• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 мај 2024

Скопје -  Излезноста на седумте избирачки места каде денеска се прегласува за парламентарните избори до 13 часот е 25,48 проценти, соопшти Државната изборна комисија. 

Од вкупно запишаните 4.514 гласачи гласале 1150 гласачи. Во споредба со гласањето на 8 мај, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 3,71 проценти на овие избирачки места.

Најголема излезност има на избирачкото место во Желино каде гласале 325 гласачи, а најмала е излезноста во Крушево на избирачкото место 1194 каде до 13 часот гласале 47 гласачи односно 15,77 проценти. 

Тетово - Во единственото избирачко место во рамки на ИЕ6 каде денес се прегласува до 13 часот гласале 32,73 отсто од граѓаните.

 Во избирачкото место 2101 во село Ларце, Општина Желино каде можност за гласање имаат 993 лица досега гласале 325 луѓе.

Вкупниот број на гласачи во Општина Желино изнесува 25.199. Државната изборна комисија на изборите на 22 мај евидентираше дека гласале 48 проценти од запишаните гласачи, односно 479 луѓе од кои девет биле беа неважечки ливчиња.

Струга - Речиси 30 отсто е излезноста до 13 часот во избирачкото место 1844 во Струга во прегласувањето на вториот круг од Парламентарните избори 2024 година.

Заменик претседателката на Општинската изборна комисија Деспина Влаќеска за МИА информира дека до 13 во ова избирачко место гласале 234 лица од регистрирани 755 гласачи.

Прегласувањето на ова избирачко место утрово почна навреме, во 7 часот и гласањето се одвива непречено.

Скопје - Проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент од претседателството на Данска со Европската Унија во 2025 година. Копенхаген ќе и помогне на Северна Македонија на патот на евроинтеграциите, порача данската амбасадорка Сузане Шајн во своето пригодно обраќање по повод 30 години од Генералниот конзулат на Кралството Данска во Скопје.

- Врските помеѓу Северна Македонија и Данска се изградени врз споделени вредности, заемни интереси и заеднички видокруг за збиднувањата во светот. Клучен аспект од нашата работа при зајакнување на овие врски е да ѝ се помогне на земјата да напредува на својот пат кон ЕУ. Таа работа секако ќе ја продолжиме со новата Влада. Во оваа насока, сакам да истакнам дека Данска ќе го преземе претседавањето со Европската Унија во 2025 година, а проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент на нашето претседателство. Со сите ангажмани на Данска во Северна Македонија, Генералниот конзулат на Кралството Данска играше централна улога и тоа ќе продолжи да биде така, истакна амбасадорката Шајн.

Скопје – Ќе водиме принципиелна политика кон соседите, која ќе се темели на аргументи и на факти. Подготвени сме да работиме заедно со нашите соседи. Очекуваме од нив да го почитуваат и нашиот став, бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Ора 24“, потенцирајќи дека новата власт нема да води политики на себе омаловажувања, ниту пак беспотребно ќе иритира.

- Што се однесува до соседите ќе водиме една принципиелна политика, којашто ќе се темели на аргументи, на факти. Подготвени сме да аргументираме наши позиции. Подготвени сме да работиме заедно со нашите соседи, да градиме мостови. Ги повикувам нашите соседи на една заедничка работа, на една братска работа затоа што соседот е тој којшто е од Бога даден и ние мора да работиме заедно, не смееме да ги рушиме мостовите. Очекуваме од нашите соседи да го почитуваат и нашиот став бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека од новата власт нема да ги гледаат политиките коишто досега ги гледаа, тоа, како што рече, беа политики на себе омаловажувања, на понизност, на коленичење, а од друга страна, уништување и ограбување на сопствената држава.

Скопје - Државниот санитарен и здравствен испекторат извршил контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за работа при што констатирал дека договорите се со потпис од само еден директор. 

- Согласно законските одредби во однос на потпишувањето на акти, медицинскиот и организацискиот директор имаат заедничка надлежност и кај потпишувањето на договорите за вработување, отказни решенија, јавни набавки итн. Доколку овие акти се потпишани само од еден директор, согласно закон за здравствена заштита се сметаат за непотпишани, но, законодавецот не предвидел глоба по ова прашање, изјави денеска директорката на ДСЗИ Рената Младеновска.

Најави дека за ова ќе го информираат министерот за здравство кој треба да одлучи понатаму во однос на валидноста на договорите за работа.

Скопје - Царински службеници на влез на Меѓународен аеродром Скопје спречија влез на 1,7 тони медикаменти, Силденафил Цитат Упс и Сибутрамин, коишто се штетни по здравјето на граѓаните. Лековите не се регистрирани во Агенција за лекови, а фирмата увозник немала ниту дозвола за промет на големо со медицински средства односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење на ваков вид дејност, соопшти Царинската управа.

- По вештачењето е утврдено дека медикаментите Сибутрамин е супстанца која се наоѓа на Националните листи на контролирани опојни дроги и психотропни супстанци и истата претставува стимуланс на централниот нервен систем. Утврдено дека истата предизвикува појава на срцеви и мозочни удари, поради што медикаментите коишто содржат сибутрамин се забранети за продажба од страна на ЕУ од 2010 година. Медикаментите Силденафил Цитат Упс (виагра) пак претставува супстанца која влегува во состав на медикаменти за лекување и истата подлежи на контролирана продажба, наведуваат од Царинската управа.

Скопје – Состојбите со филантропијата и неопходноста таа да биде механизам за одржлив развој, обезбедувајќи ресурси, експертиза и иновативни решенија за справување со социо-економските предизвици, беа во фокусот на Форумот за филантропија што се одржа денеска во организација на здружението „Конект“, Северна Македонија. 

На форумот на кој учествуваа учесници од Албанија, Косово, Северна Македонија, Сингапур, Србија и Хрватска и над 80 учесници од институции, бизниси, граѓански организации и медиуми беше истакнато дека филантропските напори играат клучна улога во унапредувањето и градењето на поправеден и одржлив свет за сите. 

Никица Кусеникова, извршна директорка на „Конект“, во изјава за медиуми рече дека нашето општество има огромен потенцијал за филантропија.

Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март годинава, изнесувала 40 496 денари, и е за 16 отсто повисока од истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен
во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (21.9 %), Јавна управа и одбрана;
задолжително социјално осигурување (21.3 %) и Образование (20.5 %).

Скопје - Најавеното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка нема драстично да се почувствува врз каматните стапки на кредитите во земјава. Ќе има одредена корекција кај кредитите што веќе се исплаќаат, а се поврзани со еуриборот, но корисниците нема да почувствуваат некоја драматична промена, сметаат банкарите. 

Претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“ Санел Кустурица вели дека евентуалното намалување на каматните стапки од страна на ЕЦБ по автоматизам ќе има ефект врз постоечките кредити кои се поврзани со еуриборот, но дека годинава нема да се случи некоја драматична промена.

Скопје - Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, обраќајќи се на конститутивниот состанок на новата Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, им го честиташе мандатот на новите членови на Комисијата, изразувајќи уверување дека тие ќе обезбедат континуитет во работата на Комисијата и ќе дадат нов придонес во подигнувањето на стручните стандарди во заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и на неговата исклучителна универзална вредност.

Изразувајќи задоволство од работата на членовите на Комисијата во двата претходни состави, Костадиновска-Стојчевска потсети на њзаштитните активности што стручниот тим од Министерството за култура над шест години ги вршеше за потребите на Комисијата.

Тирана - Македонското, заедно со другите национални малцинства, синоќа во Центарот за отвореност и дијалог во албанската влада, презентираа традиционални носии, публикации, фотографии, слики и артефакти, кои ја отсликуваат различноста и културното богатство на малцинствата во Албанија.

Изложбата беше во рамки на одбележувањето на 21 мај, Светскиот ден на културната различност а ја  организираше Комитетот за национални малцинства, владин орган во кој членуваат претставници на девет национални малцинства, колку што се признати со Законот за заштита на малцинствата.

-Македонското малцинство меѓу другото беше претставено со фотографии, традиционална облека, артефакти и публикации, кои го отсликуваат културното богатство на Македонците во Албанија. Беа изложени и две книги, студии на научно ниво, кои го докажуваат постоењето на македонското малцинство и хармоничниот соживот на нашето малцинство со мнозинството, рече Марјана Костофски, претставничка на македонското малцинство во комитетот.

Скопје - Во четврток и во петок ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, соопшти УХМР.

Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и локална појава на невреме.

Минималната утринска температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната дневна ќе достигне до 29 степени.

Техеран – Стотици илјади луѓе се собраа во центарот на Техеран денеска за да му оддадат последна почит на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во неделата. 

Врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ги водеше молитвите за време на прошталната церемонија за починатиот претседател и седум други, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан, кој загина во несреќата.

Врховната власт на Исламската Република се поклони пред осум ковчези покриени со иранското зелено-бело-црвено знаме поставени еден до друг на Универзитетот во Техеран.

Врховниот лидер беше опкружен од водечки шиитски свештеници, членови на владата, вклучително и привремениот претседател Мохамад Мокбер, и високи членови на војската и на Револуционерната гарда.

Ерусалим – Крајно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, дојде во комплексот на џамијата Ал Акса во Источен Ерусалим, изјавувајќи дека светото место и припаѓа „само на државата Израел“.

Во неговата прва посета на светото место во Ерусалим од 7 октомври, Бен Гвир од планината на храмот изјави дека „дипломатското признавање на палестинската држава е еднакво на наградување на Хамас“.

Опкружен со полиција, Бен Гвир во видео порака вели дека „во нивниот потег да ја признаат Палестина, Норвешка, Шпанија и Ирска ги наградуваат Нукба, убијците и насилниците“.

Њујорк - Речиси три четвртини од земјите во светот ја признаа државата Палестина, која беше прогласена од палестинското раководство во егзил пред повеќе од 35 години, додека денеска одлучија тоа да го следат Шпанија, Ирска и Норвешка.

Седуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, предизвикана од бруталниот терористички напад на израелска територија на 7 октомври, ги обнови повиците за признавање на палестинската држава.

Според палестинските власти, 142 земји од 193 земји-членки на ОН ја признале Палестина.

Четири карипски земји (Јамајка, Тринидад и Тобаго, Барбадос и Бахамите) се последните земји кои се приклучија на листата, која не ги вклучува повеќето земји од Западна Европа и Северна Америка, Австралија и Јапонија.

Шпанија, Ирска и Норвешка денеска објавија дека ќе ја признаат државата Палестина од 28 мај.

Париз - Условите за официјално признавање на Палестина како држава се уште не се исполнети, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне, откако Норвешка, Шпанија и Ирска денеска објавија дека тоа ќе го сторат на 28 мај.

-Ова не е само симболично прашање или прашање на политичко позиционирање, туку дипломатска алатка во служба на решението на две држави кои живеат една до друга во мир и безбедност, се вели во изјавата на Сежурне.

Тој додаде дека Франција не смета дека се уште се исполнети условите таквата одлука да има реално влијание врз тој процес.

Газа – Милитантната терористичка група Хамас ја поздрави одлуката на Шпанија, Норвешка и Ирска да ја признаат независната палестинска држава.

Висок функционер на Хамас, Басем Наим, за АФП изјавил дека зад овој потег стои „храбриот отпор на палестинскиот народ“, пренесе Би-Би-Си.

- Овие последователни признавања се директен резултат на храбриот отпор и легендарната непоколебливост на палестинскиот народ. Веруваме дека ова ќе биде пресвртница во меѓународниот став за палестинското прашање, рече Наим.

Одлуката на трите европски земји ја поздрави и палестинското Министерство за надворешни работи, со седиште на Западниот Брег.

 

Берлин - Германската крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) му забрани на својот водечки кандидат за европските избори, Максимилијан Крах, јавно да дава изјави, откако тој коментираше дека не сите членови на СС криминалци.

Портпаролот на партијата го потврди извештајот на весникот Билд дека федералниот извршен одбор му забранил на Крах да зборува јавно на околу две недели пред изборите во ЕУ.

Крах на социјалната платформа Х објави дека ќе се воздржи од понатамошни настапи во изборната кампања и дека ќе поднесе оставка како член на сојузниот извршен комитет.

Потегот доаѓа еден ден откако француската екстремно десничарска партија Национален собир соопшти дека повеќе не сака да седи во истата парламентарна група со АфД поради коментарите на Крах.

Пекинг - Кинеските власти денеска соопштија дека ќе воведат санкции врз голем број американски одбранбени компании и неколку директори поради „економската принуда“ на Вашингтон против кинески компании и продажбата на оружје на Тајван.

„САД... неселективно воведоа незаконски и еднострани санкции против голем број кинески субјекти... додека  продолжуваат да му продаваат оружје на регионот на Тајван“, соопшти Министерството за надворешни работи на Пекинг во кое се објавени „контрамерките“.

Стокхолм - Рускиот претседател Владимир Путин сака доминација во Балтичкото Море и за тоа му е потребен шведскиот остров Готланд, изјави началникот на Генералштабот на шведските вооружени сили Пер Микаел Биден.

Тој рече дека Русија е особено заинтересирана за Готланд, најголемиот остров во Шведска, кој се наоѓа на околу 330 километри северно од руската ексклава Калининград и каде е сместена руската балтичка флота и дека е стратешки важен за одбраната на регионот на Балтичкото Море.

„Убеден сум дека Путин ги има двете очи вперени во Готланд. Целта на Путин е да ја преземе контролата над Балтичкото Море. Кој го контролира Готланд го контролира Балтичкото Море“, изјави шведскиот генерал во интервју за германската РНД.

Тирана – Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, истакна дека проблемите на Западен Балкан се и на Европа, додавајќи дека „ако успее балканскиот регион, тогаш ќе успее и Европа“

-Имам фер и едноставен став дека кога ќе успее Западен Балкан, тогаш успева и Европа. Ако има проблеми на Западен Балкан, тогаш има и во Европа, наш заеднички интерес е да помогнеме во процесот на помирување, економски раст и разбирање. За мене ова е приоритет и беше уште кога бев премиер, рече тој, пренесува АБЦ њуз.

Тој му се заблагодарил на Рама што го нарекол посебен пријател на Албанија и на Западен Балкан, што за него е голем комплимент.

Лос Анџелес - Адвокатите на Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џозеф Бајден, денеска ќе побараат од судијата да го одложи за септември почетокот на судењето, што треба да започне на 20 јуни, по обвиненија за затајување повеќе од 1,4 милиони долари даноци.

На Бајден помладиот треба да му се суди во Делавер на 3 јуни, под обвинение дека лажел на барање за купување огнено оружје во 2018 година. 

Адвокатите на Хантер Бајден велат дека не можат адекватно да се подготват за двете судења во исто време и побараа одложување, но и отфрлање на обвиненијата. Панелот од тројца судии на Деветтиот окружен апелационен суд на САД го отфрли предлогот на одбраната минатата недела.

Во обвинението се наведува дека Хантер Бајден не платил повеќе од 1,4 милиони долари данок во текот на четири години додека живеел „екстравагантен начин на живот“ и наводно се борел со зависност од дрога.

Остани поврзан