• четврток, 16 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

30 април 2024

 

Штип - Работничките права се кршат, не се почитуваат докрај.  Работниците не ги знаат доволно своите права од причина што често се менува Законот за работни односи и тука е улогата на синдикатот. Синдикалното движење на некој начин е ослабнато, синдикатите не се само еден вид на поддржувачи, туку и контролори на тоа како се почитуваат законите во сферата на трудовата легислатива, вели за МИА Андон Мајхошев, универзитетски професор по трудово право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Скопје - На граничен премин Табановце вчера во 12.40 часот полициски службеници го лишиле од слобода Д.К.(49) од Република Грција, поради сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“, соопштиј аденеска од МВР.  - При пасошка и гранична контрола на возилото „форд“ со германски национални ознаки, кое го управувал, тој во својата патна исправа ставил пари како поткуп. Парите биле одземени со потврда за одземени предмети, а лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка, се појаснува во соопштението. 

Скопје - На територија на град Скопје вчера се изречени вкупно 125 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 16 санкции, 15 мерки за непочитување на брзината на движење, осум мерки за користење мобилен телефон при возење, три санкции за некористење сигурносен појас. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, соопшти МВР.

Скопје - Под мотото „Биди хуман - спаси живот” Уставниот суд организира крводарителска акција што ќе се одржи денеска, во периодот од 9 до 14 часот, во просториите на Судот.  -Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење. Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени околу 30 дарители од Уставниот суд, соопштија од Судот.

Скопје - Во организација на Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола) денеска ќе биде отворена изложбата на уметничка фотографија „Импровизации“ на Глигор Кондовски. Изложбата ќе биде поставена во кафе барот Порта Џез во Битола, а е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов (1972 - 2024). Фотографиите се сценски фотографии во вид на комбинирано спојување меѓу визуелна и аудитивна (музичка) импровизација специфична за џез музиката. Фотографиите се направени од фестивалите: ПМГ Рекордингс и Крај Вардарот Џез.

Скопје - Во организација на НУ „Охридско лето“, а по повод големиот верски празник Велигден, вечерва во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи Велигденски концерт на православна духовна музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово под диригенската палка на професор Ивица Зориќ. -Со овој концерт ја заокружуваме програмата која веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули- 20 август. Имавме прекрасни концерти преку цела година со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација, соопшти директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Скопје - Со јубилејна претстава под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“, фестивалот Танц Фест, вечер, во Македонскиот народен театар, ќе го одбележи 29 април, Светскиот ден на танцот.  Во рамки на одбележувањето на Денот, прочитана ќе биде и македонската порака, чиј потписник годинава е примабалерината на Националната опера и балет Сандра Мијалкова, доделена ќе биде наградата „Менада“, а публиката ќе има можност да ја види и претставата „Место. Многу посебно за неа“.

Скопје - Младинскиот културен центар – Битола (официјален младински клуб на УНЕСКО) со два концерта ќе го одбележи Меѓународниот ден на џезот. Првиот концерт е на „Син пустиње“ (Синот на пустината), поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружува пејачот, инструменталист и истражувач на Севдах Дамир Имамовиќ. Во проектот се познатиот гитарист Тони Китановски (МКД) и Иван Михајловиќ (СРБ) на бас.

Делчево - Во пресрет на велигденските празници, Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево синоќа го одржа најавениот Велигденски концерт. На концертот настапија Фолклорната група при НУЦК ,, Никола Јонков Вапцаров “ Делчево и нивните долгогодишни соработници Културно уметничко друштво ,, Вера Јоциќ “ од Македонска Каменица. 

Брисел – Процесот на проширување, зајакнувањето на Европската Унија и заштитата на владеењето на правото во рамките на блокот ќе бидат главни теми на денешното продолжение на дводневното неформално заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел.  Заседанието започна синоќа со свеченост во бриселскиот Центар за ликовни уметности „Бозар“ со која се одбележа 20-годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската Унија на 1 мај 2004 година.  

Брисел – Европската Унија денеска ќе биде домаќин на „Денот на дијалогот“ на Осмата бриселска конференција на кој тема ќе биде „Поддршката на иднината на Сирија и регионот“.   Бриселската конференција претставува главен настан за реафирмирање на поддршката на меѓународната заедница за сирискиот народ, сириските бегалци и нивните домаќини. 

Вашингтон – Белата куќа синоќа соопшти дека е против истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за акциите на Израел во Појасот Газа, јави ДПА. Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон „не ги поддржува“ истрагите нагласувајќи дека „не верува дека тие имаат јурисдикција“. Новинарите неколку пати ја прашаа Жан-Пјер дали евентуално издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други израелски официјални лица може да ги торпедира разговорите за прекин на огнот во Газа. Но, портпаролката одби подетално да ја коментира темата.

Киев - Портпаролот на украинската гранична служба Андриј Демченко изјави дека околу 30 мажи од Украина загинале од почетокот на војната со Русија во февруари 2022 година, обидувајќи се илегално да ја преминат границата и да избегнат учество во војната. „Некои ги загубија животите додека се обидуваа да преминат планински реки или стрмни планини. Вкупно, од почетокот на инвазијата, околу 30 луѓе загинаа обидувајќи се илегално да ја преминат границата“, изјави Демченко.

Буенос Ајрес – Воен хеликоптер се урна во северна Колумбија при што загинаа сите девет патници во него, соопшти армијата на јужноамериканската земја. Хеликоптерот Ми-17 се урнал во близина на градот Аренал дел Сур во департманот Боливар во северна Колумбија, соопшти војската.

Њујорк - Демонстрантите и полицијата синоќа се судрија во кампусот на Универзитетот во Тексас при што дојде до десетици апсења, а Универзитетот Колумбија во Њујорк почна да ги суспендира студентите, јавија странските агенции. Според локалниот адвокат на Универзитетот во Остин, најмалку 40 демонстранти се уапсени синоќа под обвинение за нарушување на јавниот ред.

Манила – Филипините денеска ја обвинија кинеската крајбрежна стража за употреба на водени топови против два филипински брода и блокирање на пристап до спорниот гребен во Јужното Кинеско Море, а Пекинг потврди дека „одбил“ чамци од островот. - Кинеската крајбрежна стража повторно постави пловечка бариера од 380 метри, со што го ограничи пристапот до областа на гребенот Скарборо, се вели во соопштението на филипинската крајбрежна стража.

Кабул – Вооружен маж уби шест лица и рани едно во напад во џамија во провинцијата Херат, западен Авганистан, соопшти рано утринава Министерството за внатрешни работи на земјата. Непознато лице синоќа околу 21:00 часот по локално време пукало во верници во квартот Гузара, јужно од главниот град на провинцијата. Шест цивили загинаа, а еден цивил е ранет“, соопшти портпаролот на МВР на социјалната мрежа Х.

Џакарта – Вулканот Маунт Руанг во Индонезија денеска повторно еруптираше, поради што властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво и наредија итна евакуација во радиус од шест километри. Ерупцијата на Маунт Руанг, кој се наоѓа во провинцијата Северен Сулавеси, предизвика облаци од пепел и чад во висина од 2.000 метри, соопшти геолошката агенција на Индонезија. Агенцијата ги повика жителите во погодените области да ги следат наредбите за евакуација и да носат маски за заштита од пепел.

Вашингтон - Еден од добитниците на минатомесечниот историски џекпот на Пауербол (Powerball) од 1,3 милијарди долари е имигрант од Лаос кој боледувал од рак осум години, а минатата недела го имал последниот круг на хемотерапија. Ченг Чарли Сифан од Портланд на прес-конференција одржана од Лотаријата во Орегон рече дека тој и неговата сопруга Дуанпен ќе ја поделат наградата подеднакво со пријателката Лаиза Чао, која дала 100 долари за да купи неколку билети со нив.

Остани поврзан