• вторник, 24 декември 2024
МИА Радиофлеш

28 март 2023/11:30 

- Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

-Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени, посочува Маричиќ.

Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.

- Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.

-Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре, истакна Бектеши по посетата на маркет во скопската населба Тафталиџе, заедно со преимерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

За овошјето и зеленчуот Бектеши рече дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.

- Генералното собрание на Сојузот на средношколци на вонредна седница вчеравечер го прифатил компромисот понуден од Министерството за образование и наука (МОН) во врска со едно од нивните барања за државната матура.

На средбата со министерот Јетон Шаќири вчера во МОН, на претставниците на Сојузот им беше укажано дека поради утврдениот  календар за настава не може да се одложи првиот екстерен испит (Мајчин јазик и литература) од 27 мај за 3 јуни, но им беше понуден компромис - намален обем на тестот и олеснување во бодувањето. Сојузот најави дека за понудата ќе решава нивното Генерално собрание.

- Влијателен активист за образование на девојчиња во Авганистан е приведен од талибанските сили, соопшти денеска дипломатската мисија на Обединетите нации во земјата.

Авганистанскиот активист Матиула Веса (30) е шеф на PenPath, организација која се залага за правото на образование во земјата разурната од војна од 2009 година. Тој бил уапсен вчера во Кабул, јави ДПА.

„УНАМА ги повикува де факто властите да разјаснат каде се наоѓа тој, причините за неговото апсење и да му обезбедат пристап до правен застапник и контакт со семејството“, се вели во соопштението на Мисијата на ОН за помош во Авганистан.

- Во полициска контрола на сообраќајот, вчера на територијата на државата биле казнети 193 возачи кои возеле со брзина поголема од дозволената.
 
-  Од нив 10 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 99 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 94 надвор од населено место, информира Министерството за внатрешни работи.
 
- Владата на мексиканската држава Чивава денеска соопшти дека 37 мигранти загинале во пожар во Мексиканскиот национален миграциски центар во Сиудад Хуарез, во близина на границата со САД.

Во соопштението се наведува дека пожарот настанал откако властите собрале околу 70 мигранти кои се наоѓале на улиците на градот, пренесе Си-Ен-Ен.

Спасувачите волонтери изјавија дека има и многу повредени мигранти.

- Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на 21 мај 2023 година, соопшти претпладнево грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на денешната владина седница. 

Нова демократија победи на изборите на 7 јули 2019 година, парламентарните избори за нешто помалку од два месеци се регуларни, а Мицотакис континуирано го изразуваше ставот дека ќе го исцрпи четиригодишниот мандат. 
 
- Луѓето од двете страни на Тајванскиот теснец се етнички Кинези и имаат исти предци, изјави денеска поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-јеу на почетокот на историската посета на Кина, критикувана од владејачката партија на островот.

Ма, кој беше на власт од 2008 до 2016 година, е првиот тајвански претседател, поранешен или актуелен, што ја посети Кина откако владата на „Република Кина“ побегна во Тајван во 1949 година, откако ја загуби граѓанската војна со комунистите.

-

Остани поврзан