• понеделник, 23 декември 2024
МИА Радио флеш

10 декември 2024

Скопје - Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели, ниту пак статисти во процесите, туку фактори за развој и решавање на проблемите. Ова го истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“. 

- Ние покажуваме со пример дека работиме за сите општини. Преку Министерството за локална самоуправа се менаџира процесот кој како Влада го реализираме за 250 м евра капитални инвестиции, каде пари имаат добиено сите општини што ги исполнија условите, со што покажуваме дека за нас приоритет е локалниот развој, подвлече тој.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање кој е дел од Коалицијата Вреди, Изет Меџити, денеска на прес - конференција оцени дека одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата, и го повика членството на ДУИ да го напушти како што вели, бродот кој тоне.

-Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една потврда за исправноста на нашите заложби, одлуки и политички постапки. Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека се’ што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. Бевме во право кога баравме ДУИ да се справи со катастрофите во своите редови. Бевме во право кога ги откривме сценаријата на ДУИ за спас на Сашо Мијалков и враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје. Ја поздравуваме одлуката на Стејт Департментот да помогне во борбата против корупцијата. Како и секогаш досега САД докажаа дека се наш прв и најзначаен стратешки партнер кој секогаш знае директно и јасно да ни ги посочи проблемите од кои страдаат нашите граѓани и нашата држава, изјави Меџити.

Скопје - Министерството за внатрешни работи претпладнево потврди дека во тек е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.  Според неофицијалните информации десетина лица се уапсени во денешната акција на МВР, поврзана со работењето на РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино.

-Во тек е полициска акција во координација со ОЈО ГОКК. По завршувањето на истата соодветно ќе ја известиме јавноста, соопштуваат од МВР.

Скопје - Министерството за внатрешни работи претпладнево потврди дека во тек е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. 

Според неофицијалните информации десетина лица се уапсени во денешната акција на МВР, поврзана со работењето на РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино.

Скопје - ДУИ денеска соопшти дека ја почитува одлуката на американскиот Стејт департмент за воведување санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. 

-Демократската Унија за Интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста, стои во кусото соопштение на ДУИ.

Тирана - Првиот човек на албанското  Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК,  Алтин Думани е прогласен за шампион во борбата против корупцијата за 2024 година од американскиот Стејт департмент.

-На свеченоста одржана во Стејт департментот, со присуство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, првиот човек на СПАК се најде меѓу 10-те имиња за светски шампиони во борбата против корупцијата, објавија албанските медиуми.

Париз - Лидерите на француските партии ќе се соберат во канцеларијата на претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата попладнево во обид да ја трасираат патеката кон новата влада, неколку дена откако премиерот Мишел Барние беше соборен со гласање за доверба, јавија француските медиуми.

-„Целта е да се продолжи со договор за методите“ за изградба на нова влада врз нестабилните темели на обесениот парламент, рекоа синоќа луѓе блиски до Макрон во изјава за париски медиуми.

Брисел - В петок, на 13 декември, на состанокот на Комитетот на постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ (Корепер II), земјите-членки на ЕУ треба повторно да разговараат за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори со Србија, според објавеното агендата на оваа средба, јавија српските медиуми.
Нови разговори за тоа прашање беа закажани откако амбасадорите на земјите-членки на ЕУ минатата недела не постигнаа договор за отворање на Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст, бидејќи осум земји се спротивставија.
Како што минатата недела изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, против тоа биле три балтички држави, Шведска, Финска и Холандија како и Хрватска и Бугарија.

Меѓу земјите кои го поддржуваат отворањето на кластерот е Унгарија како претседавач со Советот на ЕУ.

Подгорица - Европската комисија бара од Црна Гора да им ги одземе црногорските државјанства на лицата кои се предмет на меѓународни рестриктивни мерки, дадени врз основа на неодамна откажаната шема за доделување државјанства на инвеститори, јавија црногорските медиуми.

Во Извештајот во рамките на механизмот за суспензија на визниот режим, кој Европската комисија го објави кон крајот на минатата недела, се очекува Црна Гора да побара сите преостанати барања поврзани со споменатата шема за доделување државјанства на инвеститори да бидат разгледани и процесуирани во согласност со највисоки можни безбедносни стандарди.

Брисел - Следниот состанок на главните преговарачи за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе се одржи на 17 декември, потврди портпаролката на Европската унија, Анита Хипер.

-Страните го потврдија присуството и ќе разговараат за повеќе прашања, вклучително и за спроведувањето на Договорот за патот кон нормализацијата, рече портпаролката.

Сеул - Националното собрание на Јужна Кореја денеска усвои предлог-закон со кој се наложува на специјален обвинител да го истражи претседателот на земјата Јун Сук-Јеол по обвиненијата за бунт во врска со неговиот неуспешен обид да прогласи воена состојба во земјата минатата недела.

Нацрт-законот, кој повикува на истраги против Јун Сук-Јеол, како и против поранешниот министер за одбрана Ким Џонг-хјун, началникот на Генералштабот, генерал Парк Ан-су и други функционери вклучени во краткорочното прогласување на воена состојба, беше усвоен во Парламентот со 210 гласа „за“, 63 „против“ и 14 воздржани.

Дамаск - Целосно е уништен истражувачки центар на сириското Министерство за одбрана во напади од воздух на израелските сили врз Дамаск, соопшти сирискиот Центар за човекови права.

Сириската опсерваторија за човекови права  објави дека „израелски воени авиони извршиле над 100 напади... вклучително и врз научно-истражувачкиот центар Барзех“. Западните земји, вклучително и САД, го оштетија во напади објектот во 2018 година, нагласувајќи дека е поврзан со сириската „инфраструктура за хемиско оружје“.

Техеран - Командантот на иранската Револуционерна гарда Хосеин Салами изјави дека Иран не е ослабен по падот на сојузникот Башар ал-Асад во Сирија.

- Не сме послаби, а моќта на Иран не е намалена, изјави Салами пред членовите на иранскиот парламент.

Тел Авив - Израелската армија e на околу 25 километри југозападно од Дамаск пo нејзиниот упад во Сирија, соопштија денееска сириски безбедносни извори, откако Израел зазеде тампон зона на југот на земјата и изврши воздушни напади врз сириската армија и воздушните бази во текот на ноќта.

Воената операција на Израел во Сирија дојде два дена откако бунтовничката алијанса брзо го собори претседателот Башар ал Асад и во време кога регионот и светските сили се загрижени за понатамошниот развој на ситуацијата. Сириски безбедносни извори изјавија дека израелските војници стигнале до Катана во Сирија, 10 километри источно од демилитаризираната зона што ја дели Голанската висорамнина окупирана од Израел од Сирија.

 

Остани поврзан