• понеделник, 23 декември 2024
МИА Флеш

17 јануари 2024

-Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имаше средба со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата беа истакнати блиските врски меѓу двата народи, со заедничка визија за напредок на патот кон членство во ЕУ, соопшти СЕП. - Изразувајќи силно чувство на пријателство, меѓу двете држави, како и тимовите на Северна Македонија и Албанија кои соработуваат веќе подолго време ја истакнаа блиската соработка, основани на заеднички вредности и цели. Убедени дека со заеднички напори ќе ги надминеме предизвиците со кои се соочуваме, со силно чувство за припадност во Европската Унија како и заедничка решеност да станеме членки на унијата до 2030 година. Чувствуваме блиска релација и поврзаност со Албанија на патот кон пристапувањето во ЕУ.  Албанија е наш пријател, сосед и заедно ќе се залагаме еден за друг во процесите на интеграција во ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ. 

-Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека е исконтактирано со грчката страна околу важноста на личните документи кои треба да се заменат до 12 февруари но, апелира наместо иницијативи за одложување за користење на политички поени, фокусот да се стави на вадењето документи. - Договорот од Преспа е меѓународен договор. Мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор и ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, да работиме граѓаните да немаат пречки после 13 февруари, да се забрза издавањето пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните дека ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните. Така што, сметам дека овој пристап е поздрав отколку сега добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставен суд нема да може да го смени Преспанскиот договор, ниту кои било измени на законите, рече Османи.

-Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека нема никаква улога во вработувањето на неговата сестра во М-НАВ бидејќи таа работи таму повеќе време отколку што е тој министер. - Работи од пред 15 години. За критериумите ќе ги прашате во М-НАВ. Јас немам никаква улога во тоа. Тоа е 12 години пред јас за станам министер за надворешни работи. И оваа тема е искористена секои избори во последните 15 години и веќе 15 години јас истото образложение го давам. Меѓутоа, очигледно изборите го прават тоа така што ќе играме по тие ноти, рече Османи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција со неговиот албански колега Игли Хасани. Покрај сестрата на министерот Османи, во М-НАВ се вработени и роднини на вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

-Албанија и Северна Македонија остварија впечатливи резултати во однос на евроинтеграцијата, успешно го завршивме процесот на скринингот и сме во очекување на понатамошните чекори. И двете земји на тој пат се соочивме со бројни предизвици. Заедно поминавме голем дел од ова патување поддржувајќи се меѓу себе и нашата соработка треба уште повеќе да се продлабочи и зајакне и да направиме што повеќе за регионот да го видиме таму каде што сакаме.  Ова го истакна министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, на заедничката прес-конференција со неговиот колега и домаќин шефот на дипломатијата Бујар Османи. -Денес повеќе од кога било нашите земји, нашите општетства и држави делат заеднички интереси и заедничка визија за иднината. Албанија ќе продолжи да ги следи активностите на Северна Македонија, особоена во оваа изборна година кога ве очекуваат претседателски и парламентарни избори. Очекуваме овој процес да биде успешен и пред се, да не донесе никаква промена во вашата псоветеност за европската иднина, нагласи Хасани.

-Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека вчера имал продуктивен состанок со претседателката на Судскиот совет (СС) Весна Дамева и се надева дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките од Oценската мисија на Европската унија. -После пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за разрешување на Дамева, покажав заинтересираност да се сретнам со претседателката на Судскиот совет. Како што знаете, јас не се сретнав со нејзиниот претходник затоа што ние ја искажавме тогаш нашата загриженост за начинот на кој што беше разрешена Дамева, но и за изборот на тогашниот претседател на Судскиот совет. Нашата загриженост беше адресирана од страна на Управниот суд со нивната одлука повторно да се врати Дамева, рече денеска Гир, пред почетокот на Саемот за граѓанско општество, во одговор на новинарско прашање.

-Во Судскиот совет во тек е седницата на која се расправа по иницијативата за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Претходно, Советот го отфрли предлогот на членот Тања Чачарова Илиевска извештајот да се врати на доработка. Пред почетокот на расправата по оваа точка, подносителот на иницијативата, членот Миљазим Мустафа, ја напушти седницата бидејќи како подносител нема право на присуство. Потоа, претседателот на Комисијата која ја разгледуваше иницијативата, Мирсад Сурои, ја презентираше констатираната состојба на Комисијата и го прочита извештајот со што Советот продолжи со расправа. На почетокот на денешната седница, Советот избра судии поротници на Основниот суд Виница и тоа Стефан Мицов, Васка Николова, Александра Давиткова, Јована Јангеловска, Давид Трајанов, Билјана Јовева, Слаѓана Костадиновска, Игор Димитров и Елена Георгиева. Советот, исто така, утврди престанок на функцијата судија поротник на Апелациониот суд Скопје, по сопствено барање за судијката Билјана Ангелова Смилева.

-На повеќе места утре ќе дува засилен јужен ветер (над 60 км/час) што ќе придонесе температурите да бидат во значителен пораст. Ќе има повремени врнежи од дожд, особено во западните делови каде ќе бидат пообилни. Во петок ќе настапи преодно стабилизирање, соопшти УХМР. Промена на времето ќе има во сабота, кога под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи кои ќе бидат претежно од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 см), а во пониските места од 3 до 10 см. Ќе дува засилен северен ветер, особено долж Повардарието и температурите значително ќе опаднат, а ќе има и појава на голомразица. Во Скопје во сабота времето ќе биде облачно, студено и ветровито со повремени врнежи од снег и ќе се формира помала снежна покривка.

-Во десетина градови во Босна и Херцеговина воздухот денеска е нездрав, а во некои опасен по здравјето, што е последица на користењето јаглен за греење и за производство на струја во голем број термоелектрани, па жителите се повикуваат што е можно помалку да бидат на отворено.Според мерењата што ги регистрира еколошката иницијатива Зрак екоакција, најлоша состојба според мерењата е во Бања Лука, каде индексот на загаденост е 229, што спаѓа во категоријата нездрав воздух. Најповолна е состојбата во Мостар, со умерена загаденост со индекс 55. Нездрав е воздухот и во Сараево, Тузла, Травник, Илијаш и низа други градови. Еколошката организација наведува дека во овие градови е можна појава на зголемени симптоми и интензитет на болеста кај лица со болести на срцето и дишните органи, како што е астмата. Во Бања Лука луѓето кои боледуваат од белодробни и срцеви заболувања, трудниците, децата и постарите лица мора да избегнуваат какви било активности за време на нивниот престој надвор.

-Франција нарачала 42 борбени авиони „Рафал“ од „Дасо авијација“,а трансакцијата е во вредност од над 5,5 милијарди долари, соопшти француското Министерство за вооружени сили, пишува „Дифенс њуз“. Француските пратеници се загрижени за француско-германскиот проект за производство на наследник на „Рафал“(Rafales). Проектот наречен The Future Combat Air System (FCAS), треба да биде завршен  дури меѓу 2045 и 2050 година, а француските политичари не сакаат да чекаат дотогаш. Министерството соопшти дека агенцијата за набавки се обратила до „Дасо авиојација“ (Dassault Aviation), како и до добавувачите на опрема Thales, Safran и MBDA. -Ова е одлична вест за нашиот суверенитет и безбедност, како и за нашите вооружени сили, кои ќе имаат голема корист од дополнителните авиони „Рафал“, со модернизирани способности, изјави министерот за вооружени сили Себастиен Лекорну.

-Шпанската влада се согласи да ги декласифицира документите за прислушувањето на мобилниот телефон на каталонскиот претседател и лидер на сепаратистичката партија ЕРЦ, Пере Арагонес, извршено од агенти на Националниот разузнавачки центар (ЦНИ), кои користеле израелски шпионски софтвер Пегасус. Арагонес, минатиот декември, ја обвини ЦНИ дека го шпионирала неговиот мобилен телефон со програмата Пегасус во периодот меѓу јули 2018 и март 2020 година, кога тој беше потпретседател на каталонскиот регион, јавија шпанските медиуми. -Докажано е дека сме шпионирани. Извештајот на Мосос (каталонската полиција) постојано потврдува дека се случило она што го негираа од почетокот и јасно е кој го сторил тоа и обвинителството не може ништо да сокрие, рече Патриша Плаха, портпаролка на каталонската Влада, пренесува „Ел Периодико де Каталуња“.

-Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба,  на панел дискусија на Светскиот економски форум во Давос, денеска изјави дека на сите досегашни средби, службени или приватни, не слушнал ниту еден западен функционер да каже дека помошта ќе престане и дека Киев не чувствува притисок да започне мировни преговори. -Оваа година целта е да ја исфрлиме Русија од небото, бидејќи кој го контролира небото ќе ја добие војната, кажа Кулеба. 

-Претседателот на воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ги повика јавниот и приватниот сектор на Западот да се подготват за ера во која сè може да се случи во секое време, вклучително и војна. -На НАТО му е потребна воена трансформација, рече холандскиот адмирал на отворањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Тој нагласи дека владите и компаниите од Алијансата живееле во време кога сè било во изобилство, се било предвидливо и можело да се контролира. -Од руската инвазија во 2022 година членките на НАТО мора да се прилагодат на ера во која сè може да се случи во секое време, ера во која мора да го очекуваме неочекуваното, во која мора да се фокусираме на ефикасноста за да бидеме вистински ефективни, рече Бауер.

Остани поврзан