• петок, 25 октомври 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  18  јуни 2024

 

Скопје - Сообраќајот на патот Градско-Прилеп, кој беше во прекин поради сообраќајна несреќа, е нормализиран од синоќа од 23:45 часот, соопшти АМСМ. Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 1 април е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

Скопје - Собранието денеска ќе го посети извршната директорка на НДИ, Стефани Раст. Како што информираат од собраниската прес-служба, од 9:30 до 10:30 часот, Раст ќе има средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а од 10:30 до 11:20 часот ќе има средба со пратеници на СДСМ - Јован Митрески, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска. Од 14:15 до 14:45 часот ќе оствари средба со претставници на ВМРО-ДПМНЕ - Христијан Мицкоски, Никола Мицевски.

Скопје - Мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува денеска до Собранието да го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзина работа. Гласањето за новата влада се очекува да се случи овој викенд. Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.

Скопје - Собрание на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи петтата седница. Како што стои на собраниската веб-страна, на дневен ред на оваа седница се две точки - Предлог одлуката за утврдување на составот на Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија и Предлог на одлуката за избор на претседател, членови и заменици - членови на Советот на Собранискиот канал.

Скопје - Државниот завод за ревизија изврши  ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенција за вработување на Република Северна Македонија за 2022 година. Со извршената ревизија за 2022 година изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Скопје - Од четврток (20 јуни) до вторник (25 јуни до 15 часот) ќе се спроведува првото електронско пријавување на учениците за запишување во средно образование за учебната 2024/2025 година. Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 1 и 2 јули до 15 часот.  Со цел да се оптимизира процесот за запишување во средните училишта, Министерството за образование и наука  и оваа година овозможи електронско аплицирање.  Пријавувањето е преку линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk)  со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Скопје - Во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) од денеска до 20 јуни во Скопје ќе се одржи регионална конференција за интернет-слобода. На конференцијата, како што најавуваат од БИРН, ќе присуствуваат експерти од областа на дигиталните права и слободи од сите релевантни полиња, како и на институции задолжени за политиките поврзани со интернетот. Меѓу нив ќе има владини претставници, граѓански организации, активисти за дигитални права, академици, новинари и ентузијасти за технологија и интернет политики од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Струмица - Во Струмица денеска и утре ќе се одржи вториот Национален рурален парламент, во организација на тимот на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој.  Целта на овој настан е да се унапреди националната платформа на рурални граѓански организации, локални акциски групи и земјоделски здруженија, која ќе продолжи уште позасилено да комуницира со локалната и националната власт во заедничкото дефинирање на политиките и прашањата поврзани со руралниот развој.

Штип - Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ) - Штип денеска трет пат организира конференција посветена на децентрализацијата и граѓанското учество во креирањето на локални политики, насловена „Децентрализација 3.0: Зајакнување на локалната демократија“. Фокусот на годинашнава конференција, соопштија од Фондација за развој на локалната заедница - Штип, е ставен на резултатите од новото истражување за  вклученоста на граѓаните во креирањето на локалните политики, донесувањето одлуки и фискалната децентрализација и капацитетот на единиците на локалната самоуправа за управување на јавните средства и вклучување на граѓаните. 

Скопје - Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ – Скопје вечер ќе одржи Свечена академија по повод одбележување на својот 65-годишен јубилеј. На академијата, како што најавуваат организаторите, треба да се обратат Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ, Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и  претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска – Давкова.  По завршување на Академијата ќе бидат промовирани и дипломираните инженери и магистри на Факултетот. 

Скопје - Во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), од денеска до 20 јуни ќе се одржи шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). Во рамки на тридневната фестивалска програма, почесни награди „Златна Рамка“ ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија: актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов - Вац, и филмскиот работник Марина Колоска. 

Скопје - Во Галеријата  „Метаноја“ во Скопје во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ денеска ќе биде отворена изложбата „Сосема обично“ на Владимир Илиевски.  -Светлината е најобична природна појава. Таа е толкав дел од нашето искуство така што забораваме дека не само што можеме самата неа да ја видиме, туку и заради неа гледаме сѐ друго. Како што псалмистот вели, „Во Твојата светлина гледаме светлина“ (Псалм 36:9). Владимир Илиевски во сликата „Создавање на светлоста“ ги има вткаено своите теоретски знаења, сликарски вештини, креативност, контемплативност и интертекстуалност во совршен спој, вели за изложбата рецензентот д-р Коста Милков.

Брисел - Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, за Би-Би-Си изјави дека Кина треба да се соочи со последици за поддршката на руската војна во Украина доколку не го промени своето однесување. Столтенберг рече дека Пекинг „се обидува да седне на две столчиња“ поддржувајќи ги воените напори на Русија додека ги одржува односите со европските сојузници. -Ова нема да функционира на долг рок, изјави Столтенберг во интервјуто за време на посетата на Вашингтон.

Брисел - Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на вечерашната неформална средба во Брисел не успеаја да постигнат договор околу изборот на највисоките функционери во Унијата, информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.   - Средбата претставуваше добра можност да се разменат мислења околу изборните резултати и за подготовка на формалната средба на Европскиот совет што ќе се одржи овде во Брисел следната недела. Мислам дека дискусијата се одвиваше во вистина насока, но во оваа фаза вечерва нема договор, изјави Мишел по завршувањето на неформалниот состанок на европските лидери. 

Брисел - Дебатата за поврзаноста меѓу кохезивната политика и Стратешката агенда на ЕУ, како и усвојувањето на заклучоците за 9-тиот Извештај за кохезија, ќе бидат главни теми на денешниот состанок на министрите за земјите членки на Унијата задолжени за кохезивна политика што ќе се одржи во Луксембург. 

Киев - Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека украинските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта ги уништиле сите десет беспилотни летала лансирани од Русија против Украина, пренесоа британските медиуми. Беспилотните летала се уништени над регионите Запорожје и Дњепропетровск во Украина, соопшти украинското воздухопловство на апликацијата за комуникација Телеграм. 

Москва - Складишта за нафта горат по напад со дронови рано утринава во градот Азов, што се наоѓа во руската Рорстовска област, соопштија руските власти. -Според прелиминарните податоци, нема жртви, напиша гувернерот на Ростовската област, што граничи со Украина, Василиј Голубев на Телеграм. Руското Министерство за вонредни ситуации објави на Телеграм дека десетици пожарникари се вклучени во гаснење на пожарот.

Ерусалим - Најмалку три лица се повредени, а осум се уапсени доцна синоќа во Ерусалим во жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата пред приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објавија израелските медиуми. Според „Тајмс оф Израел“, полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите. Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Ерусалим претходно за да го изразат својот протест против владата на Нетанјаху поради неуспехот да постигне договор за заложниците, јави ДПА.

Вашингтон - Предизборниот штаб на американскиот претседател Џо Бајден ќе се фокусира кон пресудата за кривично дело на републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во кампања од 50 милиони долари пред првата претседателска дебата меѓу двајцата кандидати на 27 јуни. Тоа е еден од најголемите трошоци за рекламирање на кампањата досега и означува голема промена во пристапот на Бајден кон признавањето на вината на Трамп по првичното колебање на претседателот да донесе одлука за ова прашање за да избегне вмешаност во правните проблеми на поранешниот американски претседател.

Дизелдорф - Францускиот фудбалер Килијан Мбапе се огласи по повредата добиена синоќа на натпреварот против Австрија на Евро 2024 (1:0). - Идеи за маска? – напиша Мбапе на социјалната мрежа Икс. Дваесет и петгодишниот Французин се судри со австрискиот дефанзивец Кевин Дансо во 86. минута од натпреварот, по што заврши на тревникот. 

Лос Анџелес - Сер Ијан Меккелен, последниве десетлетија познат по улогите во „Господарот на прстените“ и „Икс-мен“, паднал од сцена за време на театарска претстава во Лондон. Британскиот глумец наводно се сопнал од реквизитите и потоа почнал да вика од болка, пишува „Дејли мејл“. „Помогнете ми, моите раце...“ - повторувал Меккелен (85) во театарот „Ноел Кауард“, каде што глумел во „Кралски игри“ (Player Kings). Лекарите од публиката му пришле на помош, а набрзо пристигнала и брзата помош којашто го пренела глумецот в болница. Публиката беше изведена надвор од театарот со известување дека претставата е откажана. Од театарот потоа соопштија дека Меккелен се чувствува добро и се очекува брзо закрепнување

Остани поврзан