• понеделник, 23 декември 2024

МИА - 24 години работа во интерес на информирањето и јавноста, следен чекор носење посебен закон за Агенцијата

МИА - 24 години работа во интерес на информирањето и јавноста, следен чекор носење посебен закон за Агенцијата
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) – Медиумската информативна агенција - МИА денеска одбележува 24 години од своето активно работење. Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на земјава, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видеопреноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми. МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа пред 24 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица - новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика. МИА е лидерска агенција во Северна Македонија, која според последните истражувања покрива 65 проценти од македонскиот медиумски простор, а ја користат традиционалните, но и онлајн медиумите, меѓународни организации и институции. Изминатите пет години Агенцијата спроведе сериозни реформи, како организациски, така и програмски, а изминатиот период се работи и на менување на законската поставеност на Агенцијата. Имено Државната комисија за спречување на корупција кон крајот на минатата година препорача Владата и сите релеванти институции да го уредат статусот на Медиумската информативна агенција - МИА со посебен закон. Образложувајќи ја потребата од носење на конкретен закон за утврдување на статусот, положбата и надлежностите на МИА, членот на ДКСК Нури Бајрами во декември 2021 година, посочи дека сега како што стојат работите, Владата како основач неопходно е да го уреди со посебен закон и статусот на органите на управување и статусот на вработените. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска тогаш посочи дека со оглед на проблемите со кои се соочува, сосема на место е предлогот за носење на посебен закон со кој ќе се регулира работењето на МИА. Оваа препорака беше изгласана на тогашната седница на ДКСК, а потоа и доставена до Владата. МИА е државна агенција, субвенционирана со околу 70 проценти од Владата, а идните заложби на Агенцијата се да ја намали финасиската зависност. Со новиот закон за МИА, Агенцијата би била под надлежност на Парламентот, а очекувањата се дека на тој начин ќе биде финасиски постабилна, а со тоа и професионално посилна. Поддршка за отворање дебата за носење посебен закон за МИА дадоа Советот на Европа, ОБСЕ и ЗНМ. МИА има дневна продукција од околу 400 вести и други медиумски продукти на македонски, англиски и на албански јазик. Во изминатите пет години новина е видеосервисот, како и преносите во живо, кои дадоа сериозен придонес, како за изворно информирање на граѓаните кои сакаа во живо да ги следат настаните, така и на новинарските екипи од мас-медиумите, кои поради пандемијата на Ковид-19 и здравствените протоколи беа спречени да бидат на местото на настанот. И по завршувањето на пандемијата, преносите во живо останаа препознатлив печат на Агенцијата. МИА произведува дневни информации, авторски текстови - интервјуа, стории, анализи, теми, специјални тематски потсервиси, клипинг за меѓународни институции, дневни и неделни пакет-информации, флеш вести, како и видео и фотосервис. Во согласност со мултимедиумската функционалност, МИА своите информации, дневните настани, авторските текстови - интервјуа, теми, стории и анализи и преноси во живо ги објавува на својата интернет-страница и на јутјуб-каналот, како и преку директно емитување видеа на својата веб-страница и профилот на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. МИА има соработка со над 50 регионални и светски агенции, дневна дистрибуција на медиумски продукти на МИА-сервиси до домашни, европски и светски институции. Претплатници на МИА се сите релеванти и влијателни ТВ-куќи, електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Северна Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство. МИА има потпишано договори за размена на вести и медиумски продукти со сите државни агенции во регионот, како и со повеќе приватни агенции од соседството. Исто така е и дел на информативните пулови на: Дојче веле (Германија), Слободна Европа, Гласот на Америка, АНСА (Италија), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), БТА (Бугарија), АНА-МПА (Грција), АТА (Албанија), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), АГЕРПРЕС (Романија), ТАНЈУГ (Србија), ФОНЕТ (Србија), БГНЕС (Бугарија), УКРИНФОРМ (Украина), соработува и со големите новински агенции – Европската фотоагенција ЕПА, германската ДПА, британскиот јавен сервис Би-би-си, кинеската XСИНХУА... Во интерес на медиумската писменост МИА ја стартуваше и својата Агенциска школа за новинарство преку која го дава својот придонес за медиумска писменост и обуки за помлади новинари од другите медиуми, како и студенти од факултетите кои сакаат да влезат во новинарската професија. Школата стартуваше на 26 февруари 2020 година и тогаш околу 30 искусни новинари од Агенцијата и други медиуми, новинари почетници, но и студенти по новинарство се обучуваа за покривање теми поврзани со Европската Унија, политиките на ЕУ, процесот на преговори на земја кандидат. - Ова е можност за сите кои сакаат да се занимаваат со новинарство да добијат подлабок увид во она што значи ЕУ, искусните новинари, почетниците, но и студентите по новинарство да се обучат стручно да ги покриваат темите поврзани со Унијата, изјави тогаш пред присутните директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски. Агенциската школа привремено ја прекина својата работа поради пандемијата на Ковид-19, а ја обнови лани со обука за новинари за заштита на лични податоци, со посебен фокус на новиот Закон за заштита на личните податоци, во соработка со Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП). Денеска, МИА на 24-годишнината од својата работа станува дел од Медумскиот ден, кој оваа година по шести пати се организира од Институтот за комуникациски студии. Околу 130 ученици од 13 училишта денеска ќе ги посетат МИА, МРТ, ТВ 21, Радио МОФ, ТВ Плус, ТВ Тера и ТВ Вис и ТВ Сител, при што ќе се запознаат со работата на новинарите, ќе видат како функционираат редакциите, како се креираат медиумските содржини, но и ќе дознаат како медиумите се справуваат со дезинформациите. Во време на загаден медиумски простор од лажни вести, МИА со своето искуство и професионалност останува на својата цврста определба да работи во интерес на јавноста со навремени, проверени и точни информации и во одлучна борба против лажните вести. МИА исто така е и дел од проектот, кој стартува оваа година во соработка со АФП и ДПА за отворање европска редакција во Брисел. На 6 септември во Брисел официјално беше отворена Европската новинска редакција. Високо професионални новинарски стандарди, навремени и точни информации, борба против лажните вести, како и поблиска меѓусебна соработка меѓу новинарите за сите прашања поврзани со ЕУ и кои се во интерес на Европа е целта на ЕНР, во која се вклучени 18 европски агенции, меѓу кои и МИА. Во рамките на ЕНР, секоја од агенциите објавува пакет вести на мајчиниот јазик, секој понеделник и четврток, а еднаш неделно европската редакција бира една прекугранична европска тема во која учествуваат агенциите со свој национален придонес и агол и оваа сторија се објавува на англиски јазик.

МИА е членка на АБНА - Асоцијацијата на новинските агенции на земјите од Југоисточна Европа, која оваа година на 30 генерално Собрание, кое се одржа во Бургас и официјално се регистрираше и доби статус на правно лице, организирано по примерот на Европската алијанса на новински агенции. На Собранието беше изгласано Грција да биде претседавач оваа година, Турција следната, а на состанокот во Солун, кој треба да се одржи во 2023. беше предложено да се усвои предлогот МИА да биде претседавач на АБНА-ЈИЕ во 2024 година.

Во текот на изминатите 24 години, МИА како најпедантен хроничар на македонските, регионалните и светските случувања и собитија поседува обемна сопствена база на податоци, информации, фото и видеозаписи, кои се користат и од научната јавност и меѓународни институции за своите анализи и трудови. ац/

Остани поврзан