МИА на американски фудбалски меч - атмосфера на спорт, театар и музика
- Мечевите од лигите на aмериканскиот фудбал се во полн ек. Сезоната на колеџ натпреварите започна на 24 август, a плејофите започнуваат при крајот на ноември до 20 декември. Посебнo возбудливи се колеџ натпреварите пред чии почеток се организираат повеќе настани со учество на родителите и пријателите на играчите. Дописникот на МИА беше на еден таков натпревар во саботата и разговараше со Треј Хајес, надежен примач на топки (Wide Receiver) од Вирџинија чиј родител е со македонско потекло од прва генерација.
Њупорт Њус, 17 септември 2024 (МИА) - Мечевите од лигите на aмериканскиот фудбал се во полн ек. Сезоната на колеџ натпреварите започна на 24 август, a плејофите започнуваат при крајот на ноември до 20 декември. Посебнo возбудливи се колеџ натпреварите пред чии почеток се организираат повеќе настани со учество на родителите и пријателите на играчите.
Дописникот на МИА беше на еден таков натпревар во саботата и разговараше со Треј Хајес, надежен примач на топки (Wide Receiver) од Вирџинија чиј родител е со македонско потекло од прва генерација.
На колеџ натпреварите најверните фанови - родителите на играчите обично организираат “тејлгејтинг”, со пикник и скари со часови пред да започне мечот. Терминот потекнува од практиката со поставање настрешници и маси зад возилата на паркингот до стадионот во атмосфера на вжештени дискусии меѓу родителите за играчите и сезоната, навивање и пеење песни, но и раздавање и продажба на мајци и сувенири за подршка на клубот.
Така беше и во саботата во кампусот на Универзитет Кристифор Њупорт од Вирџинија каде домаќините го пречекаа тимот на Џон Хопкинс од Мериленд.
На непосветен набљудувач натпревар на американски колеџ или професионален фудбал ќе му изгледа хаотично, со многу насилни туркања, судирање и паѓања на играчите во кациги, постојани свирежи на судиите и запирања на часовникот. Како шлаг на цел овој пудинг од бои и врескање од публиката се мажоретките кои ја бодрат домашната публика со навистина одлични танцувачки и акробатски точки и со навивачки песни и восклици. Тие се придружени од голем оркестар со посебно место резервирано на трибините што парадира за време на паузата управуван од диригент, но и од маскотата, во овој случај капетан Њупорт. Атмосфера која што колку создава спортски дух толку е и театрално-концертна. Не знам како оваа експлозија од бои, оркестри, восклици и акробатика би поминала за строгиот и фокусиран фан на Барселона или Тотенхем, но знам дека “сокер” (Soccer) фановите ретко се мешаат со оние од американскиот фудбал.
Правилата и условите донекаде се слични меѓу европскиот и американскиот, но разликата е значајна. Полето за игра е 120 јарди (речиси 110 метри) долго и 100 јарди широко. Целта е да се пренесе топката (не правилно кружен, но издолжен сфероид, со посебна техника за фрлање и примање) колку што е можно подлабоко во противничката половина. Во еден напад напаѓачите имаат право на четири паѓања на топката (Downs) на полето за да ја пренесат топката барем 10 јарди подлабоко во противничкото поле за да се поентира. Гол може да се постигне и со удар на нога ако топката помине низ на столб подигнатите пречки на противничкиот гол (тоа се нарекува Field goal, вреди три поени и обично го прави само еден играч задолжен само за шутирање - Kicker). Или со прецизни додавања и вешти примања со раце, агресивно туркање и брзо трчање и бранење од налетите на напаѓачките играчи, да се пренесе до крајот на полето и да се постигне тачдаун (вреди шест поени). Натпреварот трае 60 минути поделени на четири дела со 12 минути пауза меѓу втората и третата четвртина.
Конечно, донекаде е претерување да се каже дека се работи за класична фудбалска (football) игра, кога топката ретко се удира со нозе и исходот на мечот најмногу зависи од нејзино додавање со раце. Оттука, американскиот футбал би бил многу посличен на спортската дисциплина ракомет отколку на европскиот фудбал.
Треј Хајес е еден од понадежните играчи од Вирџинија и годинава влезe во Сеамерикансата селекција на Д3 играчи која годинава е составена од околу 70 играчи. Поради брзината на трчање примачот обично игра и како Return Specialist. Хајес има постигнати брзина од 21,5 миљи на час, што се смета за големо постигнување. Тој има шанса да добие договор за учество во втората Д2 лига од НСАА и ако таму покаже резултат, може да избие и во првата професионална НФЛ лига. Во 2020 година играше во приватен колеџ во Илиноис за Д1.
-Противникот сепак беше многу поорганизиран и покомпактен и успеа да направи два тачдауна, изјави тој веднаш после мечот.
После секој тачдаун напаѓачкиот тим добива есктра удар во голот кој вреди еден поен.
Финалниот резултат меѓу Кристофер Њупорт-Џон Хопкинс е 3-14. Домашниот тим се надева да надокнади со победа на останатите игри во оваа сезона. кб/ац/
Фото: МИА