• петок, 22 ноември 2024

МЗШВ: Ги продолжуваме преговорите со синдикатите за креирање на нов колективен договор во интерес на сите вработени

МЗШВ: Ги продолжуваме преговорите со синдикатите за креирање на нов колективен договор во интерес на сите вработени
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Посветеноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за унапредување и почитување на правата од работен однос на вработените во Министерството, во изминатите пет години е потврдена и со конкретни резултати, велат од МЗШВ. Оттаму потсетуваат дека уште во првите денови од промената на власта во 2017 година, почнале преговори со синдикатите за склучување на колективен договор, со единствена цел – да се решат долгогодишните барања на синдикатите за зголемување на платите на припадниците на шумската полиција за 30 отсто. - Сериозниот пристап во овој процес резултираше со обезбедување на финансиски средства во буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за овозможување на овие права на припадниците на шумската полиција. Меѓутоа, спротивно на начелата на градење на доверба и конструктивна соработка со синдикалните партнери, заради унапредување на правата на вработените во МЗШВ, синдикатите потписници на Колективниот договор за вработените во МЗШВ, без спроведување на законска постапка склучиле незаконит колективен договор со тогашниот министер. Доколку истиот продолжеше да се применува ќе предизвикаше долгорочни негативни последици врз остварување на основните права од работен однос на вработените во МЗШВ, велат од Министерството. Според МЗШВ, страните при склучување на Колективниот договор за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство постапиле спротивно од одредбите на Законот за работните односи кои ја уредуваат постапката за склучување на колективни договори, членовите 225 и 231 став 1, 2 и 3, односно, без претходна потребната согласност од Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија за обезбедување на буџетските средства кои произлегуваат од обврските кои ги презел работодавецот при договарање на правата од работен однос уредени со колективниот договор. - Страните при утврдување на правата од работен однос наведени во Колективниот договор коишто имаат фискални импликации ги утврдиле спротивно на член 7 став (2) од Законот за буџети и член 4 од Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година со тоа што буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или да направат расходи над одобрените средства со Буџетот на Република Северна Македонија, истакнуваат од Министерството. Според МЗШВ, за нереалните права овозможени со колективниот договор, пример се правата за вработените во МЗШВ по основ на јубилејна награда во висина од 200 отсто, 250 отсто, 300 отсто од просечната плата, кои во време на економска и енергетска криза кога сите граѓани, стопански субјекти, владини и невладини организации се трудат да придонесат со своите постапки за полесно справување со кризата, синдикатите потписници на договорот незаконски ги бараат исплатите со буџетските средства за надоместоци и до 300 отсто од просечната плата, на штета на целиот буџет на државата и граѓаните. - Во таа смисла, Државниот инспекторат за труд како институција која има надлежност за надзор над примена на овластувањата за потпишување на колективни договори, спроведе вонреден инспекциски надзор и донесе мерка со која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да ги отстрани недостатоците и неправилностите утврдени при вршење на инспекцискиот надзор и да спроведе законита постапка за склучување на колективен договор, велат од Министерството. Од МЗШВ информираат дека во изминатиот период во просториите на Министерството во повеќе наврати се одржале состаноци со претставници на Синдикатот на УПОЗ, со цел изнаоѓање на заедничко решение за надминување на настанатата ситуација. -Меѓутоа, синдикатот не отстапи од своите позиции за постигнување на усогласување во делот на одредбите од колективниот договор, со кои се овозможени права со значителни фискални импликации за кои не биле обезбедени средства во буџетот на министерството ниту во време на склучување на колективниот договор, ниту се обезбедени во буџетот на министерството за 2022 година, велат од МЗШВ. Од Министерството истакнуваат дека во периодот што следи ќе ги информираат сите надлежни институции и ќе ги продолжат преговорите со репрезентативните синдикати за склучување на нов колективен договор, во законска постапка со почитување на сите прописи и начела на колективното договарање. - Со тоа Министерството ќе им ги овозможи сите права на вработените во МЗШВ кои се реални и потребни, со цел да биде правилно и соодветно вреднуван придонесот на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потенцираат од МЗШВ. ир/сп/

Остани поврзан