• сабота, 23 ноември 2024
МИА Општински пул

31 октомври 2024 

Скопје - Фестивалот на виното „Виноскоп“, што ќе се одржува од денеска до 2 ноември годинава на плоштадот „Јадран“ во центарот на Скопје, ќе понуди врвни вина од над 30 винарии и врвни деликатеси.

Најавена е и богата музичка програма со акцент на поддршка на македонската музичка сцена. На фестивалот ќе настапат: Куку Леле, Фолтин, Brass Brothers, Деј ОФФ, Дј Александар Јорданов, Огнен Здравковски, Пауза за ракија, Дј Тина, Калевала, Занаду и други македонски артисти и изведувачи.

Скопје - Во пресрет на Денот на Општината – 3 Ноември, Општина Карпош денеска организира традиционална крводарителска акција.

Граѓаните од општина Карпош, но и други општини од градот, кои се традиционални дарители или сакаат да даруваат крв, тоа ќе може да го сторат денеска од 9 до 17 часот, во спортската сала на ООУ „Јан Амос Коменски“ (населба Тафталиџе 1). 

Радовиш - Македонската поетеса Ирена Павлова Де Одорико и руската Олга Панкина се добитнички на наградата „Ацо Караманов 2024“. Павлова Де Одорико наградата ја доби за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик за книгата „Новоженство“, а Панкина интернационалната книжевната награда „Ацо Караманов 2024“ за книгата „Меѓусебна потрага“.

Наградите ги соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ -Радовиш заедно со ОНБ „Браќа Миладиновци“ и жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 51. Караманови поетски средби во состав професор д-р Даниела Андоновска Трајковска, Борче Панов и Славчо Атанасов.

Според жири комисијата „Новоженство“ е храбра поезија која не се бори за женските права, туку нè соочува со историските предрасуди на еден свет кој бил проектиран како претежно машки свет, а кој денес се повеќе еродира како таков и среде ова се поставува женската перцепција за жената и како реален и еволуциски и телошки коректив на една цивилизација и колку и да е лудистички овој поетски ракопис, неговата необичност и оригиналност плени со естетиката на една нова реалност.

Штип - Нормализирана е состојбата со дистрибуција на струја до Клиничка болница-Штип. Директорот на болницата, Владко Захариев за МИА информира дека откако вчера околу 15 часот беше скинат кабел, екипите на ЕВН кои работеа во текот на ноќта проблемот го решиле околу 1 часот по полноќ.

Тој утринава истакна дека состојбата со струјата е нормализирана и болницата нормално функционира. Инаку, МИА синоќа информираше дека болницата со струја се снабдуваше од агрегат, бидејќи при градежни активности беше скинат кабел. 

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје утрово информира дека во текот на вчерашниот ден, била извршена замена на оштетените корпи, наменети за одлагање ситни отпадоци во општина Ѓорче Петров.

Замената била спроведена на повеќе локации во централниот дел на општината, каде на местото на оштетените корпи биле поставени сосема нови садови.

Во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје врши празнење на вкупно 2.300 корпи наменети за одлагање ситни отпадоци, поставени на територијата на сите скопски општини, се додава во соопштението на претпријатието.

Делчево - Во Делчево отпочна проектот за развој на советувалишна и советодавна тераписка работа со маргинализирани групи, со посебен акцент на лицата со попреченост и родители. Во рамки на проектот во текот на вчерашниот ден се одржа работилница со интердисциплинарниот тим, како прва од низата работилници кои ќе следуваат во наредниот период од 6 месеци.

Како што информираше координаторот на проектот Сузана Петровска се работи за комплексен проект кој во наредниот период ќе се реализира во соработка со Невладината организација Бравура Кооператива и Општина Делчево.

-Во тој интердисциплиниран тим учествуваат стручните соработници од училиштатата, основните и средните училишта во нашиот град, Детската градинка, Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување и др. Морам да ги спомнам и Невладините организации, кои се доста значајна алка во тој синџир на соработка, така да интердисциплинарниот тим ни е подготвен за работа и за развој на услугата која веќе ја спомнав, истакна Петровска.

Куманово - Меѓународната изложба на уметничка фотографија ќе биде отворена вечер со почеток во 19 часот во Уметничката галерија Куманово, информираа денеска организаторите, Фото кино клуб ,,Козјак”. На изложбата ќе бидат презентирани  фотографии на македонски и странските автори. Учесниците имаа можност да се презентираат во неколку категории и да работат на слободна тема, колор, слободна црно-бела, природа и портрет.

-Бурното време во кое што живееме, потполната дигитализација и брзиот развој на технологијата им дозволува на фотографите да бидат сведоци на историјата која се одигрува пред нивните фотоапарати. Затоа Фото Кино Клуб ,,Козјак” и годинава традиционално ја организира најстарата меѓународната изложба во Македонија, Фото Салон 2024, соопштија од клубот.

На натпреварот учествуваа 213 автори од 52 земји од целиот свет. Тричленото жири, Раша Милојевиќ (Србија), Михаел Кацафура (Словенија) и Марјан Јаневски (Македонија) доделија 93 награди во сите четири категории од кои 92 медали и дипломи за фотографии и FIAP најдобар автор на изложбата за Милан Марковиќ од Србија.

Битола - Највиското општинско признание, наградата за животно дело што ја доделува Општина Битола, годинава ќе му биде врачена на доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски.

Борис Чоревски (75) во својата кариера одиграл над 150 улоги, меѓу кои и Осман бег во „Македонска крвава свадба“, Барон Михаузен во „Минхаузан“, Јордан во „Печалбари“, а како што пролетоска изјави за МИА, за свој возбудлив почеток го смета настапот на Стериино позорје во Нови Сад кога во 1978 година битолскиот театар ја изведе претставата „Време за пеење“ од Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски.

Наградата за животно дело на Чоревски ќе му биде доделена на 4 ноември, на Денот на ослободувањето на градот, настан за кој Општина Битола подготвува свечена академија.

Охрид – Охридското Езеро се соочува со зголемен ризик од загадување, прекумерен риболов и урбан развој, предупредуваат еколозите и експертите на Обединетите нации.

Како што објавуваат светските агенции, а пренесуваат медиумите што пишуваат на теми  од областа на екологијата и заштита на животната средина, езерото што е едно од најстарите во Европа со старост од 3,5 милиони години е дом на околу 200 ендемски видови, вклучувајќи автохтони видови пастрмка.

Како особена туристичка атракција езерото претставува и значен извор на приходи, за Северна Македонија и за Албанија што го делат езерото.

Агенциите постсетуваат дека македонската страна на Езерото беше прогласена за Светско наследство на УНЕСКО во 1979 година, додека статусот светско природно наследство албанската страна го стекна во 2019 година.

Крива Паланка - На локацијата кај спортскиот комплекс во Крива Паланка изграден и уреден е првиот парк за миленици во општината. Со буџетски средства од тригодишната Развојна програма на Општина Крива Паланка во висина од 3.800.000 денари уредени се 805 метри квадратни јавна површина, а освен паркот за миленици уредено е и ново урбано детско катче.

-На површина од 805 м2 на спортскиот комплекс опремено е детско катче со модерни реквизити и зип-лајн и уреден е првиот парк за миленици во градот. Најмладите добија ново детско урбано катче, 12-то во Крива Паланка, изградено и уредено за три години.  Паркот за миленици содржи едукативна кула и бројни содржини за милениците.Инвестираме  3.800.000 денари од Развојната програма на Крива Паланка, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Со средства од истата програма се проектираат и уште осум нови детски урбани катчиња со спортски терени што е предвидено да бидат поставени и уредени во различни населени места, меѓу кои во Осичка маала, населба Бавчалк, Конопница местото Тополки и повеќе други места, со фокус на локалната самоуправа за овозможување подобри услови за забава и рекреација на најмладите жители на општината.

 

Остани поврзан