• вторник, 21 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 4 април 2024

 

Скопје – На полноќ започна изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април. Кампањата ќе трае до полноќ на 22 април. На првиот ден од кампањата некои од кандидтите најавија промовирање и презентирање на изборната програма и отворање на изборни штабови.

Скопје - Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска, по повод 4. Април – Денот на НАТО се обрати до граѓаните со видео порака. -Денес, на 4 април, одбележуваме важен момент во историјата на меѓународната безбедност и одбрана – Денот на формирањето на Северноатлантската алијанса. Пред 75 години, нациите основачи на НАТО ја поставија основата за организација што ќе стане камен-темелник на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот. Во годината во која Северна Македонија одбележува 4 години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност, вели министерката Петровска. Тоа е, додава таа, успехот на нашата генерација, но во тој успех се вградија и сите оние кои пред нас нè водеа кон истата цел – држава чија безбедност и стабилност е гарантирана и однатре, но и од нашите сојузници.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (03.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот, во рамки на кои на територија на град Скопје изречени се вкупно 127 мерки. Како што соопшти МВР, меѓу санкции се пет за возење повеќе од дозволената брзина, девет за возење без возачка дозвола, шест санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 29 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците.

Скопје - АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот, денеска организира посета за медиуми на германската инвестиција „Маркарт“ во село Долно Караслари, во Велес, со почеток во 09:00 часот. Домаќини на оваа посета ќе бидат Јурген Шмит, генерален директор на Маркарт Македонија и Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Косово и Албанија.

Скопје - Од денеска, Националниот демократски институт (НДИ) официјално ја почнува кампањата за подигнување на јавната свест за елиминација на насилство врз жени во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“. Кампањата е дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ), а финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (Сида) и ќе се спроведе за време на претседателските и парламентарните избори.

Скопје - Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска, во Битола отвора Еразмус+ инфо центар. Центарот ќе претставува креативен простор за информирање и вмрежување на сите Еразмус+ корисници и млади лица. Настанот ќе биде пропратен со изложени дела на младата уметница Јана Танчевска, дегустација на македонски вина и музика за која се задолжени учениците од музичкото училиште во Битола, информираа организаторите.

Скопје - Конференција на тема „Јавни набавки - сегашна состојба, слабости, ризици, превенција и борба против корупцијата“, ќе се одржи денеска, во просториите на германскиот Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг Скопје, кој е воедно и организатор на настанот, во соработка со Првата македонска банкарска академија – АБИТ.

Скопје - Изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ ќе биде отворена вечерва, во Музејот на современата уметност – Скопје. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Изложбата е дел одбележувањето на шеесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје кое ќе продолжи во текот на целата 2024 година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници.

Скопје - Книгата за деца „Има ли и страна петта?“ на Васил Мукаетов, денеска ќе биде промовирана во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“. Промотори на книгата ќе бидат Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“ и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Извадоци од книгата ќе интерпретира актерката Снежана Конеска Руси. Кон едукативната димензија на делата на Мукаетов ќе се осврне Владанка Д. Миче, која е одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, Скопје.

Скопје - Во Филхармонијата вечерва, ќе се одржи концертот „Светлина“, на кој како солист ќе настапи виолинистот Станко Мадиќ (Србија/Германија), концертмајстор на Радио-оркестарот на Минхен. Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски.

Токио - Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Јапонија, јавува EMSC. Земјотресот е регистриран во 12:16 часот по локално време.  Потресот се почустувал во префектурите Ивате, Мијаги и Фукушима, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.  Епицентарот на земјотресот бил лоциран на брегот на префектурата Фукушима, на околу 40 километри под земја. Засега нема информации за повредени или материјална штета, а не е издадено ниту предупредување за цунами.

Хуалиен - Бројот на повредени во земјотресот со јачина од 7,2 степени во Тајван денеска се искачи на 1.038, бројот на загинати се уште е девет, додека 42 работници во хотел се водат како исчезнати.  Работниците во моментот на земјотресот биле на пат од Хуалиен кон Националниот парк Тароко, а командниот центар за кризни ситуации објавил дека потрагата по нив била главна цел, пренесуваат британските медиуми. Планирано е да се испратат беспилотни летала и хеликоптери за да помогнат во потрагата по работниците и доколку се најдат, да им се достават залихи што е можно поскоро. Шест лица се спасени со хеликоптер од рударската област. 

Рим - Италијанскиот вицепремиер и министер за транспорт и инфраструктура Матео Салвини „го преживеа“ гласањето недоверба во Долниот дом на италијанскиот Парламент, пренесоа светските агенции. Гласањето го донесе опозицијата и се однесуваше на врските на екстремно десничарската партија Лига на Салвини со Русија. Гласачите ја обвинија партијата на Салвини, која е дел од владината коалиција на премиерката Џорџа Мелони, дека фигуративно не ги пробила мостовите со Русија и владејачката партија Единствена Русија. Вкупно 209 членови на Домот на пратеници гласаа против изгласувањето недоверба, кое го поддржаа само 129 пратеници. Три лица беа воздржани.

Брисел - Во Брисел се одржува дводневен состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО, по повод 75-годишнината од алијансата. Се размислува за петгодишен пакет воена помош за Украина од 100 милијарди евра, кој би обезбедил поддршка за Киев во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. Москва вели дека нема место за НАТО во мултиполарниот свет, но дека тој ќе продолжи да биде во фокусот на руското внимание. Министрите за надворешни работи на 32-те земји-членки на НАТО разгледуваат начини да и дадат помош на Украина на долгорочна основа. Се планира НАТО да преземе дел од координациите од коалицијата предводена од Соединетите држави, позната како Рамштајн група, која обединува околу педесет земји.

Њујорк - САД, Велика Британија и Франција се спротивставија на нацрт-декларацијата поднесена од Русија до Советот за безбедност на Обединетите нации за осуда на нападот врз комплексот на иранската Амбасада во Сирија.  За овој напад официјален Техеран го обвини сојузникот на Вашингтон, Израел, јавија британските медиуми. Дипломати изјавија дека САД, поддржани од Франција и Велика Британија, им кажале на своите колеги во Советот дека многу од околностите околу инцидентот од понеделникот во Дамаск се сè уште нејасни и дека во вторникот не беше постигнат консензус меѓу членките на СБ за ова прашање.

Њујорк - САД, Велика Британија и Франција се спротивставија на нацрт-декларацијата поднесена од Русија до Советот за безбедност на Обединетите нации за осуда на нападот врз комплексот на иранската Амбасада во Сирија.  За овој напад официјален Техеран го обвини сојузникот на Вашингтон, Израел, јавија британските медиуми. Дипломати изјавија дека САД, поддржани од Франција и Велика Британија, им кажале на своите колеги во Советот дека многу од околностите околу инцидентот од понеделникот во Дамаск се сè уште нејасни и дека во вторникот не беше постигнат консензус меѓу членките на СБ за ова прашање.

Ларнака - По смртта на седуммината работници на Светската централна кујна (WCK) за време на израелски воздушен напад во понеделникот вечерта, бродскиот конвој со 240 тони неиспорачана хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа е вратен на Кипар. Британските медиуми јавуваат дека неиспорачаната помош беше дел од пратката од околу 340 тони хуманитарна помош испратена во Газа од Кипар на 30 март. Хуманитарните работници беа убиени во Газа за време на израелски напад токму кога завршија со истоварот на околу 100 тони помош од шлепер што, исто така, беше испратен од Кипар.

Лисабон – Новата португалска конзервативна влада, во својот прв указ, ги врати хералдичките симболи на официјалното лого, откако нејзините претходници воведоа „поинклузивно и секуларно лого“. Меѓу симболите се армиларната сфера, рана астрономска направа што ја користеле навигаторите, пет штитови што ги симболизираат муслиманските кралеви поразени од кралот Алфонсо I од Португалија во 12 век и седум замоци што биле повторно заземени од Маврите за време на повторното освојување на Пиринејскиот Полуостров. Сите симболи се наоѓаат на португалското знаме, а министерот Антонио Леитао Амаро на прес-конференција кажа дека овие симболи се „клучни за нашиот идентитет, нашата историја и култура“.

Вашингтон - САД најавија дека формирањето на независна палестинска држава треба да се бара преку директни преговори меѓу страните, а не преку Обединетите нации. Палестинските власти вчера побараа повторно разгледување на барањето за полноправно членство во Обединетите нации од 2011 година. Палестина беше де факто признаена како суверена држава откако Обединетите нации во 2012 година и дадоа статус на земја-набљудувач нечленка. Позицијата на САД, најважниот сојузник на Израел, ја одразува позицијата на Израел по ова прашање. „Воспоставувањето независна палестинска држава треба да се постигне преку директни преговори меѓу двете страни“

Братислава - Иван Корчок, прозападен словачки дипломат и поранешен министер за надворешни работи, се надева дека во вториот круг од претседателските избори во Словачка в сабота ќе го победи кандидатот на владејачката партија Питер Пелегрини. Корчок извојува изненадувачка победа во првиот круг пред две недели над Пелегрини, ветувајќи дека ќе биде противтежа на владата на Роберто Фико, која зазеде проруски став кон Украина и започна реформи кои беа критикувани за слабеење на владеењето на правото. Конечните анкети покажаа мртва трка. Анкетата на агенцијата НМС за веб-страницата www.sme.sk покажа дека Корчок води со 51,7 отсто наспроти 48,3 отсто за Пелегрини, додека анкетата на агенцијата Фокус за ТВ Маркиза покажа дека Пелегрини води со 50,8 отсто. на 49,2 отсто.

Тел Авив - Израелската армија сака да мобилизира резервисти за силите за воздушна одбрана, јави ДПА. -По проценката на ситуацијата, одлучено е да се зголеми бројот на воениот персонал и да се повикаат резервисти за воздушните одбранбени сили, соопшти израелската армија, не наведувајќи конкретни причини за преземената мерка. Израелските медиуми објавија дека одлуката е донесена поради заканите од Техеран. По осомничениот израелски воздушен напад врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку лица, Иран вчера ја повтори својата намера да возврати.

Буенос Аирес - Аргентина вчера објави дека укинала 15 илјади работни места во државните институции како дел од агресивната кампања на новиот претседател Хавиер Милеи за намалување на јавната потрошувачка, а отпуштените службеници повторно упаднале на нивните работни места со тапани, барајќи да се укине одлуката. Портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, на прес-конференција ги најави отпуштањата, опишувајќи ги како клучна алатка за реорганизација на јавниот сектор што Милеи ја најави во претседателската кампања, со цел, како што рече, „да се намалат трошоците на државата“. Разрешените службеници, додаде тој, „можеби немале посебно дефинирани работни задачи“.

 

 

Остани поврзан