• петок, 25 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  18  јуни 2024

 

Свети Николе - Земјоделците од Овчеполскиот регион со трактори го блокираа експресниот пат Штип-Велес. Револтирани се што земјоделските култури засеани на нивните ниви се жедни за вода, бидејќи од вчера повторно немаат вода за наводнување од Хиддросистемот „Брегалница“.

Драги Павлов од село Црнлиште вели дека земјоделските површини на кои одгледуваат детелина, бостан, лозја, пиперки, патлиџани се оставени без вода, со што како земјоделци трпат штети и годинава ќе им бидат намалени приносите. Забележува дека околу земјоделците од 15 села во општините Свети Николе и Лозово со децении имаат проблеми со наводнувањето од ХС „Брегалница“, а какошто вели Павлов надлежните од овој систем за наводнување не се придржуваат на планот за рестрикции на водата за наводнување.

-Во каналот за наводнување нема капка вода и овој народ ќе има последици и бараме водата да ни ја пуштат веднаш. Штетите на земјоделските култури се огромни, имаме површини каде што нема ниту капка вода за наводнување, а сите плаќаме воден надоместов, вели Павлов.

Земјоделецот Владо Здравковски се пожали дека со децении е истиот проблем за земјоделците од Овче Поле.

-Се изгоре и веќе е ова срамно за оваа држава. Мицковски да ги слушне земјоделците од овој регион, вели Здравковски.

Земјоделците кои со својата механизација го блокираа експресниот пар Штип-Велес бараат решавање на проблемот со наводнувањето на нивите во Овчеполскиот регион. Во текот на попладневните часови ќе имаат состанок,на кој ќе одлучат на кој начин ќе го изразуваат својот револт. Инаку денеска половина час беше целосно блокиран ескпресниот пат Штип-Велес, по што беше ослободена една колововна лента и сообраќајот го регулираа полициски службеници. Директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов вчера за МИА потврди дека водата  е запрена водата за наводнување за Овчеполскиот регион и се следи планот за наводнување.

-Имаме рестрикции на водата и план за наводнување, изминатиот период во Светиниколско имавме неколку дефекти на системот за наводнување, успеавме да ги решиме, за време на викендот земјоделците имаат вода да ги наводната своите ниви, кои според пријавеното треба да бидат околу 3.000 хектари, вели Богатинов.

Тој посочи дека во моментов водата од системот за наводнување сега се пренасочува кон нивите под ориз во кочанско-виничкиот регион, бидејќи по прскањето на нивите под ориз сега е потребно да бидат наполнети со вода. Богатинов забележа дека станува збор за стар систем, на кого му треба санација, но и долгоречно решение, какошто е изградба на цевковод до селата во Овче Поле, за да нема загуби или кражби на водата за наводнување, а ова регионалната подружница кубури и со стручен кадар.

Струмица - Земјоделството да се модернизира и третира како реална економска индустрија во руралните средини, а не како дополнителна дејност, беше порачано од вториот Национален рурален парламент, кој денеска и утре се одржува во Струмица. Учествуваат повеќе од 80 претставници на граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор за да креират препораки за подобрување на квалитетот на живеењето во руралните средини.

Според Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија многу е важно да се има предвид дека младата работна сила во земјоделството ја нема и затоа иновациите во оваа гранка треба да се поврзани со модерните технологии во сите фази на производството.

-Мора да најдеме начин како младите да останат или да се вратат во селата. Ним им е потребна солидна плата, домување, прецизно и насочено образование, исто така е важен социјалниот живот. Значи, тоа е еден цел процес кој треба да биде високо на агендата и стратегијата на се што е поврзано со земјоделството и руралниот развој, рече Ѓоргиевски.

Тој смета дека пред се е најважно да се подобри инфраструктурата, односно подбрување на здравството, образованието и токму преку тоа се гледа јазот меѓу урбаните и руралните средини и затоа треба тој да се намали.

Според Столе Илиев, извршен директор на Локалната акциска група „Плачковица“, најголема пречка за прифаќање на нивните иницијативи за подобрување на условите во руралните средни е незавршениот процес на децентрализација.

-Овој процес е мисловен поим, посебно кога станува збор за фискалната децентрализација. И самите општини не се толку децентрализирани, колку што треба да бидат и мислам дека таа е една од главните пречки која го кочи локалниот развој, односно процесот на децентрализација не е завршен кај нас и не помога самите потреби на граѓаните да дојдат до израз и нашите иницијативи да бидат прифатени, смета Илиев.

Професорката на Факултетот за земјоделски науки и храна, Александра Мартиновска Стојчевска, подвлече дека модернизацијата и инвестициите во земјоделството се значајно младите да се задржат тука.

-Иновациите и вложувањето во знаењето е најдобра инвестиција и затоа образованието треба да се гледа како инвестиција, а не трошок. Многу важно е да се каже за „паметната специјализација“, односно тоа е еден процес кој е започнат пред неколку години и лани беше донесена стратегија за „паметна специјализација“, во којашто земјоделско-прехранбениот сектор е препознаен како едни од приоритетните домени. Паметно земјоделство и храна со додадена вредност е една од областите во која се препознава економски, иновативен и истражувачки потенцијал во кој треба сите чинители да се вклучат интензивно за да се дојде до подобри успеси и сето тоа да ја раздвижи економијата и вложувањата во овој сектор, смета професорката Мартиновска Стојчевска.

Вториот Национален рурален парламент ќе заврши со теренски посети на позитивни и успешни примери од руралното претприемништво, рурален туризам, природни потенцијали и ресурси во струмичко и радовишко.

Настанот е во рамки на програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементиран од Мрежата за рурален развој.

Кочани – Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани почна да разменува оризова слама со земјоделците за компост што го произведува во станицата за пречистување на отпадните води кај селото Мојанци.

Покрај отпадната тиња од фекалните води, во производството се користи и сламата од оризот што се собира од полињата, која наместо да се пали по завршувањето на жетвата, сега има нова употребна вредност. Со тоа целосно ja финализира постапката за пречистување на водата од фекалната канализација во општината, односно станицата е единствена во регионот во која има затворен круг на процесот, а воопшто не генерира отпад.

- Во рамки на претпријатието е регистрирана подружницата „Компостара“ која има добиено и дозвола за производство на органско ѓубриво со трговско име „Комвод“. Една од основните суровини за негово производство е оризовата слама, со што сакаме да ги потсетиме земјоделците дека не треба да ја палат по завршувањето на жетвата и да не го загадуваат воздухот. Ги повикуваме сите земјоделци да нè контактираат и за секоја бала слама доставена во станицата ќе добијат вреќа компост. Завршени се анализите за квалитативните вредности на ѓубривото и добивме позитивни резултати, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе го регистрираше, односно запишано е во регистарот и листата на ѓубрива, биостимулатори подобрувачи на својствата на почвата, истакна Радостина Стоилковска, раководителка на Станицата за пречистување на отпадните води.

Компостотот на КЈП „Водовод“ се пакува во вреќи од по 25 литри и за почеток ќе се разменува само со земјоделските производители од кочанскиот регион. Во зависност од побарувачката, во втората фаза се планира да се пакува и во поголеми или помали количини и да се нуди и комерцијално во трговската мрежа во државата.

Заокружувањето на процесот за пречистување на отпадните води и производство на органско ѓубриво во станицата кај Мојанци е реализирано со поддршка од швајцарската влада, при што набавена е потребната механизација и опрема за пакување. Како нуспроизвод од ферментацијата н отпадната тиња се добива и метан, што заедно со поставените фотоволтаични панели, служи за затоплување и за производство на електрична енергија за потребите за станицата за пречистување.

Стручните испитувања на компостот покажале дека може да се користи во производтството на житни култури, во овоштарници, за цвеќарници и за ѓубрење на праковски и други зелени површини. 

Дојран - Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од страна на Центарот за јавно здравје Велес покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење и рекреација на луѓето.

Ова го објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, повикувајќи се на добиените резултати од извештаите на здравствената установа.

-Според неодамнешните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико” од страна на Центарот за јавно здравје, институција со докажан квалитет која успешно работи години наназад, докажано е дека водата кај трите плажи е во одлична состојба и не постои пречка луѓето слободно да се капат и да уживаат во рекреативни активности во водата, објави Ангов.

Додава дека резултатите од испитувањата на езерската вода се идентични со лани, односно се повторува непроменета одлична состојба и покажува параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето.

Инаку, во текот на летниот период од страна на Центарот за јавно здравје, Велес, неколку пати се земаат примероци од езерската вода за тестирање.

Скопје - Општина Центар соопшти дека учениците до 10 години ќе може да бидат згрижени во градинките за време на летниот распуст до исполнување на капацитетите. Општина Центар денеска потпиша Меморандум за соработка со основните училишта и градинките за меѓусебна поддршка и соработка на проекти и работилници во областа на образованието.

- Преку оваа соработка сакаме да им излеземе во пресрет на сите родители кои поради работните обврски имаат потреба од згрижување на нивните деца до 10 годишна возраст. За таа потреба ги отвораме градинките и за школските деца каде со наставнички од основните училишта ќе имаат едукативни работилници и други активности за време на летниот распуст. Слободните места за упис на дечињата секако зависи од капацитетите на детската градинка, потенцираше градоначалникот на општина Центар Горан, Герасимовски.

Учениците до 10 години ќе може да бидат згрижени во пет објекти, а за сите дополнителни информации и критериуми родителите може да се информираат во градинките.

Струга - Со ревијален кајакарски маратон в сабота ќе почне одбележувањето на Денот на Охридското Езеро и биолошката разновидност - 22 јуни под слоганот „Гласот на крајбрежјето“ во организација на Европската куќа Струга.

Стартот на маратонот, како што информира организаторот, е закажан за во 10 часот на Женска плажа, а ќе се рализира во соработка со спортскиот клуб „Соларис“ Струга.

- Веслањето со кајак не е само вежбање, туку може да биде вистинско релаксирачко искуство. Веслајќи, можете да ги истражите затскирените заливи, да стигнете до интимни и помалку познати плажи, да го запознаете живиот свет, кој ѕирка меѓу трските... Секое влегување во кајак е чекор кон нова авантура, посочуваат од Европската куќа Струга.

Вечерта, додаваат, е резервирана за опуштена забава во Паркот на поезијата, а за музичкиот дел ќе се погрижи Диџеј Мирче - Хаусмајстори.

Визуелниот дел, како што е најавено, ќе биде надополнет со несекојдневен видео перформанс на ендемични цветови и птици низ Паркот на поезијата. 

Берово, 18 јуни 2024 (МИА) - Привршуваат градежните активности за изградба на тротоари на улицата „Зоран Бубевски” во Берово. Градежните работи, како што информира градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски, се реализираат во должина од околу 680 метри. 

- Се работи за градежни активностите кои опфаќаат спој со веќе постоечки тротоар,  до спој со тротоар на ул. „Маршал Тито”. Поплочен е тротоарот со бехатон плочки, на претходна подлога и поставен тампонски слој. Ширина на тротоарот е променлива од 1,5 метри до 2,0 метри. Улицата е една од најпрометните улици во градот, која што е често користена за пристигнување до туристичките населби ,,Абланица” и ,,Беровско Езеро”, истакна Пекевски.

Подобрувањето на инфраструктурата, додаде, значително ќе влијае на подобрувањето на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот, а особено на пешаците, кои често пешачат во овој дел од градот Берово.

За  изградба на тротоари на ул.,,Зоран Бубевски”, ќе бидат исплатени средства, во износ од 1,5 милиони денари.

Пекевски информира дека од овие средства, 80 проценти се обезбедени од Министерство за локална самоуправа, преку Биро за регионален развој. а 20 проценти ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Берово за 2024 година. 

Градежните активности очекува да завршат до крајот на оваа недела.

Вевчани - „Алхемија на дивината“ е мултимедијален и локациски специфиен перфоманс што премиерно ќе биде изведен на 26 овој месец во Вевчани, во рамките на проектот „Сиот свет е сцена - имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници културен центар Медиа артес во Охрид.

Перформансот „Алхемија на дивината“, како што соопшти Медиа артес, ќе се изведува на различни локации на Вевчанските извори, а покрај премирата ќе има уште две изведби следниот ден.

- Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес кој ги спојува талентите на уметници-изведувачи од различни уметнички области. Додека го истражувате Вевчани, околу вас ќе се создаваат магични приказни од алтернативни реалности. Нурнете во овие наративи на еден час, за време на настапот во живо, или препуштете се на една подолга авантура која ветува трансформативно патување, посочува организаторот.

„Алхемија на дивината“, како што е наведено во информацијата, ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме.

- Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме, или реоткриеме, притоа избирајќи ги според приориетот на важноста. Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега, стои во најавата.

Изведувачи, како што е наведено во соопштението, ќе бидат Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг, а нивни ментори, Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ.

Во рамките на проектот „Сиот свет е сцена - имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” биле реализирани и две работилници со наслов „Ритуалот во современото општество“.

Остани поврзан