Јовановиќ за МИА: Се уште не постои јасна стратегија каде се движи филмската дејност, државата мора да вложи ресурси и финансии
- „Киненова“ е фестивал што е сериозно потценет и не ја добива соодветната финансиска поддршка. Филмската дејност кај нас е најмногу на удар, речиси и да немаме синдикални права, немаме стабилност во финансирањето, се работи на проекти кои не може да ја запазат предвидената динамика на продуцентите, заради состојбите во институциите. Ова е горливо прашање и државата сериозно мора да вложи време, ресурси и финансии, вели во интервју за МИА, директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.

Скопје, 12 април 2025 (МИА) - „Киненова“ е фестивал што е сериозно потценет и не ја добива соодветната финансиска поддршка. Филмската дејност кај нас е најмногу на удар, речиси и да немаме синдикални права, немаме стабилност во финансирањето, се работи на проекти кои не може да ја запазат предвидената динамика на продуцентите, заради состојбите во институциите. Ова е горливо прашање и државата сериозно мора да вложи време, ресурси и финансии, вели во интервју за МИА, директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.
Иако станува збор за голем меѓународен филмски фестивал, кој оваа година ќе го доживее свое десетто јубилејно издание, за кое Јовановиќ ни сподели неколку новини, сепак постојат предизвици во поглед на финансискиот дел.
Во однос на тоа со колкав буџет ќе располага фестивалот оваа година, Јовановиќ вели дека тоа уште не се знае, затоа што резултатите за поддршката за оваа година од конкурсот на Агенцијата за филм не се објавени.
-Резултатите за поддршката на најновото издание за оваа година од конкурсот на Агенцијата за филм се уште не се објавени, така што ние не ја знаеме точната поддршка. Инаку, ова е многу важно прашање и можам да кажам најдиректно дека апсолутно не сме задоволни од поддршката. Тврдам дека фестивалот е сериозно потценет, изминатите години особено. Фестивалот не ја добива соодветната поддршка. „Киненова“ се разви и успеа да опстане заради поддршката од меѓународните фондови, од големите филмски автори и странските продукции кои навистина го препознаа фестивалот, но е недозволиво да не биде доволно поддржан од нашите институции, истакна Јовановиќ за МИА.
Тој е на ставот дека фестивалот има развојна компонента, силно ја поддржува домашната продукција и домашното филмско образование, ја унапредува филмската дејност и ја става во меѓународен контекст.
-Во таа насока, сметам дека финансирањето треба да биде апсолутно повисоко. Несразмерно, недозволиво и невозможно е со ваков буџет да се организира фестивал. „Киненова“ успева да го одржи својот формат заради нашиот личен влог - мој и на сите колеги, додаде Јовановиќ.
Според Јовановиќ, во моментов, филмската дејност ги доживува можеби своите најтешки времиња од основањето на Агенцијата за филм. Се работи за голем број на проекти кои што се застанати заради неблагодарната финансиска состојба во која што се најде Агенцијата за филм.
-Лично сметам дека се уште не постои јасна визија и јасна стратегија каде се движи македонската кинематографија и целата филмска дејност. Еден од надлежните личности имаше изјава дека финансиската поддршка, односно успесите на македонската кинематографија се обратно пропорционални од финансиската поддршка и состојбите во македонската кинематографија. Бидејќи финансиите се лоши, а ние сепак испорачуваме резултати, рече Јовановиќ.
Тој вели дека филмските уметници се присутни на меѓународната филмска сцена преку голем број на филмски проекти, но клучно е прашањето дали е сето тоа одржливо и дали филмските работници можат да живеат и да егзистираат од оваа дејност во континуитет.
Како што посочи, работите треба да се менуваат бидејќи се работи за уметност и дејност која што можеби најсилно, најбрзо и најшироко ја промовира и претставува целата македонска култура, држава и нејзиниот идентитет.
-Апсолутно сметам дека државата треба да посвети многу поголемо внимание на оваа дејност. Среќа што ние како филмски уметници сме борбени и издржливи, амбициозни и упорни, што сепак успеавме да ги пробиеме тие граници и да ја пласираме нашата уметност на светскиот пазар или на светската сцена, вели Јовановиќ во интервјуто за МИА.
„Киненова“ девет години успешно постои на македонската културна сцена, со задоволителен и квалитетен програмски концепт, прикажувајќи квалитетни филмски содржини не само на филмофилите, туку на целата јавност. На прашање со какви предизвици најмногу се соочува при организирање на фестивалот, Јовановиќ вели дека прикажуваат филмови со најнова светска и европска продукција кои бараат да бидат прикажани на соодветни формати и во соодветни технички услови, што ние практично, тие услови и да ги немаме.
-Ние тие услови практично и да ги немаме. Киното „Милениум“ не функционира соодветно, во киното „Фросина“ нема соодветни услови за отворање и за одвивање на еден вистински голем меѓународен настан. Меѓународен настан не може да се одвива само во кината на „Синеплекс“, кои што се надвор од центарот на градот. Не постои филмски центар, локација која би била збирно место за филмската дејност, додаде Јовановиќ.
Исто така, напомена, поради несоодветната финансиска поддршка, не постои можност да работи соодветен професионален тим, наместо еден човек да покрива 15 позиции.
-Тоа е не само неблагодарно туку и недостоинствено. Тоа е нешто што го забележуваат нашите меѓународни гости и нешто што е всушност срам за државата на крајот на краиштата. Се борите со просторни услови, а потоа и со организациски, затоа што немате соодветен финансиски капацитет да го структурирате тимот на фестивалот. Тоа се гледа, во смисла на не можноста да бидете совршени или да го добиете оној сјај што му е потребен на фестивалот, посочи Јовановиќ.
Тој изрази благодарност до Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, за овозможените технички услови фестивалот беспрекорно да функционира.
-Ние веќе ги завршивме преговорите со нашите специјални гости за новото издание на фестивалот. Навистина стрепиме и за финансиската поддршка и за сите услови, бидејќи се работи за големи имиња. Верувам во новиот естаблишмент, кој што треба да понуди и визија, рече Јовановиќ за МИА.
Според Јовановиќ, во тешки времиња културата секогаш е обединителен фактор, фактор на одржување на еден народ.
Токму затоа, со хуманитарен карактер, од 30 март до 3 април во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода се одржа ревија на филмови на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Самата програма беше посветена на настраданите од трагичниот настан во Кочани, поточно целокупниот приход од влезниците на овој настан е наменет за овие семејствата.
-Се работи за ревија на филмови која што ја наменивме за семејствата на настраданите во големата трагедија што се случи во Кочани на 16 март. Сметам дека тоа е најмалку нешто што можеме да направиме. Целото општество и сите ние во областа на културата имаме моќ да придонесеме многу повеќе, посочи Јовановиќ.
Ревијата беше отворена со босанскиот филм „Мажите не плачат“ на режисерот Ален Дрљевиќ. Со овој филм беше отворено второто издание на фестивалот „Киненова“, во далечната 2017 година. Филмот предизвика многу реакции и големо внимание од домашната јавност, заради неговиот квалитетот.
-Се работи за уникатна филмска приказна, за поствоена психодрама која што ни ги доловува сите последици и трауми кои што може да ги донесе една војна, а тоа е за нас многу позната војна со која што некако сите живеевме - војната во Босна. Следниот ден беше прикажан хрватскиот филм „Хотел Пула“, кој што беше дел од минатогодишното издание на фестивалот. Дебитантски филм на хрватскиот режисер Андреј Коровљев. Исто така една драма, која што ни ги прикажува релациите на обичните луѓе за време на војниот конфликт во Босна. Постои голема поврзаност меѓу овие два филмови, рече Јовановиќ.
Како што додаде, ревијата продолжи со иранскиот филм „Кафуле“, кој што е силно ангажиран филм и ни ја доловува атмосферата во иранското општество во однос на човековите права, на правата на уметниците и новинарите, на слободно изразување и на слободната уметничка експресија.
-Ревијата продолжи со еден, за мене но и за целата фестивалска екипа и јавност, многу драг филм, а тоа е филм во грчко-македонска копродукција „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асимина Проедру, филм кој што ни слика еден микроуниверзум на границата меѓу Македонија и Грција, рече Јовановиќ.
Ревијата заврши со филмот „На се ќе дојде крај“. Ова е последниот, најнов филм на истакнатиот мајстор на подвижните слики на филмската уметност, хрватски и светски мајстор, Рајко Грлиќ.
Јовановиќ за МИА посочи дека е задоволен од посетеноста на ревијата и најави дека и во следниот период ќе се организираат вакви ревии.
-Посетеноста беше одлична. Се продадоа навистина голем број на влезници и мене ми е драго, бидејќи се работи за постари филмови. Ја ставаме уметноста и културата во функција на хуманоста и на поддршката, на оние на кои најмногу им е потребна во моментот. Искрено, сметам дека и ова не е доволно. Во наредниот период ќе направиме уште неколку вакви ревии, рече Јовановиќ.
Говорејќи за претстојното десетто јубилејно издание, Јовановиќ во интервјуто за МИА, најави дека имаат потврда од голема светска филмска ѕведа, а новитет за оваа година ќе биде тоа што главните случувања на фестивалот ќе се одвиваат во Скопје и во Охрид.
Јовановиќ напомена дека голем број градови во државата ќе имаат можност директно да ја следат програма на Киненова.
-Драго ми е што дојдовме до ова десетто издание. Ова е голем јубилеј за нас, бидејќи се работи за независен проект, кој што успеа да се позиционира силно и добро, не само на македонската сцена на фестивали, туку во регионот, но и во Европа. Фестивалот е препознаен, за што говори и поддршката од меѓународните фондови и институции, странските амбасади во нашата земја, големиот број на пријавени филмови од целиот свет, но и големото присуство на значајни европски и светски имиња на нашиот фестивал, рече Јовановиќ.
Јовановиќ најави дека за десеттото издание имаат потврда од голема светска филмска ѕвезда.
- Десеттото издание на „Киненова“ ќе биде наша гордост. Веќе имаме потврда од една голема европска, светска филмска ѕвезда, дива, и она што е особено за ова издание, што ми претставува големо задоволство е што фестивалот го поместуваме. Ќе се случува во Скопје, меѓутоа и низ цела Македонија. Голем број на градови ќе имаат можност директно да ја следат програма на „Киненова“, но главните случувања ќе се одвиваат во Охрид и Скопје, рече Јовановиќ за МИА.
Тој додаде дека имаат значајна поддршка од градоначалникот на Охрид за организирање на настаните.
-На некој начин го подаруваме фестивалот не само на Скопје, туку и на градот Охрид, за што веќе имаме значајна поддршка од градот. Особено сум благодарен што градоначалникот на Охрид го препознаа настанот, додаде Јовановиќ.
Тој најави дека програмата ќе изобилува со голем број на филмови во различни програми, а секако вклучувајќи ги и најзначајните регионални филмови, како и филмови од екс-југословенските простори.
Бисера Трајковска
Видео: Андреј Бранковиќ
Фото: Фросина Насковиќ