МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
11 ноември 2024
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова престојува во Баку, Република Азербејџан, по повод учеството на Светскиот лидерски самит за акција во рамки на 29. Конференција на страните на Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени – КОП29.
Во рамки на учеството на самитот, претседателката Сиљановска Давкова, како што денеска соопштија од нејзиниот Кабинет, ќе се обрати на првата пленарна сесија и предвидено е да оствари повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, како и средби со претставници на меѓународни организации.
Во состав на македонската државна делегација што ја предводи претседателката Сиљановска Давкова, се заменик претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновс
Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, учествува на COP29 – 29. Конференција на Обединетите нации за климатски промени во Баку, Азербејџан. Во делегацијата е и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
COP29 е глобален настан кој обединува светски лидери и експерти од над 70 земји. Годинашната тема на самитот е „Инвестирање во одржлива иднина“, со фокус на енергетската трансформација и заштитата на животната средина преку иновации и нови технологии. Овој самит, кој се одржува секоја година, претставува клучна платформа за земјите да ги координираат напорите за намалување на емисиите и промоција на обновливите извори, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на учеството во овој самит кој претставува можност Македонија да воспостави нови меѓународни партнерства и да обезбеди нови инвестиции во обновливи извори и одржлива енергетска инфраструктура, што ќе придонесе кон постигнување на долгорочните климатски цели и економски развој.
Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити е во официјална работна посета на главниот град на Азербејџан, Баку, каде денеска почнува 29. Конференција на Обединетите нации за климатски промени, позната како Конференција на страните - COP29.
Меџити, како што информира владината прес-служба, заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска е дел од високата државна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Тој во рамки на COP29 ќе биде дел од средбите на светските лидери на кои ќе се разговара за Парискиот договор и целта да се зголемат амбициите за климатската акција.
Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Тирана, во чии рамки се предвидени одвоени средби со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, како и со државната министерка и главен преговарач со ЕУ, Мајлинда Дука.
На средбите, соопштија од Министерството за европски прашања, се очекува разговорите да опфатат широк спектар на теми значајни за процесите на пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, како што се билатералните односи во контекст на европскиот пат на двете земји и регионот, заедничките напори за усогласување на реформите со стандардите на ЕУ, модалитетите за понатамошна размена на експертиза, зајакнување на капацитетите и координација на клучните приоритети како владеењето на правото, мерките за борба против корупцијата и економскиот развој.
Скопје - Поради наноси од снег, од 07:00 часот во прекин е сообраќајот за тешки моторни возила на патниот правец Кратово - Пробиштип, соопшти АМСМ
Сообраќајот кон Пониква се одвива непречено по една коловозна лента, исто така и кон с. Бели, а од страна на граѓаните кои протестираат е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од КЈП Водовод Кочани, но не и возила од други општини, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Делчево- Пијанечко-Малешевскиот регион утрово е под снежна покривка која е најизразена на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчево.
-Патиштата се проодни, а сообраќајот засега се одвива без проблеми. Апелираме да се почитува сообраќајната сигнализација и да се почитуваат условите на патот, истакнаа од подружницата на Македонија Пат.
Од делчевските воспитно образовни установи известија дека превозниците кои сообраќаат до училиштата во руралните средини навреме ја извршиле својата обврска.
Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во с.Тработивиште, како и на подрачјето на с.Ѕвегор во близина на Граничен премин Делчево.
Скопје - Здружени екипите на Инспекторат на Град Скопје, Бригадата за противпожарна заштита, ЈП Комунална хигиена, ЈП Улици и патишта и ЈП Водовод и канализација Скопје, со цистерни и тешка механизација синоќа неколку часа ги гаснеа подметнатите пожари на депонијата во Визбегово. Веќе се локализирани и изгасени две од вкупно пет опожарени локации, соопшти прес службата на Град Скопје.
Во текот на вчерашниот ден Инспекторатот за животна средина затекна сред палење депонии лица на повеќе локации за кои е изречена глоба и изготвен поднесок до соодветните институции за одговорност. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 25 сторители.
Од Град Скопје посочувата дека досега единствено тие реагирале, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но не се постапува иако имаат законска обврска.
Скопје - Во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ што го спроведува УНДП, денеска ќе бидат презентирани резултатите за квалитетот на внатрешниот воздухот во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
Настанот ќе го отворат амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џејн и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан. Резултатите од истражувањето ќе ги презентира ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.
Предвидено е и одржување на панел дискусија на која, според најавата, ќе се обратат министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за здравство, Арбен Таравари и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Скопје - Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за повремен слаб дожд, а на повисоките планини и особено од вечерните часови со појава на повремен снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 4, а максималната од 7 до 14 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно и постудено време, до четврток со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини особено во ноќта кон вторник ќе има услови за појава на повремен снег.
Вашингтон- Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на повеќе извори.
Весникот наведува дека Трамп разговарал со Путин во четвртокот, што бил нивен прв телефонски разговор по победата на Трамп на изборите, а една од темите на разговорот била војната во Украина. Според изворите, Трамп му се јавил на Путин од неговото одморалиште на Флорида и за време на разговорот го повикал да не ескалира конфликтот со Украина.
Според извори на „Вашингтон пост“ кои сакале да останат анонимни, Трамп го потсетил Путин на силното американско воено присуство во Европа.
-Разговорот беше насочен кон постигнување мир во Европа, а Трамп изрази интерес за дополнителни разговори за брзо решение на војната во Украина, велат изворите на весникот.
Тие додадоа дека Трамп и Путин разговарале за постигнување мир на европскиот континент и дека Трамп „изразил интерес да го продолжи разговорот со темата за рано решавање на украинската војна“.
Вашингтон– Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп најави дека поранешниот вршител на должност директор на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), Томас Хоман ќе биде задолжен за границите во новата американска администрација.
Трамп на својата платформа „Трут соушал“ (Truth Social) објави дека Хоман во новата администрација ќе биде задолжен за границите на САД, за поморската и воздушна безбедност, како и за депортација на илегалните имигранти.
Хоман 1,5 година беше дел од администрацијата на Трамп за време на претходниот претседателски мандат. Тој исто така е кандидат и за секретар за внатрешна безбедност.
Њујорк - Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави дека и понудил на републиканската конгресменка Елиз Стефаник функцијата амбасадор на САД во ОН објавија американските медиуми.
„Чест ми е да ја номинирам претседавачката Елиз Стефаник да служи во мојот кабинет како амбасадор на САД во Обединетите нации. Елиз е неверојатно силен, тврд и паметен борец на Америка“, наведе Трамп во изјава за Њујорк пост.
Вашингтон- Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ќе се сретне со израелскиот претседател Исак Херцог во Белата куќа, потврдија американски и израелски официјални лица за Си-Би-Ес Њуз.
Се очекува двајцата претседатели да разговараат за тековните војни во Газа и Либан, се вели во соопштението од кабинетот на израелскиот претседател.
Поранешниот израелски амбасадор во САД, Рон Дермер, кој е и советник на премиерот Бенјамин Нетанјаху, се очекува да му се придружи на Херцог на средбата со Бајден.
Бајден и Херцог се сретнаа во Белата куќа во јули 2023 година, а повторно во октомври истата година во Тел Авив. Нетанјаху и Бајден се сретнаа во Вашингтон во јули 2024 година.
Белград- Одличен, срдечен и содржајен разговор со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, соопшти претседателот Александар Вучиќ на Инстаграм. Тој наведе дека во телефонскиот разговор изразил надеж дека Доналд Трамп ќе ја посети Србија, бидејќи Србија била земја во која поддршката за неговиот избор била најголема во цела Европа, јави дописникот на МИА од Белград.
-Одличен разговор со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Срдечен и содржаен. Верувам во посилно партнерство со САД под водство на претседателот Трамп, соопшти претседателот Вучиќ на Инстаграм.
Тој е благодарен на претседателот Трамп бидејќи, како што вели, многу добро знаел многу работи за Србија.
-Нема да верувате, дури зборуваше и за спортските успеси на нашата нација, нашата земја, истакна Вучиќ.
Берлин– Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера телефонски разговараше со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп за билатералните односи и геополитичката ситуација.
- Сојузниот канцелар Олаф Шолц телефонски разговараше со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и уште еднаш лично му ја честиташе победата на изборите. Разговараа за германско-американските односи и актуелните геополитички предизвици, изјави владиниот портпарол Стефен Гебешрајт.
Тој додаде дека Шолц изразил подготвеност сојузната Влада да ја продолжи успешната соработка помеѓу двете земји „која трае со децении“.
Киев - Украина превентивно ја прекина струјата во Киев и во неколку други области поради заканата од руски ракетен напад, соопштија украинската армија и енергетската компанија, цитирани од украинските медиуми.
Електричната енергија, освен во главниот град е прекината и во регионите Одеса, Дњепропетровск и Доњецк, прецизираше на Телеграм украинската компанија за електрична енергија ДТЕК. Воздушна тревога е прогласена низ цела Украина.
Берлин– Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е можно пред Божиќ да се распише гласање за доверба на Владата во Бундестагот.
- За мене нема никаков проблем да свикам гласање за доверба пред Божиќ, ако сите се согласат, наведе Шолц.
Тој првично најави гласање во јануари, но тоа предизвика жестока дебата особено од конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која бара побрзо гласање за доверба на Владата.
Софија- Новоизбраниот бугарски парламентарен состав (51. Народно собрание) ќе ја одржи претпладнево првата седница. согласно указ од 5 ноември на претседателот Румен Радев, јави БТА.
Првата седница на Националното собрание ќе ја отвори најстариот присутен пратеник - во 51-от парламент тоа е Силви Кирилов од „Има таков народ“ кој има 73 години доека најмладиот е од ГЕРБ-СДС и има 24 години.
Се очекува претставниците на парламентарните сили да дадат изјава за приоритетите и намерите на нивните групи. Потоа ќе започне процедурата за избор на претседател со 51. Народно собрание, кој ќе претседава со седницата и ќе одржи говор. На дневен ред е и избор на потпретседатели на парламентот.
Бугарскиот Парламент има 240 пратеници.
Баку- Годишниот самит на ОН за климатски промени COP29 (UN Climate Change Conferences) започнува денеска во Баку, главниот град на Азербејџан, и ќе трае до 22 ноември, а ќе собере лидери на бројни земји, претставници на бизнисот и граѓанското општество со цел да се забрзаат активностите за решавање на проблемот со климатска криза.
Официјалното отворање на Самитот на Олимпискиот стадион „Баку“ е планирано за вторник, а свое обраќање ќе имаат домаќините - претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
По свеченото отворање, на Самитот ќе говорат повеќе од 20 шефови на држави.
COP29, во време кога глобалните температури достигнуваат рекордни нивоа, а екстремните временски услови ги погодуваат луѓето ширум светот, ќе се обиде да унапреди конкретни решенија за проблемот со климатските промени.
Фокусот на COP29 ќе биде на финансиските земји кои треба драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ги заштитат животите и егзистенцијата на луѓето од влијанијата на климатските промени.
Будимпешта – Лидерот на унгарската опозицја, Петер Маѓар вчера ја обвини Владата на премиерот Виктор Орбан дека систематски и незаконски го шпионирала него, неговите вработени и седиштето на неговата партија ТИСА.
- Разузнавачите кои и служат на својата земја, а не на мафијашката влада, ми се доверија дека мојот стан, нашите канцеларии и нашите автомобили се прислушувани со месеци, истакна Маѓар, кој е и член на Европскиот парламент.
Тој побара од министерот за внатрешни работи Шандор Пинтер да испрати експерти за да ги отстранат уредите за прислушување и да разјаснат кој наредил и го одобрил нелегалното следење.