• петок, 25 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  13  јуни  2024

 

Велес - На здравствените прегледи за деца кои се запишуваат во прво одделение, констатирано е дека 10 проценти од идните првачиња од Велес и од велешкиот регион, имаат рефракциони аномалии на очите, поради што имаат потреба од носење очила , информираше за МИА, доктор Тодор Јаковлевски, специјалист по очни болести при велешката Општа болница.

Тој апелираше до родителите, да го контролираат играњето на децата со телефони, таблети и со компјутери, за да им се заштити видот, но и да иницираат повеќе физички активности за младите.

Штип - Ректори и претставници на девет Универзитети од Европа, кои се членки на Eвропската Универзитетска Алијанса денеска имаа средба во ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски истакна дека една од целите на оваа Алијанса е мобилности за студентите и за професорите од деветте Универзитети.

- Самиот проект предвидува огромен број на мобилности за студентите, огромен број на мобилности за професорите, спојување на истражувачката инфраструктура на задничка работа на проекти. Се работи за Универзитети кои што навистина имаат што да понудат и од аспект на истражување, и од аспкет на квалитет на настава. Крајната цел би било да нашите студенти имаат дипломи коишто ќе бидат буквално една диплома-европска диплома, вели Мираковски.

Ректорот на Политехничкиот универзитет во Португалија, Жуан Мутао посочи дека со инвестирање во подобар едукативен систем се придонесува за подобра иднина на сите. Верува дека оваа соработка ќе придонесе за подигање на иновацијатаи претприемништвото во општествата.

- И од тука веруваме дека со подобро образование и подобар едукативен систем ние можеме да обезбедиме подобра иднина за сите нас. Ние, како Алиајнса пред се веруваме во промоција, односно се бориме за промоција на иновацијата се разбира, и на соработката и веруваме сите овие работи ќе придонесат токму за подигање на иновацијата и на соработката, меѓутоа и на претприемништвото во овие општества, рече Мутао.На состанокот присуствуваа ректори, проректори и универзитетски професори од девет Универзитети од европската  Алијанса, меѓу кои универзитети од Португалија, Австрија, Романија, Шпанија, Литванија, Летонија, Полска, Германија и Северна Македонија.

Скопје - Во Општина Ѓорче Петров денеска почна асфалтирање на улицата 52 во Стопански Двор која има шест краци. Улицата ќе добие нов асфалт на главната артерија, а следно и на краците во должина од приближно 1.200 метри или над 3.000 м2 површина.

Од Општина Ѓорче Петров соопштија дека досега самостојно реконструирале над 60-тина улици, со што значително е подобрена инфраструктурата.

-Пружената рака со граѓаните е наша заложба дека ќе го решиме нивниот проблем. Никогаш не ветувам ако не можам да остварам, и никогаш не отстапувам ако ветам. Денеска на мое задоволство остваривме уште едно ветување за кое долги години се бараше решение, проблем кој се провлекуваше со години и никој сериозно не се заложи да им го реши на граѓаните на улицата 52 во Стопански Двор, рече градоначалникот Александар Стојкоски.

Тој истовремено најави и нова градежна офанзива во сите делови на Ѓорче Петров.

-Ве уверувам дека лошата патна инфраструктура во нашата општина ќе биде минато, подвлече Стојкоски.

Штип - Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска на едно место ги собра земјоделците, компаниите и научната фела на четвртиот меѓународно научно-стручно советување „Агро-наука и пракса“. Деканот на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов нагласи дека ова меѓународно научно-стручно советување е со намера да ги обедини сите релевантни фактори од земјоделскиот сектор за споделување на нивното знаење, искуство и проблеми.

Таа посочи дека една од главните цели е да се направи мост и да се овозможи силна комуникација помеѓу научно-истражувачката и практичната работа во земјоделскиот сектор, како во нашата земја, регионот, така и поширко, со што ќе се добие меѓународна димензија.

- Имајќи ги предвид сите промени кои ни се случуваат во животната средина, климатските промени, температурните промени, коишто влијаат како на луѓето, така и на растителниот и животинскиот свет мора науката силно да се поврзе со праксата за да може да имаме достигнување, односно да може да одговориме на предизвиците. Затоа и оваа година имаме атрактивни теми на нашето меѓународно советување, вели Арсов.

Горан Басовски, претставник од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) вели дека последните години се потопли, а вегатицијата на растенијата е поместена за две до три недели. Со намалување на приносите, земјоделците ќе го платат данокот од климатските промени. Тој забележа дека токму температурните промени носат и поместување на работата на земјоделци на нивите и предизвикува, како што вели, мал ризик за појава на мразеви. Според него, оваа година растенијата не биле подложни на пролетните мразеви. Но, глоболнато затоплување е причина за појава на многу болести и инсекти посебно кај житните култури.

-Почетокот на жетвата ќе биде порано од претходно. Ќе се намали периодот на вегетација и некаде може да се одрази на самиот принос, односно да се намали, изјави  Басовски.

Тој забележа дека е потребна поголема анализа за влијанието на климатските промени врз земјоделските култури, а нашата земја околу половина век ги мери температурните промени. Смета дека е потребен подолг временски период за да се соберат податоците и да се направи анализата за влијанието на климатските промени врз производството на храна.

Бубе Трајковски, еден од најголемите производители на житни култури во земјава, истакна за да имаме одржливо производство на житни култури кои ќе дадат добри приноси и покрај климатските промени потребно е користење на фунгициди. Трајковски успеал да го дуплира производството на житото.

- Сега последните години имаме сериозни проблеми со временските услови, а тоа предизвикува големи стресови на растенијата. Веќе не може да се произведува без употреба на фунгициди. Ние сме од ретките кои вршиме заштита на житариците,одиме со три до четири третмана. Врз база на користење на фунгицидите добиваме одлични резултати. Може да се пофалиме со приноси на пченица од шест до осум тона, рече Трајковски.

Универзитетскиот професор Илија Каров, кој има истражувања во делот на кочанскиот ориз, истакна дека научната фела треба  да работи на откривање на нови хибриди кои ќе бидат отпорни и прилагодливи на новите климатски услови.

-Значи потребно е сорти со пократка вегетација, издржливи на суша, но и ќе бидат пониски. Тоа знаачи дека ќе немат толку голема лисна маса. Едноставно треба да бидат прилагодливи на новонастанатите услови и климатски промени коишто се очекуват, рече Каров.

На денешното меѓународно стручно советување на Земјоделскиот факултет присуствуваа и студентите, кои велат дека нивната идна струка и дефицитарна, а во иднина ќе биде и барана.

Велес - На здравствените прегледи за деца кои се запишуваат во прво одделение, констатирано е дека 10 проценти од идните првачиња од Велес и од велешкиот регион, имаат рефракциони аномалии на очите, поради што имаат потреба од носење очила , информираше за МИА, доктор Тодор Јаковлевски, специјалист по очни болести при велешката Општа болница.

Тој апелираше до родителите, да го контролираат играњето на децата со телефони, таблети и со компјутери, за да им се заштити видот, но и да иницираат повеќе физички активности за младите.

- Ваквиот процент на рефракциони аномалии на очи кај децата од Велес и од велешко, за жал, е последица на сѐ подолготрајната употреба на електрични уреди - телефони, таблети, од што најмногу страдаат очите, потенцираше докторот.

Како што појасни тој, овој процент на деца со аномалии на очи во велешкиот регион, е во рамки на светскиот просек на рефракциони аномалии. Но, сепак, тој бил загрижувачки и е во пораст.

Како што е соопштено, прегледани се најголем дел од идните првачиња во велешкиот регион. Оние кои не се, според најавата, ќе бидат прегледани до почетокот на новата учебна година.

Крива Паланка - Во Европската куќа Крива Паланка денеска се одржа работилница во организација на Општина Крива Паланка на која младите предлагаа идеи и иницијативи за поддршка преку проектот "ReLoad 2", финансиран од Европската унија.

Крива Паланка е една од општините добитник на грант преку проектот што го имплементира Програмата за развој на обединетите нации, УНДП, а младите од градот низ втора сесија даваа предлог-идеи од кои, по нивна разработка и селекција, дел ќе бидат имплементирани и финансиски поддржани преку проектната програма.

-Општина Крива Паланка продолжува со активностите за поттикнување и афирмирање младинско учество. Преку оваа интерактивна работилница, втора во низа, младите од градот детектираа проблеми и предлагаа идеи за кои во претстојниот период ќе се изнаоѓаат модели да бидат целосно обработени со поддршка од граѓански организации и да се реализираат како иницијативи, што директно ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на младите во градот и истовремено ќе ги инволвираат младите луѓе преку волонтерски активизам да бидат дел од целокупниот процес на реализација, за да бидат креатори и двигатели на самите активности од младите за младите, истакна Билјана Георгиевска, проект - координатор на "ReLoad 2", финансиран од Европската унија, имплементиран од УНДП.

Општина Крива Паланка во изминатите две години воспостави активна соработка со УНДП преку проектите што се реализираат во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2, (ReLOaD2).

-Преку ваквите програми се отвораат нови перспективи во стратешкото делување и создавање подобри услови за живот на младите во локалната заедница, посочи Даниела Милошевска, службеник за млади во Општина Крива Паланка.

Младите предлагаат: летно кино на отворено со придружна програма за млади, паинт-бал терен на спортскиот комплекс во Крива Паланка, простор за младински читателско-литературен клуб, простор за музички проби и формирање младински бенд...

Во претстојниот период ќе се одржат и онлајн консултации,ќе се доработуваат проектите, по што на следната работилница, кон крајот на месецот, избраните иницијативи ќе бидат усогласени до финална фаза, за имплементација. 

Куманово - Несовесни граѓани од Куманово исфрлаат фотелји, кревети, гарнитури на несоодветни локации, од ЈП „Чистота и Зеленило“ денеска повикаа граѓаните да се обратат кај нив за изнесување на кабаст отпад. Од претпријатието реагираат дека услугата се наплаќа, а ваквото одлагање на сметот само прави дополнителни трошоци за ангжаман на работна сила и при изнесувањето можат да се оштетат работните машини.

- Продолжува оставањето на кабаст отпад на несоодветни локации. Дел од нив беа оставени и во контејнери. Нашите екипи ги изнесоа. Меѓутоа ова не е соодветен начин да се депонира вакво вид отпад, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Тој апелираше граѓаните да не депонираат кабаст отпад на ваков начин, поради што дополнително се отежнува работата на претпријатието. Во текот на годината се организираат неколку акции за бесплатно изнесување на кабаст отпад. Граѓаните иако навреме се информирани не покажуваат значителен интерес за акциите.

- Изнесувањето на кабаст отпад може да се спроведе секогаш кога граѓаните имаат потреба и таа услуга ја има во ценовникот. На повик, доаѓа возило на јавното претпријатие се изнесува отпадот на депонијата. За овие услуги превоз и депонирање се наплаќа 2.600 денари. Има уште опција самите граѓани со нивно возило да го донесат отпадот на „Краста“ каде се мери и за услугата се наплаќа 3,6 денари плус пет денари ДДВ, додава Стојановски.

Често се случува ваков вид отпад да заврши и во речното корито. Кумановци, граѓански организации реагираат на ваквата појава која ја загадува животната средина и бараат од инспекциските служби соодветни санцкии.

Скопје - Одбојкарките од основното училиште „Партенија Зографски” и ракометарките од основното училиште „Кузман Шапкарев” кои се победници во општинската лига на спортови денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, од кого добија ваучери за летен спортски камп кој ќе се одвива во Охрид.

Во присуство на своите наставници по физичко воспитување, кои воедно се и нивни тренери, Тамара Стојанова, како и Благоја Кечовски и Дејан Апостоловски, и претседателот на Сојузот на училишен спорт Дејан Стоимановски, спортистките споделија дел од моментите од натпреварувањата и разговараа за нивните спортски амбиции и желби.

-Голема е мојата чест што денес во Општина Кисела Вода имаме талентирани ученици кои знаат да го искористат својот потенцијал. Вашиот успех е доказ за посветеноста, трудот и љубовта кон спортот и ви честитам за освоените титули и постигнатите резултати. Како градоначалник, мојата мисија е да ги поддржам сите млади таленти во нашата општина. Затоа, денес со задоволство ви доделувам ваучер за летниот спортски камп во Охрид. Ова е само мал знак на признание за вашиот труд и поттик за вашата иднина. Кампот ќе биде одлична можност за вас да се развивате, да стекнете нови вештини и да создадете нови пријателства, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Капитенот на ракометарите од ООУ Кузман Шапкарев, осмоодделенката Евгенија Смиљковска на средбата изјави оти се надева на уште поголеми успеси во иднина.

-Горда сум на моите девојки со кои освоивме прво место и сакам да се заблагодарам за можноста укажана од градоначалникот да учествуваме на спортскиот летен камп. Се надевам дека пред нас се уште поголеми успеси, изјави Смиљковска.

Јоана Исајловска, деветтоодделенка од ООУ „Партенија Зоографски” посочи дека и чест што е дел од најуспешниот училишен тим во одбојка во Општина Кисела Вода.

-Чест ми е што сум дел од најуспешниот училишен тим во одбојка во Општина Кисела Вода и што, заедно со останатите одбојкарки од ООУ “Партенија Зоографски”, ќе бидам дел од кампот во Охрид. Очекувам дека таму уште повеќе ќе имаме можност да ги ги унапредиме нашите спортски вештини, да се дружиме и да создадеме убави спомени и затоа, од име на сите, сакам да се забагодарам за наградата, изјави Исајловска. 

Куманово - Млади од ИТ секторот од Куманово во рамки на проект за регионална мобилност остварија средба со претприемачи од Никшиќ, Црна Гора, соопштија денеска од здружението „Активум“ од Куманово. Средбата се спроведува во рамки на проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ кој е заеднички проект на Центарот за локална демократија од Суботица, Агенцијата за локална демократија од Никшиќ и Граѓанскиот центар Активум од Куманово.

Целта на средбата е едукација на младите за да станат успешни ИКТ претприемачи, да основаат и водат мал бизнис, да ги усовршат бизнис идеите и моделите.

Претприемачите, неделава го посетија бизнис инкубаторот „Технополис“ во Никшиќ каде стекнаа знаења и вештини за придвижување на бизнис идеја до реализација. Тие се сретнаа со менаџерот на бизнис инкубаторот Жељко Лучиќ, кој како ментор им пренесе знаења за функционирањето на иновативниот центар и услугите коишто се нудат на нивните корисници. Во рамки на посетата и средбите разговараа за идејата на која работат, подготвувајќи план за валидација преку практични истражувања од повеќе области, примена на канвас бизнис моделот, споредба со конкуренцијата, истражување на пазарот и одвојување на клучните вредности. Младите ја презентираа идејата на која беа претставени клучни аспекти за потенцијални инвеститори и корисници.

-Ова за нас како учесници беше прекрасно искуство во кое се стекнавме со практични знаења како да валидираме некоја бизнис идеа уште во рана фаза пред да почнеме со нејзина изработка. Со тоа ги намалуваме ризиците за неуспех и однапред може да предвидиме во која насока би се движеле со текот на развојот на таа идеа. Во иднина би сакал да има уште соработки и обуки од овој тип коишто ќе се фокусираат на оваа тема коишто ќе бидат во поголем временски период со цел што потемелно да се опфатат што повеќе сегменти од развојот на една идеа, изјави Владимир Митевски, учесник.

Кумановските претприемачи се сретнаа и со претставници на општина Никшиќ, а ја посетија и Подгорица каде беа на саем за ЕУ проекти. Целта на проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ е да се поттикне младинската мобилност и учество во регионалната соработка и размена како алатка за развој на професионалните вештини, професионална обука и економско зајакнување на младите во Суботица, Никшиќ и Куманово. Претходно, обука се одржа во Суботица.

-Целта е младите да станат успешни ИКТ претприемачи, да основаат и водат мал бизнис, да ги усовршат бизнис идеите и модели, да ги унапредат знаењата, да развиваат вештини за стартап компании во ИКТ секторот, да популаризираат иновации, да промовираат културни активности и да разменат добри локални практики во трите града, изјави Марија Тошева од „Активум“.

Проектот го спроведуваат ЛДА Суботица (Local Democracy Agency LDA Subotica), ЛДА Никшиќ (Agencija za lokalnu demokratiju Niksic / LDA Montenegro) и Граѓански центар Активум од Куманово. Иницијативата е дел од Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 2 (ReLOaD2), која ја финансира Европската Унија (EU), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP).

Остани поврзан