• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

23 мај 2024

Скопје – По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска определи мерки за претпазливост за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев.

Осомничениот, согласно одлуката на Кривичен, има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.

Во изјава за медиуми, осомниченииот Мемети, денеска пред Кривичен рече дека е во сечиј интерес постапката да заврши што побрзо. 

Скопје – По повод 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, денеска на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ќе се одржат Првите Кирилометодиеви научни средби.

Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции. 

-Нашата интенција е овој настан да прерасне во традоционален и препознатлив академски форум на кој во иднина ќе бидат засегнати прашањата од областа на кирилометодиевистиката како фундамент на македонската средновековна историја, книжевност и јазик, но и како општо цивилизациска придобивка, наведуваат организаторите.

Скопје - Националниот ден на Власите - 23 Мај вечерва ќе биде одбележан со свечена академија што ја организира Организациски одбор за одбележување на Националниот ден на Власите.

Овој датум, како што наведуваат организаторите, е многу значаен за влашката етничка заедница.

- Власите, како што се водат во Уставот на Република Северна Македонија или Армãњ, како што самите се именуваат, се еден од најстарите народи на Балканот со свои јазик, култура и традиција. На овие простори живеат повеќе од два милениума и тоа најмногу во околината на планината Пинд, областа Епир и Тесалија и во источните делови на Албанија, се наведува во соопштението.

Гостивар – Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари нема решено дали ќе биде во идниот владин состав како министер. Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.

Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

- Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.

Според него, она што вчера било најавено во повеќе медиуми е точно и како што рече, наскоро ќе има официјални резултати од преговорите.

Атина – Протоколите се позитивни за Грција и од геополитички причини и од економски-развојни причини и добро е да се ратификуваат, истакна лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис во интервјуто за грчката телевизија „Action24“, говорејќи за трите меморандуми со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на главната грчка опозициска партија истакна дека прашањето е зошто актуелната Влада чекаше толку години за ратификација и посочи дека тие нема да го решат „проблемот што го создаде Нова демократија“.

Истакна дека предизборно, во 2019 година Нова демократија беше против Договорот, а сега не кажува јасно дали е корисен или штетен за Грција.

-Сега испраќа збунувачка порака и не разбираме дали е „за“ или „против“ договорот. Еден договор, особено со таков углед и опсег, или е корисен или е штетен за нашата земја. Не може да биде нешто на средина, посочи Каселакис. 

Скопје - Со цел вмрежување и соработка со македонски и германски туроператори во македонската амбасада во Берлин се одржа промотивен настан на иницијатива на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), во рамки на Меморандумот за соработка потпишан со Алијанса на независни туристички агенции од Германија (ASR).

Присуството на претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и македонскиот туристички сектор, како што информираат од АППТ, е од круцијално значење за воспоставување на соработка со германските туроператори и проширување на туристичките пазари.

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека утре поради државниот празник Св.Кирил и Методиј, јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред.

Како што посочуваат од ЈСП Скопје, дежурни од 7 до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и во Ѓорче Петров.

Жичарницата ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот, при што од 19:00 до 19:30 часот е последно возење кон врвот, односно во 19:45 часот надолу.

Москва – Генерал-полковник Вадим Шамарин, началник на Главната управа за комуникации и заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили Валериј Герасимов е уапсен во Русија. Тој е осомничен за примање поткуп од големи размери, пренесоа руските медиуми.

„Комерсант“ пишува дека куќата на Шамарин била претресена, а потоа бил одведен на распит. Ова е четврто апсење на висок функционер во руската одбрана од април, кога заменик-министерот за одбрана Тимур Иванов беше ставен во истражен затвор поради сомнение за примање поткуп.

Оттогаш, уапсени се и генерал-полковник Јуриј Кузњецов, шеф на персоналот во Министерството за одбрана и генерал-мајор Иван Попов, поранешен командант на руската 58-ма армија. Апсењата доаѓаат во време на големи промени во одбранбениот естаблишмент на Русија, откако претседателот Владимир Путин го разреши Сергеј Шојгу од функцијата министер претходно овој месец, заменувајќи го со Андреј Белоусов.

Нумеа – Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна во Нова Каледонија, француска прекуморска територија погодена од насилни протести, каде што најави дека 3.000 француски полицајци ќе останат на островот се додека е потребно.

- Во следните часови и денови ќе бидат планирани големи нови операции каде што е потребно, рече Макрон на состанокот со политичките и деловните лидери на островот, нагласувајќи дека редот ќе биде целосно воспоставен бидејќи „нема друг избор“.

Тој додаде дека 3.000 француски полицајци ќе останат на тој остров, доколку е потребно, дури и за време на Олимписките игри во Париз.

- Јас лично верувам дека вонредната состојба не треба да се продолжи, рече Макрон и додаде дека треба да се укине кога демонстрантите ќе ги тргнат барикадите од патиштата.

Киев - Речиси 11.000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови во регионот Харков, во североисточна Украина, откако руските сили започнаа копнена офанзива во пограничната област, изјави гувернерот Олег Синегубов. 

„Вкупно 10.980 луѓе се евакуирани“, напиша гувернерот на регионот Харков на Телеграм. 

Илјадници луѓе ги напуштија своите домови додека руската армија зазеде неколку погранични села на почетокот на ненадејната офанзива на 10 мај во правец на Липци и Вовчанск, принудувајќи го Киев да брза со засилување.

Бејрут - Еден човек загина, а тројца ученици се ранети во израелски напад во јужен Либан, јавија утринава либанските државни медиуми.

„Непријателски дрон гаѓаше автомобил на патот што води кон Набати“, град релативно далеку од границата, наведува агенцијата АНИ.

Возачот на автомобилот загина, а три деца во училишен автобус се повредени. 

Од 7 октомври 2023 година, од почетокот на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, проиранското исламистичко движење Хезболах редовно го гаѓа северен Израел во поддршка на Хамас.

Гринфилд - Пет лица загинаа, а околу 20 се повредени во торнадото што во вторникот го погоди градот Гринфилд во американската сојузна држава Ајова.

Одделот за јавна безбедност во Гринфилд, град со околу 2.000 жители, соопшти дека бројот на повредени е дури и поголем од моментално познатото.

Националната метеоролошка служба го оцени торнадото со ЕФ-3, што значи дека брзината на ветерот била помеѓу 145 и 160 милји на час.

Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани.

Приштина – Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, по последната акција на косовската полиција на северот од земјата, населен со мнозинско српско население, ја нагласи потребата од „консултации и координација на секоја акција што може да влијае на регионалната безбедност“, меѓутоа вели дека полицијата не е должна да ги известува за сите нивни движења низ земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговор за телевизијата Дукаѓини, КФОР, цитирајќи го генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека нивно одобрување е потребно за секое движење или распоредување на Безбедносните сили на Косово (ФСК) на север.

Остани поврзан