• сабота, 19 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  11 април 2025

 

Гевгелија - Со концерт на Националниот џез оркестар свечено ќе биде отворена манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, соопштија од Општината.

Вечер,на Градскиот плоштад во Гевгелија, прво ќе се одржи дефиле во кое ќе учествуваат над стотина дечиња вклучени во активностите од областа на културата што се реализираат во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Дефилето ќе започне од Пионерскиот дом во 18:30 часот со движење кон Градскиот плоштад и Стариот градски пазар.

Потоа следува концертот на Националниот џез оркестар, кој ќе се одржи на Стариот градски пазар, со почеток во 19:30 часот. Биг бендот на Националниот џез оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин, ќе настапи со изведба на незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Ќе настапат и вокалните солисти Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ и Калина Велковска.

Манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, за што Општина Гевгелија аплицираше на Јавниот повик.

Во текот на годината Гевгелија ќе биде домаќин на голем број настани и проекти на националните установи од областа на културата, како и културни активности на установите, физичките и правни лица на подрачјето на Општината.

Скопје - Вчеравечер се оддржа првиот тематски настан на тема “Гази Баба за спортот” на кој беа презентирани постигнатите резултати во областа на спортот во мандатниот период 2021 – 2025 година под раководство на градоначалникот Бобан Стефковски.

Пред присутните во своето обраќање, градоначалникот Стефковски ги истакна реализираните проекти во оваа област, а вооедно и ја најави реализацијата на проектите кои ќе следуваат во следниот период.

Изминатите повеќе од три години успеавме да го вратиме спортот насекаде низ општина Гази Баба. Инвестиравме во спортската инфраструктура како никогаш претходно. Изградивме 27 спортски терени на најсовремена тартан подлога, а во деновите пред нас ќе изградиме уште 8 нови терени со тартан подлога. Изградивме и 5 спортски терени на подлога од вештачка трева, а за скоро од денес ќе изградиме уште 3 нови терени. За прв пат во општина Гази Баба изградивме 6 фитнес зони, а наскоро ќе изградивме уште 3 нови зони. Преку изградбата на нови училишни спортски сали обезбедуваме услови за реализација на часовите по физичко и здравствено образование. Изградивме училишни спортски сали во Булачани и Стајковци, а во тек е изградбата на нова сала во Црешево. Дополнително изградивме и два нови спортски комплекси во Стајковци и Хиподром кои соддржат терени за различни категории на спорт. Посебно сакам да ја истакнам финансиската поддршката која ја доделува општина Гази Баба на спортските клубови и индивидуалните спортисти. Во изминатите четири години доделивме 40 милиони денари директна финансиска поддршка за спортот во општина Гази Баба – истакна Стефковски.

Тој пред присутните наведе дека сите спортски клубови и спортисти од Гази Баба се дел од победничкиот тим кој тој го предводи.

Денес сите ние сме тука како еден голем победнички тим. Во нашиот тим се клубовите од сите категории на спортови, тренерите и играчите, таеквондистите и каратистите, фудбалерите, кошаркарите и други. Тука се и учениците и наставниците. Заедно тренираме и се натпреваруваме, едноставно заедно победуваме. На спортските терени има спортисти кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови. Но сите овие разлики стануваат неважни, бидејќи сите ние заеднички во победите се радуваме, а во поразите тагуваме – заклучи Стефковски.

На настанот беа доделени плакети на спортисти од општината кои во изминатиот период имаат постигнато врвни спортски успеси во Република Македонија но и надвор од неа. Плакети во знак на признание добија: Милијана Релиќ, Александар Илиевски, Марко Стојковиќ, Теодор Николовски, Андреј Митревски и Максим Митровски.

За успешна соработка во изминатите години, беа доделени плакети и на претседателите на ракометната федерација, таеквондо федерацијата и атлетската федерација на Македонија, како и на селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кирил Лазаров.

На настанот присуствуваа претставници на сите спортски клубови, спортисти, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на општина Гази Баба и други граѓани од општината.

Скопје - Општина Центар започна со реконструкција на улицата „Дебарца”, на потегот од улицата „Ленинова” до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Се реконструира делница во должина од 220 метри, со целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри, како и обновување на тротоарот од едната страна со површина од 1.000 метри квадратни.

- Продолжуваме со реконструкција и санирање на повеќе улици во општината согласно зацртаната програма. Приоритет ни е модерна и квалитетно изведена патна инфраструктура за побезбеден и полесен сообраќај, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Овој дел од улицата е во амортизирана и дотраена состојба, со сериозни оштетувања што го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Со реконструкцијата значително ќе се подобрат условите за движење и безбедноста, а ќе се придонесе и за поквалитетно урбано уредување на просторот.

Средствата за реализација се дел од поддршката што Општина Центар ја доби од претходната Влада, во износ од 40 милиони денари, наменети за реконструкција на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“. Според предвидената динамика, се очекува работите да завршат за два месеци.

Скопје - Корисниците од улиците „Гаврил Константиновиќ“ и „Димитар Туриманџовски“ денеска ќе немаат вода поради изведување на водоводен приклучок ф 5/4, информира ЈП Водовод и канализација-Скопје

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:25 часот до завршување со работните активности. 

Демир Хисар - Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, в недела  во Демир Хисар ќе се одржи осмиот по ред национален фолклорен фестивал „Велигденски фолклорни средби“.

На плоштадот „8-ми Септември“, в недела напладне ќе настапат културно уметничките друштва „Илинден“-Демир Хисар, „Рацин“-Кичево“, „Копачка“-Делчево, „Мирка Гинова“-Демир Капија, „7-ми Септември“-Македонски Брод, „Брвеница“-Брвеница и битолските  КУД „Илинден“ и „Гоце Делчев“.

Фестивалот е во организација на Домот на културата „Илинден” и под покровителство на градоначалникот на Општина Демир Хисар.

„Велигденски фолклорни средби“ се проект од национален интерес во културата за 2025 година, соопштија од тамошната локална самоуправа.

Остани поврзан