• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

25 октомври 2024 

Струга - Институтот помилување е многу битна работа во државата. Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица теба да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста, изјави денеска министерот за правда Игор Филков одговарајќи на новинарски прашања во врска со помилувањето затвореници, по посетата на Казнено поправниот дом од отворен вид Струга.

Тој појасни дека Министерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци. Потоа, додаде, таа препорака оди кај Претседателката, односно кај Комисијата. Министерството, нагласи, има еден член и тој нема право на глас, односно не гласа.

Како министер за правда забележа дека е потребно освежување на Комисијата која носи одлуки за помилување.

Во однос на препукувањата на релација Вишо Републичко обвинителство и Државниот виш обвинител, кажа дека е во тек со случувањата.

- Будно ја пратиме работата, но во овој момент навистина не би имал што да коментирам. Да почекаме да видиме што ќе се случи, изјави Филков. 

Скопје - Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања денеска во Скопје ги продолжи разговорите за теми поврзани со историјата.

Ангел Димитров, бугарски историчар и дипломат, по претпладневниот дел од средбата во македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија изјави дека се разговарало околу претставувањето на Охридската архиепископија во 11 век, но дека разговорите за ова прашање ќе продолжат на следна средба во Софија за која дополнително ќе се утврди термин. Тој изрази надеж дека ќе има добра волја за изнаоѓање заеднички јазик со новиот состав на историската комисија од македонска страна.

- Започнавме едни долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската архиепископија во 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време за да навлезат во таа проблематика, решивме тоа да го оставиме за следната средба која ќе биде во Софија. Уште не сме го определиле точниот датум, треба да се искоординираме со можностите на сите членови на заедничката комисија. Повеќе не дискутиравме за тие теми за преглед на тие учебници што се за седмо одделение во Република Северна Македонија, но започнавме да работиме на утврдување на протоколи од претходни средби. Со тоа ќе продолжиме и после ручекот, рече Димитров.

Скопје - Македонските туристи се седми по бројот на ноќевања, а петти во однос на потрошувачката во Србија и овие бројки се зголемуваат континуирано секоја година. Минатата година имавме над 260 илјада ноќевања реализирани од страна на туристите од Северна Македонија, изјави денеска директорката на туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ.

Во Скопје денеска се одржа „Работилница Б2Б“, во организација на Туристичка организација на Србија. Лабовиќ пред почетокот на настанот изјави дека работилницата е наменета за проширување на професионалните односи и дополнително зголемување на бројот на туристи од Северна Македонија.

Како што рече, на настанот присуствуваат 36 претставници на туристички агенции и осум локални туристички организации, со цел на колегите од Северна Македонија да им се претстават новините во однос на понудите во Србија.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска одржа брифинг со новинари, на кој ја презентираше Реформската агенда на Северна Македонија во период од 2024-2027 година, која вчера беше и официјално одобрена од страна на Европската комисија.

Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра, од кои земјава треба да добие 750 милиони евра, додека првата транша во износ од 52,5 милиони евра се очекува да стигне до крајот на годинава.

Тој појасни дека исплатите според Инструменот за реформи и раст се условени со исполнување на одредени критериуми, што значи дека реформата прво треба да биде спроведена врз основа на одредени стандарди и преку почитување на одредени квалитативни и квантитативни чекори за да можеме прво да побараме исплата и истата да се одобри.

Скопје - Кога ќе биде вратен Буџетот од првичната собраниска расправа со забелешките и предлозите по амандманите на пратениците, ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет на која ќе бидат разгледани ставките за раст на платите оваа и идната година, рече денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. 

Според министерот за економија Бесар Дурмиши, барањата на синдикалците, како зголемувањето на минималната плата, ќе се стават на дневен ред наредниот период и ќе се дискутира дали има можности за нејзно зголемување. 

Скопје - Министерот за транспорт, Александар Николоски изјави дека е започнат дијалог со Бугарија за изградба на пругата која е дел од Коридор 8. Тој рече дека Бугарија ги прифатила нашите аргументи и се очекува втор дијалог на 31 октомври. 

- Имајќи предвид дека Бугарија конечно ги прифати нашите аргументи, имаше еден дијалог во Брисел со претставници од двете страни, вториот дијалог ќе биде на 31 октомври во Софија, доколку има потреба од трет ќе се сретнеме во Скопје, ние сме отворени да најдеме заедничко решение, рече министерот одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција на која претстави шест нови авио дестинации.

Николоски посочи дека пругата има смисла само доколку се изгради на двете страни. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска повтори дека ќе го напушти ЗЕЛС доколку претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски немо ја следи целата ситуација и не преземе чекори за вразумување на министрите бидејќи се врши, како што рече, континуиран притисок врз Општината. Со Ѓорѓиевски, како што рече, ќе разговара од понеделник. 

Во изјава за медиумите дадена пред седиштето на Општина Карпош, Јакимовски рече дека неговата намера за напуштање на ЗЕЛС не била сфатена сериозно. 

ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со идеите и развојот на локалната самоуправа. Ова покажува дека Орце Ѓорѓиевски е обична фигура на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика ја креира неговата партија и составот на Извршниот и Надзорниот одбор на ЗЕЛС и креирана од Христијан Мицкоски. Тоа се причини повеќе да укажеме дека или ќе го корегираат нивниот однос или ќе го напуштиме ЗЕЛС, рече Јакимовски.

Скопје – Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов" при МАНУ денеска одбележа 10 години постоење. Формиран е со одлука на Собранието на Академијата во 2014, на иницијатива на академик Грозданов (1936-2018).

Раководителката на Центарот, Вера Битракова-Грозданова, во пригодното обраќање ги соопшти целите и активностите на Центарот, проектите и истражувањата што ги реализира во изминатата деценија, издавачката дејност, меѓу кои е и годишното списание „Монумента“, организирањето летни школи за прочување на фрескоживописите...  Резултат на проучувањата на Центарот се голем број трудови  и студии  претставени и на меѓународни симпозиуми и публикувани во зборници.

Скопје - Околу 100 килограми небезбедна храна запленија и уништија утрово инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор на пазарот за стари работи познат како бувљак, во скопската населба Маџари.

Запленета и нештетно уништена е небезбедна храна (чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви со месен нарезок, кроасани и други производи) се продавала од физичко лице во несоодветни услови (на отворено), со поминат рок на употреба и без познато потекло, за што е изречена парична казна.

Сараево - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Сараево дека Босна и Херцеговина добила 20 милиони евра интервентни средства за санација на штетите во поплавените региони во Федерацијата БиХ.

По средбата со претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, Фон дер Лајен истакна дека БиХ може да смета и на средства од Фондот за солидарност при процесот на обнова.

Таа не даде конкретен одговор на прашањата за реформите што БиХ треба да ги спроведе според Планот за раст на Европската Унија.

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама утре во Њујорк ќе одржи уште една од најавените серија средби со албанската дијаспора, што ги почна во мај годинава.

Тој веќе е во Њујорк и споделувајќи фотографии со објекти на кои се поставени плакати за средбата, што ќе се одржи под мотото „Горд за Албанија“, тој ја коментираше и политичката ситуација во земјата.

-Во Њујорк на средба со Албанците од Америка. Горд за Албанија, за која денес се зборува во суперлатив насекаде во светот и целосно свесен за извонредните предизвици на патот до врвот во 2030 година, кога со моќта на нашиот сојуз и покрај политичко-медиумската борба во Тирана, ќе го кренеме знамето на Скендербег и Исмаил Ќемали (прв албански премиер кој ја прогласил независноста на земјата) во дворот на Европската Унија, напиша Рама.

Анкара - Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган изјави дека САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за да обезбедат безбедност за Израел, пренесува Анадолија.

- Добро познат факт е дека САД ги користат терористичките организации во регионот за свои интереси, но и за безбедноста на Израел, рече Ердоган во обраќањето пред новинарите во претседателскиот авион за време на неговото враќање од Русија по Самитот на БРИКС.

Ердоган додаде дека Турција покрена иницијатива во ООН за воведување сеопфатно ембарго за извоз на оружје во Израел, поради засилените израелски напади на Газа и Либан.

Анкара - Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган изјави дека САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за да обезбедат безбедност за Израел, пренесува Анадолија.

- Добро познат факт е дека САД ги користат терористичките организации во регионот за свои интереси, но и за безбедноста на Израел, рече Ердоган во обраќањето пред новинарите во претседателскиот авион за време на неговото враќање од Русија по Самитот на БРИКС.

Ердоган додаде дека Турција покрена иницијатива во ООН за воведување сеопфатно ембарго за извоз на оружје во Израел, поради засилените израелски напади на Газа и Либан.

Атина – Бродовите и траектите во Грција ќе сообраќаат регуларно по 14 часот по локално време, откако грчката поморската федерација одлучи да го прекине штрајкот започнат во вторникот и двата 48-часовни штрајкови да завршат денеска, десет часа порано од предвиденото, јави дописничката на МИА од Атина. 

Штрајкот требаше да трае до вечер на полноќ, меѓутоа од федерацијата соопштија дека го прекинуваат по средбата што ја имаа со министерот за поморство и островска политика на Грција и по одржаниот интерен состанок на кој биле прифатени предлозите од министерот. 

Атина – Стотици бегалци и мигранти, кои во изминатиот период пристигнаа на Родос оставени се на улици и плоштади низ градот, со оглед на тоа што на грчкиот остров не постои прифатен центар, па јавниот простор, како што пишуваат локалните медиуи, претворен е во импровизиран камп со поставени шатори, душеци, картонски кутии, без никакви хумани услови, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос говорејќи за грчката телевизија „Скај“ рече дека според информациите од претседателот на полицајците на Родос станува збор за околу 700 бегалци и мигранти, но истакна дека тоа е само процена и не може да се знае точниот број, бидејќи лицата не се регистрирани и не се никаде сместени, а нивниот транспорт, како што нагласи е сложен процес.

Сараево - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Сараево дека Босна и Херцеговина добила 20 милиони евра интервентни средства за санација на штетите во поплавените региони во Федерацијата БиХ.

По средбата со претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, Фон дер Лајен истакна дека БиХ може да смета и на средства од Фондот за солидарност при процесот на обнова.

Таа не даде конкретен одговор на прашањата за реформите што БиХ треба да ги спроведе според Планот за раст на Европската Унија.

Санкт Петербург - Четири лица се хоспитализирани со повреди откако маж со нож ги нападнал во хипермаркет на „Булеварот на астронаутите“ во московската област Санкт Петербург.

Осомничениот е приведен, соопшти во градот прес-службата на Истражниот комитет на Русија.

„Според прелиминарните податоци, напаѓачот денеска ги нападнал посетителите и ги избодел со нож во просториите на продавницата „Океј“ на „Булеварот на астронаутите“. Четири жртви со повреди од различен степен на сериозност се примени во болница, каде им била укажана медицинска помош. Осомничениот е приведен на местото на злосторството“, се вели во соопштението.

Тројца од повредените се во тешка состојба.

Москва - Русија е подготвена на разумни компромиси за решавање на украинското прашање, но нема суштински преговори, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

Подготвени сме да бараме компромиси, подготвени сме да ги направиме тие разумни компромиси, но не сакам сега да навлегувам во детали, бидејќи нема суштински преговори, а другата страна тоа го одбива“, рече Путин во интервју за телевизијата Русија 1.

Тој рече дека Киев досега двапати ги отфрлил преговарачките иницијативи за конфликтот во Украина, кои Русија претходно се согласи да ги разгледа. Коментирајќи ги предлозите на Турција за кризата во Украина, Путин рече дека е неопходно да се разбере на што е подготвена Украина.

Брисел - Милијардерот Илон Маск редовно бил во контакт со рускиот претседател Владимир Путин од крајот на 2022 година, се наведува во извештајот на „Вол стрит џурнал“, а пренесува „Политико“.

Според разузнавачки извори, Маск и Путин ги продолжиле разговорите и оваа година, додека Маск ги интензивираше критиките за американската воена поддршка на Украина и активно се вклучи во изборната кампања на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп.

Путин во една прилика го замолил Маск да ја избегне активацијата на неговата сателитска интернет услуга Starlink над Тајван, како услуга кон кинескиот претседател Си Џинпинг, според изјави на две лица запознаени со барањето.

Откритието за контактите на Маск со Кремљ се појави во критичен момент за американската предизборна кампања, истакнува „Политико“. Влијанието на Маск надминува политика, бидејќи преку неговата платформа Икс и технолошката компанија SpaceX, има значајни договори со владата и високопрофилно одобрение за доверливи информации во САД.

Остани поврзан