• среда, 25 декември 2024

Соработка на Министерството за енергетика и ФЕИТ

Соработка на Министерството за енергетика и ФЕИТ

Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпишаа Меморандум за соработка, со кој се зајакнува врската меѓу образованието, науката и индустријата во областа на енергетиката и новите технологии.

Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.

Како што соопшти денеска МЕРМС, оваа соработка има за цел да поттикне иновативни истражувања, развој на нови технологии и едукација на висококвалификувани кадри, кои ќе придонесат кон одржливи енергетски решенија и економски развој на земјата.

- Овој меморандум ја потврдува нашата заедничка цел – да ги поддржиме младите инженери и да ја зајакнеме врската меѓу науката, образованието и индустријата.Заедно ќе работиме на проекти кои ќе ја унапредат енергетската ефикасност и ќе создадат нови можности за нашите млади инженери, изјави министерката Божиновска.

Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Атанасовски, истакна дека оваа соработка ќе овозможи на студентите и истражувачите пристап до реални проекти и ќе ги подготви за предизвиците на современата енергетска индустрија.

По потпишувањето, министерката и деканот одржаа академски час со студентите на ФЕИТ, при што се разговараше за предизвиците и можностите за развојот на младите инженери и иновации во енергетскиот сектор. Министерката им порача на студентите дека Владата е посветена на создавање услови за нивно професионално реализирање дома.

- Нашата цел е јасна – да ви понудиме работа која ќе биде вистински предизвик за вашето знаење и креативност, за да останете тука и да придонесете за својата земја. Сигурна сум дека токму од вас, од вашите идеи и ентузијазам, ќе произлезат иновации кои ќе го обликуваат енергетскиот сектор во Македонија, рече Божиновска.

Деканот Ташковски нагласи дека меморандумот ќе им овозможи на студентите да стекнат уникатно искуство преку практикантска работа и вклучување во проекти од национално значење. Со ова партнерство, Министерството и ФЕИТ испраќаат јасна порака дека вложувањето во образованието и науката е клучно за обезбедување на одржлива и просперитетна енергетска иднина за Македонија.

-Ова е партнерство кое ги инспирира идните генерации инженери и отвора нови можности за академијата, индустријата и општеството, заклучи Божиновска.лв/

фото: МЕРМС

Остани поврзан