• петок, 25 октомври 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  14  јуни  2024

 

 

Скопје - Во раните утрински часови територијата на Скопската котлина беше зафатена со нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, грмежи и можна појава на суградица. Поинтензивни врнежи имаше во подножјето на Скопска Црна Гора, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК наведуваат дека и Кумановската котлина е зафатена со нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, грмежи и град, а во моментот нестабилна воздушна маса се движи кон градовите Берово и Пехчево. Се очекува дека Берово и Пехчево ќе бидат зафатени со нестабилна облачна маса проследена со силен пороен дожд, грмежи и град. 

Скопје - Собранието денеска ќе ја започне четвртата седница на која на дневен ред засега е само една точка.  Пратениците ќе го разгледаат Годишниот извештај за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2023 година.

Скопје - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ја одржи втората седница. На дневен ред се утврдување Предлог - одлука за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието. 

Скопје - Пратениците Марија Петрушевска, Бојан Стојаноски и Марија Митева денеска ќе остварат средба со млади германски политичари од ЦДУ.  Германските политичари ќе се сретнат со македонските политичари во рамки на посетата на Парламентот и на земјава. 

Скопје - Триесет и шесгодишна жена од Кратово синоќа ги убила сопругот и свекорот. МВР соопшти дека жената со иницијали В.И. е приведена и задржана во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава. Како што соопшти денеска МВР, жената се сомничи дека во семејната куќа во Кратово со остар предмет ги нападнала нејзиниот сопруг Ј.И.(38) и неговиот татко С.И.(63), кои починале од здобиените повреди. По насоки на јавен обвинител телата на починатите биле предадени на обдукција.

Скопје - Во изминатите 24 часа, на 112 - бројот за итни случаи, евидентирани се вкупно 2.122 повици, од кои како реални биле класифицирани 63.29 отсто. Единаесет пожари се регистрирани на отворено, како и неколку помали интервенции. Заради силен ветар, изминатото деноноќие изгореле и објекти и куќа, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарникари интервенирале на запалени ниска вегетација и ѓубре во општините Битола, Валандово, Велес, Гази Баба, Долнени, Прилеп, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Тетово, како и во Штип.

Прилеп - Со доделувањето на наградите и со концерт на Добрила и Дориан дуо во чест на наградените, вечер во Прилеп ќе заврши 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Напладне жирито во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора, на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја соопшти одлуката за најдобрите остварувања и за најдобрата театарска претстава во целина на годинашниов Фестивал. Годинава прв пат и публиката гласа и ќе биде соопштено која претстава, според неа, е најдобра.

Скопје - Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје утре ќе се одржи завршната манифестација на седмиот Фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2024“. На Фестивалот ќе биде промовирана збирката со поетски творби насловена „Стихувалки 2024“ и ќе бидат доделени признанија на сите 93 автори застапени во оваа збирка. Исто така, ќе бидат доделени златна, сребрена и бронзена плакета за тројца автори на трите најдобри поетски творби за деца.

Скопје - Во Галерија МКЦ вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Професори и студенти“ на која ќе бидат претставени дела на професори и студенти од уметничките факултети и школи во земјава. Ќе бидат презентрани сликарски дела на платно и лесонит, графики изработени во техники како сува игла, акватинта и висок печат, а најбројни се делата изработени на линолеум – линорез.  

Скопје - Книгата „Бајачките обреди како дел од македонската народна култура“ од Ана-Марија Бранѓолица во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана вечер од 20 часот во „Кафе Ли“. Се работи за научен труд на м-р Бранѓолица во кој предмет на проучување е феноменот на баењето како интегрален дел од македонската народна култура.

Тетово - Со проекција на краткиот македонски филм „Сценариото“ во режија на Александра Кардалевска, вечерва во 20:30 часот на платото во Домот на култура во Тетово започнува Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за Синедејс. По филмот следува проекција на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, кој премиерно беше прикажан на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX” во Копенхаген, Данска.

Минхен - Вечерва во 21:00 часот по македонско време започнува долгоочекуваното УЕФА ЕУРО 2024! Воведниот натпревар го игра домаќинот Германија против Шкотска во натпревар од групата А на натпреварувањето, што се одржува на „Алијанц Арената“ во Минхен. Пред натпреварот ќе има и традиционално отварање на кое ќе му биде оддадена почит и на легендарниот фудбалер Франц Бекенбауер кој почина на 7 јануари годинава. Актуелен шампион е Италија, која триумфираше во изданието во 2021 година одложено за една година поради пандемијата на коронавирус и тоа против Англија на пенали. 

Брисел - Се очекува министрите за одбрана на земјите од НАТО денеска да одобрат долгорочна мисија за поддршка на Украина - на вториот ден од нивниот состанок во Брисел, јави ДПА, повикувајќи се на свои извори. Досега, сојузниците ја координираа својата поддршка за поранешната советска република преку неофицијална контакт група предводена од САД. Земјите од НАТО разговараат за префрлање на одговорноста на официјалните структури на алијансата.

Рим - Лидерите на Г7 денеска ќе го продолжат својот годишен самит на последниот ден од разговорите, а прашањето за Кина е високо на агендата пред говорот на папата Франциско за вештачката интелигенција. Додека Украина доминираше на првиот ден од разговорите, Кина ќе биде клучно прашање денеска. Се очекува лидерите да ја изразат својата загриженост за преголемиот индустриски капацитет на Кина и за поддршката на Пекинг за Русија. Покрај говорот за вештачката интелигенција, папата Франциско ќе учествува на неколку билатерални средби, меѓу кои и со Бајден, Зеленски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Атина – На маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што вчера се одржа во Скопје, средба оствариле министрите за надворешни работи на Грција и Турција Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан, јави дописничката на МИА од Атина. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, на средбата што траела околу 20 минути, станало збор за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за текот на преговорите по предлогот на САД за примирје во Газа, разговарале и за ситуацијата во Украина во пресрет на Мировната конференција во Швајцарија во текот на викендот, како и за билатералните прашања.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека САД, Франција и Израел се согласиле да работат заедно за намалување на тензиите меѓу либанската група Хезболах и Израел. „Постигнавме договор за принципот на трилатерална контакт група на Израел, САД и Франција врз основа на предлогот што го предложивме и ќе го сториме истото со либанските власти“, изјави Макрон на маргините на самитот на Г7 во Италија.

Париз - Француските левичарски партии соопштија дека постигнале договор за коалиција наречена Народен фронт, со која ќе учествуваат на претстојните избори што ги распиша претседателот Емануел Макрон, откако неговата партија Преродба претрпе пораз од екстремно десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент. Во соопштението на Француската комунистичка партија, Екологистите, Непокорна Франција и Социјалистичката партија, се наведува дека „испишана е нова страница во историјата на Франција“ со нов фронт.

Њујорк - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и го отвори патот на Аргентина да повлече 800 милиони долари за да помогне во економското закрепнување, објавувајќи дека програмата за кредити е „цврсто на вистинскиот пат“. Аргентина има програма од 44 милијарди долари со ММФ, што вклучува економски цели поврзани со растот, инфлацијата и девизните резерви. ММФ во соопштението наведе дека неговиот Извршен одбор го завршил осмиот преглед на тој аранжман.

Вашингтон - Подморница на американската морнарица вплови во заливот Гвантанамо, еден ден откако флота руски воени бродови пристигна во Куба и треба да учествува на воени вежби на Карибите. Американската јужна команда соопшти дека подморницата на нуклеарен погон УСС Хелена синоќа влегла во водите во близина на американската база на Куба, само еден ден откако руска фрегата, подморница на нуклеарен погон, танкер за нафта и спасувачки брод влегле во заливот Хавана по вежбите во Атлантскиот Океан.

Остани поврзан