• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

23 мај 2024

Рим – За поддршката за евроинтеграцијата на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и за актуелните светски случувања денеска во Ватикан разговарале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск. 

Како што јави известувачот на МИА од Рим, Сиљановска-Давкова во рамки на посетата на Рим и Ватикан во чест на одбележувањето на 24 мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, денеска имаше аудиенција кај папата Франциск.

- Се усогласивме околу актуелните проблеми, околу поддршката на земјава кон Европската унија, поддршката на папата на Западен Балкан и рековме дека по 30 години од соработката, успесите се очигледни. Потврдивме дека посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само за малото стадо на кое му порача да не се плаши, туку за сите религии и дека сме пример за релиогиозен дијалог кој ќе продолжи, како и дека Ватикан верува во нашата сила, изјави Сиљановска - Давкова. 

На аудиенцијата кај Папата денеска беше и бугарскиот претседател Румен Радев, но Сиљановска-Давкова и Радев не остварија средба поради, како што посочи Сиљановска-Давкова, неусогласување на агендите. Подготвеност за средба имало и од двете страни и таа е планирана за некоја наредна прилика.

Скопје - Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ. Ова на својот профил на социјалната  платформа Икс го напиша пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по вчерашното прегласување за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6.

Милошоски во објавата, покрај коментарот за очекувањата околу формирањето на новата влада и идните партиципиенти во неа, ги сподели и сумираните резултати што вчеравечер ги објави Државната изборна комисија (ДИК) по прегласувањето во двете изборни единици.

Досега нема официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ за евентуално учество на Движењето ЗНАМ во идната влада.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари изјави дека можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

Скопје - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во свое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ упатува честитка по повод 23 Мај, Национален ден на Власите.

-Власите се составен дел од македонската историја и култура, секогаш давале придонес за општеството и неговиот развој. Како идна влада ВМРО-ДПМНЕ ќе се посвети на засилен и забрзан економски развој, евроинтеграции и борба против корупцијата, процеси во кои ќе бидат вклучени и  Власите, се вели во честитката од Мицкоски по повод 23 Мај.

Следува, како што подвлекува Мицкоски, враќање на државата кон народот, „кон секој еден човек, да се чувствува безбедно, со еднакви можности и со ветувачка иднина“.

Скопје - Нема веќе машки, женски професии, жени има веќе и во столарството. Имаме жена-столар доста активна, има завршено архитектура и дизајн и се регистрираше кај нас како жена претприемач занаетчија. Ме радува фактот што веќе немаме поделба на професиите и нема предрасуди дека мора жена да води на пример еден одреден бизнис, како козметичар, а маж да води друг бизнис, како на пример автомеханичар. Веќе се менуваат и ставовите, меѓутоа треба уште долго време да дојдеме до вистинскиот пат во делот на женското претприемништво.  

Ова го истакна денеска Анета Атанасовска, извршна директорка во Занаетчиска комора - Скопје, во изјава за МИА.

Таа појасни дека најголемите проблеми на жените претприемачки се големите административни обврски што треба да ги водат во водењето бизнис.

Хаг - Меѓународниот суд на правдата објави дека денеска попладне ќе донесе одлука за барањето на Јужна Африка да нареди запирање на израелската офанзива на Рафа.

Рафа е местото каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште од израелските напади врз другите делови на енклавата. На сослушувањата минатата недела, Јужноафриканската Република побара од МСП да нареди запирање на израелската офанзива во Газа, а особено во Рафа, со цел да се обезбеди опстанок на палестинскиот народ.

Барањето за таква итна мерка е дел од голем случај што го покрена Јужна Африка, обвинувајќи го Израел за геноцид.

По првите сослушувања во јануари, МСП издаде неколку привремени мерки, наредувајќи му на Израел да преземе чекори за ограничување на хуманитарното страдање во Газа.

Атина – Грчката полиција разби меѓународна криминална група активна во увоз и трговија на кокаин од Латинска Америка, при што биле откриени 210 килограми кокаин и упасени четири лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, кокаинот се пренесувал по морски пат, скриен во контејнери, бил наменет и за Грција и за други европски земји, а членовите на криминалната организација се стекнале со огромни незаконски приходи кои надминуваат пет милиони евра.

Осло - Норвешките власти денеска соооштија дека од идната недела ќе ги затворат своите граници за руските туристи, не дозволувајќи им директен пристап до Шенген зоната.

Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија врз Украина. Таа скандинавска земја дели 198 километри копнена граница на Арктикот со Русија.

-Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина, изјави министерката за правда Емили Енгер Мехл.

Повеќемесечната истрага била во соработка со Канцеларијата на ДЕА во американската амбасада во Атина, со Специјалната антитерористичка единица на Дирекцијата на специјалните полициски сили и Одделот за борба со дрога на царината во Пиреја и со помош на соодветните оддели за борба со дрога во Управата за економски криминал и Крајбрежната служба.

Москва – Предлогот на руското Министерство за одбрана за изработка на владина уредба за промена на руската граница во Балтичкото Море вчера беше избришан од порталот каде се објавуваат официјални документи.

Нацртот повеќе не е достапен на страницата каде што беше објавен. Министерството за одбрана на Русија вчера предложи ревизија на државната граница во руските територијални води во Балтичкото Море, пренесоа руските агенции.

Во нацрт-уредбата од 21 мај, министерството предложи приспособување на границата околу руските острови во источниот дел на Финскиот залив и околу Калининград. Како што беше објаснето, за да се обезбеди безбедност на пловидбата, се предлага приспособување и повторно објавување на националните карти за поморска навигација во соодветна мера. Беше наведено и дека документот моментално е во фаза на подготовка.

Остани поврзан