МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
20 декември 2024
Скопје - Намалена видливост поради појава на магла од 50 - 100м. има на патните правци Демир Капија – Неготино, Катланово – Скопје, Скопје – Катланово, Скопје – Куманово, Куманово - Скопје и Струга – Охрид, од 30 – 50м. на патниот правец Обиколница Скопје (од клучка Хиподром – Сарај), од 100 – 150м. на патниот правец Македонски Брод – Кичево и до 50м. на планинскиот превој Буково, соопшти АМСМ.
На Меѓународниот аеродром Скопје според објвата на нивната веб страница, утрово откажан е летотот од Скопје за Истанбул, а има доцнење од еден час на летот од Истанбул за Скопје.
Скопје - Членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Данка Ристова и Аритон Ала, денеска ќе дадат свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Како што е објавено на веб-страницата на Собранието, свечена изјава пред Гаши денеска ќе даде и новиот член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Ардијан Демири.
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за образование, наука и спорт, како и Законодавно правната комисија. На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт е Предлог на законот за средното образование во второ читање, за кој се поднесени 55 амандмани.
Скопје - Тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија заради адресирање на препораките од Оценската мисија за Судскиот совет ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Министерството за правда.
Настанот, како што информираат од Министерството за правда, е во соработка и со поддршка од проектот Поддршка на ЕУ за владеење на правото и ќе се одржи во Врховен суд на РСМ.
Гостивар - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска ќе го посети претпријатието Русино во Гостивар.
Како што соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање Меџити ќе се сретне со менаџментот на претпријатието, а потоа заедно ќе ја посетат депонијата Русино.
Скопје - Заменик-претседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, одговорен на Департментот за Балкан и Источна Европа, Махмут Чевик денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.
Како што е објавено на веб - страницата на Собранието, Чевик ќе оставри средби со пратениците Сали Мурати и Бејџан Иљас.
Скопје - Од Министерството за економија и труд информираат дека министерот Бесар Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска ќе посетат дел од маркетите вклучени во акцијата „Новогодишна кошница“.
Скопје - По најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечер во поголем дел од градот, од ТОАРИЛУЦ и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ за МИА информираат дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева во изјава за МИА рече дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.
Скопје - Партиска делегација од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска ќе го достави текстот на Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во состав на делегацијата, како што информираат од Движењето ЗНАМ, ќе бидат генералниот секретар Горан Минчев, потпретседателката Весна Бендевска и потпретседателот генерал Павле Арсоски.
Скопје - Во организација на Министерството за дигитална трансформација денеска ќе се одржи конференција насловена „Националнен портал за електронски услуги: нов изглед, нови електронски услуги“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ќе има презентација на најважните нови функционалности на порталот.
На конференцијата ќе говорат и првите луѓе на институциите чии што нови услуги се достапни за граѓаните на Националниот портал.
Скопје - Универзитетската клиника за урологија, денеска во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, свечено ќе одбележи 70 години од своето постоење.
Најавени се и обраќања на министерот за здравство Арбен Таравари и в.д. директорот на Клиниката за урологија, доктор Башким Шабани.
На настанот предвидено е и доделување плакети за особен придонес и развој на урологијата.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се реализира економскиот форум со наслов „Трка до дното“ - Транспарентност на државната помош за привлекување и поддршка на инвестиции во Западен Балкан“.
Како што информираат од „Фајненс тинк“, на економскиот форум ќе бидат презентирани наоди од новата студија за видовите и износите на државна помош за домашни и странски компании, со осврт на транспарентноста и одговорноста на надлежните институции во земјите од Западен Балкан.
Скопје - По повод Денот на наставата на турски јазик, Министерството за односи меѓу заедниците организира настан на кој ќе присуствуваат учениците од OOУ „Страшо Пинџур“ од Карбинци, заедно со подрачните училишта од селата Прналија и Радање.
На настанот што ќе се одржи во просториите на Министерството за односи меѓу заедниците, најавено е присуство на премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје - Поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов учествуваше на Меѓународниот балкански симпозиум во организација на Универзитетот Намик Кемал во Текирдаг, Турција.
Како што соопштуваат од неговиот кабинет, симпозиумот беше посветен на културата на соживот на Балканот за време на османлискиот период, а главни говорници на свеченото отворање на симпозиумот беа поранешниот претседател Иванов и поранешниот претседател на Големото народно Собрание на Република Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп.
Скопје - Во НУ Музеј на македонската борба за самостојност денеска ќе биде промовирано изданието „Писма на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (историја на една мистификација)“ од авторите д-р Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски.
-Изданието е на Државниот архив, а содржи богат архивски материјал за проучување на лингвистиката, историјата и дава претстава за преплетувањето на политиката и науката во однос на историјата на Македонија и македонскиот народ, како и феноменот на корумпирањето на научниците во минатиот век, се наведува за делото.
Скопје - Во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во Скопје денеска ќе се реализира работилницата „Што претставува и зошто е важен Законот за дигитални услуги (Digital Services Act) на ЕУ?“. Како што појаснуваат организаторите, таа е наменета за граѓански организации и медиуми.
Скопје - Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер ќе се случи петтото издание на мултимедијалниот настан „Клинци“ во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, со поддршката од „Europe House Skopje“.
Како што најавија организаторие, во рамки на настанот ќе се одржи книжевно читање на кое ќе настапат авторите Дамјана Видическа, Милена Сиљаноска, Теодор Тасевски и Андреј Медиќ Лазаревски.
Прилеп - Панел-дисукусија со наслов „Предизвиците на пазарот на трудот и поддршката на малите бизниси“ ќе се реализира денеска во Прилеп.
Како што информираат организаторите, станува збор за дел од проектот „Зајакнување на националните и локални капацитети за поддршка на ефективна социо - економска интеграција на повратниците во земјите на Западен Балкан“.
Скопје - Во Националната опера и балет вечер ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставите e гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, а сценограф е Андреј Злобин.
Под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина, додека концерт-мајстор е Климент Тодороски.
Атина – Почитувањето на Договорот од Преспа е неопходен предуслов за во некој момент да се отвори европски пат на соседната земја, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел и уште еднаш ја истакна потребата да се почитуваат меѓународните договори, јави дописничката на МИА од Атина.
На новинарско прашање дека премиерот Христијан Мицкоски во Брисел говорел за Македонци и Македонија, Мицотакис коментираше дека пред него, односно на Самитот и на состанокот на Европската народна партија, „го користеше официјалното и единственото име на земјата“.
Белград - Лидерот на Српската партија за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас е повреден во Белград во тепачка што избила синоќа откако видел како луѓе лепат плакати против него.
Ѓорѓе Алексиќ, функционер од таа партија, кој бил со него, исто така е повреден откако бил нападнат по што двајцата побарале помош во Ургентниот центар во Беглрад.
Рим - Италијанскиот крајнодесничарски вицепремиер Матео Салвини денеска би можел да биде осуден на шест години затвор за неговата одлука во август 2019 година да блокираат впловување на спасувачки брод со мигранти, јави ДПА.
Обвинителот го обвинува Салвини, кој во тоа време беше министер за внатрешни работи, за неизвршување на должноста затоа што не им дозволил на мигрантите да се симнат од бродот „Опен Армс“ (Open Arms) на италијанскиот брег.
Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека за време на унгарското претседавање со Советот на ЕУ, кое завршува на крајот на годината, била постигната пресвртница во пристапниот процес на Црна Гора, Албанија и Србија.
-За време на вашето претседателство, Европа беше проширена и надворешно; оваа недела постигнавте пресвртници на пристапниот пат на Црна Гора, Албанија и Србија, рече Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел синоќа по завршувањето на состанокот на Советот на ЕУ.
Киев - Државните регистри на Украина го претрпеа најголемиот кибер напад во последно време, објави вицепремиерката и министерка за европски и евроатлански интеграции на Украина, Олга Стефанишина.
Нападот се случи вчера, кога руски хакери се обидоа да ја нарушат работата на клучната државна инфраструктура, јавија украински медиуми.
Виена - Австрија го разгледува статусот на сириските бегалци кои пристигнаа во земјата пред помалку од пет години, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер, по извештаите во медиумите дека некои бегалци биле информирани писмено дека „повеќе не мора да се плашат од политички прогон“ во Сирија.
„Австрија...сега го разгледува исполнувањето на условите за Сиријците кои се во земјата помалку од пет години“, објави Нехамер на платформата X.
Њујорк - Федералната управа за авијација (ФАА) планира привремено да ги забрани летовите на дронови над критичните инфраструктурни локации во Њујорк поради широката загриженост на јавноста, изјави гувернерката на државата. Гувернерката на Њујорк, Кети Хохул, во изјавата нагласи дека разговарала со секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, кој и рекол дека „ФАА планира да одобри привремени ограничувања на летовите на некои од критичните инфраструктурни локации во Њујорк - таа акција е чисто превентивна Нема закана за тие објекти“.
Вашингтон - Службата за имиграција и царина на САД (ICE) депортирала повеќе од 270.000 луѓе во 192 земји во изминатите 12 месеци, според извештајот што илустрира некои од финансиските и оперативните предизвици со кои ќе се соочи новоизбраниот претседател Доналд Трамп при исполнувањето на неговото ветување за масовни депортации.
ИРС, главната владина агенција одговорна за депортирање, изврши 271.484 депортации во својата фискална година која заврши на 30 септември, што е речиси двојно повеќе од 142.580 депортации во истиот период претходната година.
Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден во јануари ќе отпатува во Рим за да се сретне со папата Франциск и со италијанската премиерка Џорџа Мелони, соопшти Белата куќа.
Посетата ќе се одржи непосредно пред завршувањето на мандатот на Бајден.
Бајден ќе се сретне и со италијанскиот претседател Серџо Матарела за време на посетата од 9 до 12 јануари, наведе портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер во соопштението.
Вашингтон - САД најавија санкции против правни лица, бродови и поединци вклучени во транспортот на иранска нафта или помагањето за финансирање на Хутите во Јемен, поддржани од Иран, јави ДПА.
Целта на санкциите е да го спречат Иран да ги финансира нивните „малигни активности“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Стејт департментот воведе санкции за четири субјекти кои превезувале иранска нафта и идентификувале шест бродови како нивна сопственост.
Вашингтон - Одлуката на републиканците да се откажат од планот за трошење на Конгресот ќе ги чини војниците плата за време на празниците, освен ако не биде постигнат договор пред крајниот рок денеска за да се избегне затворање на владата, предупреди Пентагон.
„Дури и ако не им се плати, од овие војници ќе се бара да се пријават на должност и во странство и дома“, изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер.
Вашингтон - Висок функционер на Белата куќа синоќа изјави дека нуклеарно вооружениот Пакистан развива програма за балистички ракети со голем дострел, која на крајот би можела да нападне цели надвор од Јужна Азија, вклучително и САД.
Заменик-советникот за национална безбедност, Џон Фајнер рече дека однесувањето на Исламабад покрена „вистински прашања“ за целите на неговата програма за балистички проектили.
Вашингтон - Група републикански сенатори бараат од администрацијата на Џо Бајден да го поништи договорот за наука и технологија со Кина, кој доаѓа само една недела откако двете земји ја обновија соработката за уште пет години, јавија американските медиуми.
Во писмото до државниот секретар Ентони Блинкен, пратениците, предводени од сенаторот Џим Риш, член на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, велат дека ерата во која таквата соработка имала смисла е „одамна минато“ и продолжувањето само „ја отвора вратата за... понатамошно кооптирање на американските истражувања“.
Вашингтон - Пентагон објави дека во Сирија има 2.000 американски војници, двојно повеќе од претходно наведените 900 и појасни дека дополнителните војници се привремени сили и поддршка во борбата против милитантите на Исламската држава.
Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер, изјави дека не знае колку време биле таму 2.000 војници, но дека најверојатно биле распоредени барем неколку месеци пред падот на сирискиот лидер Башар ал Асад.