• петок, 25 октомври 2024
МИА Радио флеш

18 јуни 2024

- На 89 годишна возраст почина првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија, Стојан Андов.

Роден 1935 година во Кавадарци, Андов дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет. Во неколку наврати ја извршуваше функцијата претседател на законодавниот дом, беше пратеник, а во 1999 година се кандидираше и за претседател на државата.

 – Северна Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки. 

Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата.

– Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Северна Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно; речиси поделено е мислењето за поддршката на ЕУ перспективата на земјава, а Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот Универзитет Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, јави дописничката на МИА од Атина.

- Единаесет пожари на отворено евидентирал Центарот за управување со кризи (ЦУК) во изминатите 24 часа. Како што се наведува во соопштението, сите биле изгаснати.

Во село Арачиново горела депонија, во Горно Лисиче гореле ниска вегетација, ѓубре, жито, се интервенирало на пожар и кај хотел „Њу стар“ во Бутел, потоа во Ѓорче Петров, сува трева и гранки биле опожарени во Долно Свиларе, депонии гореле во Петровец и Росоман, опожарена била трска кај хотел „Метропол“ во Охрид, неготински пожарникари интервенирале во Пепелиште, а во општина Кочани, кај месноста „Трајаново Трло“, запалени биле сува трева, гуми, пластика и друго ѓубре.

- Платформата за родова еднаквост реагира на одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да започне постапка против 36-годишната В.И. од Кратово, која е жртва на семејно насилство.

„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство“, велат од Платформата за родова еднаквост.

 - Во кафулето Három Szerb Kávéház во Будимпешта изминатиот викенд се одржа „Македонска вечер“ - вечер посветена на македонската музика, македонското вино и македонската гостопримливост.

На настанот се дегустираа вина од Винаријата Попов, кои беа дел од организаторите. За музиката беа задолжени членовите на унгарското музичко дуо БудаПесме, кое се претстави со нов репертоар на македонски народни песни. А за гостопримството беа задолжени Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Институтот за унгарски вина, кои беа организатори на настанот.

- Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Лидерите на земјите членки на ЕУ на синоќешниот неформален самит во Брисел не успеаја да постигнат договор околу нашироко очекуваниот пакет за распределба на највисоките раководни места во Унијата, туку, како што информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по средбата, само имале „добра дискусија“. 

Тој истакна дека политичките партии на средбата ги изнеле своите предлози за кандидатите за водечките позиции во ЕУ и врз основа на нив ќе се работи на постигнување договор.  

- Високиот комесар за човекови права на ОН, Волкер Турк денеска изјави дека недостигаат 40,8 милијарди долари за хуманитарна помош ширум светот.

Тој посочи дека воените трошоци минатата година на глобално ниво изнесувале 2,5 трилиони долари, што е зголемување за 6,8 проценти во споредба со 2022 година.

- Најмалку 17 луѓе загинаа при синоќешното израелско бомбардирање врз бегалскиот камп Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, објавија локалните медиуми.

Најмалку 274 раселени Палестинци се убиени во бегалскиот камп Нусеират во текот на месецот, откако израелската армија изврши операција за спасување на четири израелски заложници. 

- Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

- Десетици севернокорејски војници ја преминаа границата со Јужна Кореја, а потоа се повлекоа откако беа предупредени, соопштија воени претставници во Сеул.

Упадот на севернокорејските војници беше неколку часа пред рускиот претседател Владимир Путин да пристигне во државна посета на Северна Кореја.

– Најмалку седум луѓе загинаа при лизгање на земјиштето во централниот дел на Еквадор предизвикано од обилните дождови во текот на викендот, соопштија локалните власти.

Во свлечиштето повредени се 16 лица, а 20 се водат како исчезнати. Спасувачките операции се во тек. Обилните врнежи во Ел Салвадор предизвикаа најмалку 11 смртни случаи, а околу 880 луѓе се сместени во засолништа за итни случаи. Владата на Ел Салвадор поради невремето прогласи вонредна состојба.

- Унгарија се откажа од противењето Марк Руте да биде назначен за следен генерален секретар на НАТО, објавија холандските медиуми. Ова се случи откако холандскиот премиер во оставка и неговиот унгарски колега Виктор Орбан се сретнаа на маргините на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.

Националната радио и телевизија (НОС) и водечкиот ТВ канал Ер-Те-Ел (РТЛ) објавија дека унгарскиот премиер не го повторил барањето за извинување од Руте за неговите „проблематични“, како што рече Орбан, оценки за Унгарија.

Остани поврзан