ЕУ, се вели во соопштението. ев/аа/

ФОТО: Министерство за енергетика 

Остани поврзан