• понеделник, 23 декември 2024
МИА Радио флеш

14 ноември 2024 

Скопје - Во рамки на меморандумот за соработка со Проект Хоуп (Project HOPE), со поддршка од компанијата Бектон Дикинсон (Becton Dickinson), денеска во Министерството за здравство беа потпишани договори за донација на перфузори, односно шприц пумпи, наменети за Универзитетската клиника за кардиохирургија, Универзитетската клиника за кардиологија, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека вредноста на оваа донација е околу 70,000 долари, а планирани се и дополнителни потрошни материјали за сите установи. 

Скопје - Министерот за здравство и лидер на АА денеска повторно му препорача на лидерот на ДУИ Али Ахмети повеќе да се фокусира на реформите во партијата и на адаптацијата во опозиција, отколку да бара избори.

На новинарско прашање околу предвремени избори идната година , министерот за здравство рече дека догодина секако ќе се одржат, но, локални избори. 

Скопје - Не смееме да дозволиме во трката по профит и корупцијата да го уништуваат системот, особено не во дигиталната сфера, затоа што тоа значи напади, изгубени податоци на штета за граѓаните, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Во изјава за медиуми пред денешната конференција „Бизнис и Влада: Усогласување за сигурна дигитална иднина“ во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија, министерот Андоновски посочи дека се важни две поенти, едната е дека не смееме пред безбедноста на државата да ја ставаме корпуцијата, а втората недостигот на ИТ професионалци.

Скопје - Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем, истакнала гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот што се одржа во Тирана во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија.

На панел дискусијата присуствувал и вицегувернерот Фадил Бајрами, како и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора. Панел дискусијата ја водел Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.

Скопје - Континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, се наведува во денеска објавениот конечен  ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија на АД за поштенски сообраќај Пошта на Република Северна Македонија во државна сопственост Скопје.

Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.

Мадрид -  Шпанскиот дневен весник „Ла Вангардиа“ (La Vanguardia) денеска соопшти дека нема повеќе да објавува вести на платформата Икс бидејќи истата станала „мрежа за дезинформации“.

Одлуката на весникот со седиште во Барселона доаѓа еден ден откако британскиот весник „Гардијан“ одлучи да го затвори својот официјален профил на платформата во сопственост на Илон Маск.

Ерусалим - Една нова студија на израелски научници покажа дека загадувањето на воздухот, особено она предизвикано од издувните гасови од автомобилите и генерирано од големите фабрики, може да влијае на значително зголемување на стапката на аутизам кај децата, а изложеноста на мајката на загадување за време на бременоста исто така придонесува за ова. 

-Откритието дека помалите честички, особено ситните честички - ПМ2.5, како и азотниот оксид, кои се создаваат при согорувањето на горивото, успеваат да стигнат до плацентата за време на бременоста преку организмот на мајката и да влијаат на развојот на мозокот на фетусот, тврдат научниците чија работа на таа тема беше објавена во медицинското списание „Brain Medicine“ во ноември.

Лондон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп обезбеди контрола врз Конгресот откако републиканците освоија мнозинство во Претставничкиот дом, нагласува весникот Фајненшл Тајмс.

Републиканците освоија мнозинство во Претставничкиот дом, давајќи и на партијата на Доналд Трамп целосна контрола врз двата дома на американскиот Конгрес и широка можност да ја протурка својата радикална агенда низ законодавниот дом, пишува британското издание.

Токио - Владата на Јапонија, и покрај апелите на правните експерти, денеска го отфрли предлогот за укинување на смртната казна.

- Владата смета дека е несоодветно да се укине. Смртната казна е неизбежна за лице кое извршило исклучително тешко и грозоморно злосторство, изјави владиниот секретар Јошимаса Хајаши.

Техеран - Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси денеска во Техеран разговараше со иранските власти за иранската нуклеарна програма.

Гроси се сретна со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кој во 2015 година беше главен преговарач на иранската страна во преговорите со големите сили.

Амстердам - Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот протест за поддршка на Палестина на плоштадот Дам во Амстердам.

Уредбата за вонредна состојба во холандската престолнина по немирите по натпреварот на Ајакс против Макаби Тел Авив минатата недела, ги забрани демонстрациите на плоштадот Дам.

Тел Авив – Окружниот суд во Ерусалим го одби барањето на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху за одложување на неговото сведочење на судењето за корупција.

Во образложението на судот се наведува дека нема оправдана причина за понатамошно пролонгирање на сведочењето на Нетанјаху, а неговите адвокати имале доволно време да се подготват. Сведочењето на израелскиот премиер е закажано на 2 декември.

Мелбурн - Предложениот закон во Австралија ќе бара од социјалните мрежи да дејствуваат за да спречат штета на корисниците како што се малтретирање, предаторско однесување и алгоритми кои нудат деструктивна содржина, соопшти денеска австралиската влада.

-Предложениот закон ќе воведе обврска на дигиталните платформи да ги чуваат Австралијците безбедни и да спречат штета на мрежите, рече министерката за комуникации Мишел Роланд.

Брисел - Лидерите на трите партии од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ синоќа не успеаја да постигнат договор околу одобрувањето на номинациите на шесте кандидати за потпретседатели на Европската комисија. 

Нивните кандидатури според првичниот план требаше да бидат одобрувани одделно по завршувањето на нивните сослушувања во вторникот, но трите партии се договорија да го одложат потврдувањето со цел, како што беше образложено, да се обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“.  

Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, не троши многу време и неколку денови по победата започна да раздава клучни позиции во Белата куќа и својот кабинет. Назначени се државниот секретар, шеф на кабинетот, амбасадорот во Обединетите нации и неколку други важни функции. Новата администрација на Трамп ќе вклучува високи помошници од неговата кампања, членови на Конгресот и лица од неговиот прв мандат. Многумина од нив, како изненадувачката номинација на министерот за одбрана, се негови истрајни послушници. 
 
Ова ќе бидат некои од функционерите во новата, втора администрација на Трамп. За речиси сите треба потврда од Сенатот. 

Баку - На посиромашните земји им требаат трилион долари годишно до 2030 година за да се изборат со последиците од климатските промени, покажува студијата објавена денеска од група водечки економисти од организацијата IHLEG.

Резултатите од студијата, која беше претставена во Баку на самитот КОП29 (COP29), сугерираат дека не треба да се чека до 2035 година, кога се очекува богатите земји да се согласат да ги распределат овие средства, пренесува Гардијан.

Брисел - Европската Унија го нотира именувањето на Аликс Дидие Филс-Аиме за премиер на Хаити, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

- Европската Унија ги повикува Преодниот претседателски совет, новата Влада и сите политички сили да работат итно и решително на враќање на безбедноста, давање приоритет на управувањето и одговорноста и на организирање слободни и фер избори, се наведува во соопштението. 


 

 

Остани поврзан